Борко Лазески (, - , ) — македонски академски сликар. Тој бил еден од првите апстрактни сликари во Македонија. Најпознат е по своите фрески изведени во Скопје, Кичево, Велес, Град Мексико итн. Исто така, тој е автор на повеќе мозаици.

Во неговите дела доминираат остри прекршени линии чии контури ги обрабуваат широките полиња на масовните сцени на неговите композиции. Лазески сликал и масло на платно, а најмногу е познат по своите мурали, главно со тематика од Илинденското востание и од НОБ. Така, со својот мурал во поранешната железничка станица во Скопје, тој се стекнал со слава во рамките на Југославија. Меѓутоа, тоа дело било уништено за време на катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Во јануари 2013 година, во пожарот што ги зафатил просториите на централата на Македонска пошта бил уништен уште еден негов мурал."Може да се обнови муралот на Борко Лазески", Дневник, година XVII, број 5 068, 18 јануари 2013, стр. 16.

Животопис

Академскиот сликар Борко Лазески е роден во Прилеп на 22.10.1917 година од мајка Марија и татко Никола Лазески. Уште како дете тој пројавува интерес кон убавото и во молерската работилница на својот татко ги разоткрива ликовните простори, за понатаму, во својот растеж, да навлезе длабоко во уметноста. Значаен и многу важен момент во неговиот живот е контактот што го воспоставил со учителот Велебит Рендиќ. Овој учител, уште во текот на основното образование му ја открива дарбата за сликање, а воедно и го подготвува за прием во Уметничката школа во Белград. Рендиќ во Прилеп ги донесува и првите книги од областа на ликовната уметност, театарот и музиката. Пред заминувањето во Белград, по инструкциите на својот учител, Лазески приспособува една просторија како ателје и во неа ја подготвува композицијата “Бистата на кралот Петар” (1933 г.), која требаше да му послужи како виза за големиот град. Починал на 16 јуни 1993 година во Скопје.

Почетоци во ликовното творештво Неговите почетоци на платно се засновани врз цврста животна објективно-постоечка граѓа, демонстрирајќи го длабокото човечко неспокојство и револт на еден тукушто роден уметник. Од овој период датираат следниве дела: Стари куќи во Прилеп Ентериер Стари куќи Ручек (1936).

Исто така, од овој период значајно е да се спомнат и неколку мали цртежи: Трета класа, креда 1936 Работници ручаат, молив 1936 Кука и мотика 1936-1937

Од овие дела посебно се издвојува цртежот Кука и мотика, пред сè со ангажираната нота и силата на ликовната експресија. Во овој цртеж на Лазески се наговестуваат неговите идни мурали, кои стилски се поврзуваат со големите уметници Сезан и Ван Гог, како и со неговите професори.

Школување во Белград Во 1933/1934 година Лазески се запишува на Уметничката школа во Белград, каде му предаваат повеќе професори, меѓу кои: Бета Вуксановиќ, Љуба Ивановиќ, Никола Башевиќ, Мило Милуновиќ и други. Во совладувањето на цртачката вештина, му помогнал професорот Љуба Ивановиќ.

За време на летните распусти, Лазески се враќа дома и продолжува да слика. Од овој период датираат:

Циклусот “Мариово” составен од 32 цртежи со туш и молив (1936) Демонстрации во Белград (1937) Циклусот Пештански рибари (1939) Слика Охридски рибари (1939)

Во 1937 година во Народниот универзитет во родниот Прилеп, Лазески одржува предавање на тема: “Уметноста и општеството” во кое ја развива својата теорија за релацијата уметност-општество од Алтамира до 1937 година. Тоа е уметност, која според Лазески, “сака да ги соедини срцата на сите припадници на работничката класа”. Во морничавите превирања на предвоените години, Лазески станува хроничар на времето, и сè повеќе, ангажиран сликар. Во периодот на идеолошки дилеми и конфронтации во Југославија, Лазески, интуитивно впивајќи ги широките духовни простории на византиската естетика, ќе помине низ сите предизвици и искушенички замки на новите форми во уметноста. Уметноста како колективна привилегија, бенефиција за сите луѓе и како начин на живеење, станува негова девиза за време на дружењето со членовите на групата “Живот” во Белград.

Запишување на академија во Софија Со почеток на војната Лазески ги прекинува започнатите студии во Белград и го продолжува школувањето во Бугарија, на Државната уметничка академија во Софија, во класата на професорот Никола Танушев-Ганев, кој е типичен претставник на академските реалисти. Оваа академија, нема никакво влијание врз изградбата на Лазески како уметник, така што не остава никакви траги на неговиот развој. Во 1943 година Лазески дипломира на споменатата академија, а потоа се враќа во својата земја и се приклучува кон ослободителното движење.

Уметничкото изразување и творење за време на НОВ Во неповолните услови предизвикани од воениот вител на Втората светска војна, Лазески започнува самостојно уметничко изразување со циклусот цртежи од НОВ, преку кои ги изразува своите револуционерни идеи и идејалите од најраната младост. Тој го скицира животот и амбиентот на партизаните и заедно со своите колеги-уметници од цела Југославија станува хроничар на настаните, ситуациите и психолошките состојби на времето. Допирот со војната, како сведоштво на болка и немоќ, ќе резултира, пак, со цела низа скици, во кои тој мошне искрено ќе ги забележи интимните и драматични моменти и настани. Овие цртежи ќе одиграат пресудна улога во неговото подоцнежно сликарство. Од овој период, значаен за историјата на тогашна Југославија, зачуван е неговиот опус од десетина цртежи и тоа:

Болен; Двајца другари; На спиење; Сон; Чистење вошки; Курирче; Очај; Крај Берово; Пренесување на ранет партизан; Партизанска почивка; Бегалци.

Исто така, од овој период значајно е да се спомене изработката на првиот портрет на Тито во Македонија, кој подоцна се отпечатува во поголем број на примероци и се растура меѓу партизаните.

Специјализација во Париз Со конечното ослободување на земјата, желбите на Лазески почнуваат да се изразуваат во просторот на слободната креативност, но овој простор за уметникот е претресен, па во 1945 година стигнува во метрополата на светските уметнички настани- Париз, како стипендист на француската влада. Во почетокот на 1945 година се запишува на Високата национална школа за ликовна уметност (École Nationale Supérieure des Beaux-Arts), во ателјето за фрескосликарство на Дикос де ла Ај (Dukos de la Haille), од која има оригинално свидетелство. Тука ги проучува монументалните техники, што подоцна ќе станат негова уметничка определба.. Во студиото на Дикос де ла Ај, Лазески ги изработува следниве мурали:

Глава на жена; Предачка; Риба; Стрелани; Стрелиште; Бегалци; Паднат борец; Освен на Високата школа за ликовна уметност во Париз, Лазески работи на витражи, фрески и мозаици во ателјето за витражи Momaijean, со што финансиски закрепнува и со тоа го продолжува престојот во овој град. Набрзо дознава за големиот теоретичар Андре Лот. Откако ќе го проучи неговото мајсторство, т.е. неговите трактати и студии на современата уметност, тој ќе се запише во неговото познато ателје на Rue D’Odessa, во кое доаѓаат уметници од цел свет. Во неговото оформување како автор, клучна улога има Андре Лот. Лазески истовремено ја проучува и ликовната теорија следејќи ги часовите на Академијата, а исто така работи и во ателјето на Андре Лот.

Во ателјето на Андре Лот Еден дел од делата кои Лазески ги изработува во ателјето на Андре Лот се изложени на изложбата “Седум сликари и вајари од шпанската фондација” во Париз 1948 г. Сепак истите не може да ги прикаже ни повеќе години по неговото враќање во татковината, зашто по ослободувањето, единствена насока што се поддржува во Македонија е социјалистичкиот реализам. Другиот вид на уметност се третира како граѓанска уметност.

Дела со социјална содржина создадени во текот на специјализацијата во Париз За време на специјализацијата во Париз, Лазески прави и неколку цртежи со социјална содржина. Тоа се следните дела:

На работа; Плажа; Партизан; Работничко семејство Француски рибар; Истовремено, Лазески слика и предели, инспирирани од урбаниот простор и привлечната атмосфера на Париз. Тоа се следните дела:

Портокал; Смокви; Пејзаж со зелено небо; Плоштад во Париз; Нотр Дам; Мост на Сена и др. Во овие дела се работи за сосем поинаков период, ослободен од ангажираната проблематика и од чисто ликовните претпоставки. Тие се насликани со ситни и куси прози и не оставаат место за трета димензија. Боите во овие цртежи се неутрални, пастелни и нежни.

Враќање и творење дома По враќањето од Париз на домашното поднебје, Лазески се сретнува со своевиден антагонизам. Тоа се всушност најтешките години на социјалистичката уметност на домашната сцена, кога се осудува модернизмот, а западното влијание се формулира како декадентно. Од овој период, како резултат на опшествено-политичките и културно-уметничките услови, датираат следниве уметнички композиции:

Зима-Црниче; Зима во Скопје; Мостот на Вардар; Појадок; Преспа; Златоврв и др.

Треба да се нагласи дека во овој период особено внимание кај публиката привлекуваат пределите во кој се гледа ведрото и свечено расположение кај уметникот кај убавите предели во родниот крај. Овие нежни чувства особено преовладуваат во делата:

Преспанско Езеро и Лазарополе Овој период е еден од најтешките во творечкиот опус на уметникот, кога не му се прифаќаат ниту најискрените реализации од времето на НОВ, а уште помалку ликовното искуство од Париз. Во овие уметнички дилеми и неизвесности во периодот од 1951/52 година, тој насликува неколку дела со фолклорни мотиви и илустративни особености. Тоа се следниве дела:

Бојаџии од Сушица Лазарополка Русалија Девојче што плете Мајо. Најчесто споменувано дело во овој период е платното Бегалците од Егејска Македонија. Лазески пред мозаикот во Офицерскиот дом заедно со синот Венчо во раце, кој го изработувал во 1955 г., а бил уништен за време на земјотресот во Скопје До поголема конфронтација во врска со тоа како треба да изгледа современата уметност во социјалистичкото општество доаѓа со формирањето на првата ликовна група со револуционерна програма во Македонија. Тоа е групата “Денес” составена од сликари и вајари меѓу кои: Борко Лазески, Љубомир Белогаски, Димитар Кондовски, Димче Протуѓер, Божин Барутовски и др. Главно мото кон кое се стреми оваа група е користење на современите ликовни достигнувања во светот и создавање на наша современа уметност, како и борба против застарените ликовни разбирања. Поради тешките околности што ги создаваат и самите ликовни уметници кои се надвор од групата “Денес” се распаѓа со завршувањето на вториот настап. Лазески како еден од основачите и идејните предводници на групата го добива епитетот “најизразит претставник на модерната насока”.

Во овој период Лазески е голем поборник и прокламатор на новите идеи, и покрај сите отпори на тогашната ликовна клима тој се зазема за доближување на уметноста до народот.

Фрескосликарство Во исто време кога ги води овие полемики, Лазески ја започнува и работата на својот монумент- фреската во Железничката станица во Скопје, каде не само што теоретски ги брани своите идеи туку му се дава можност, нив да ги докаже на монументалните површини во станичната просторија. Во ова дело Лазески ги покажува своите способности на ликовен план, истовремено ги остварува и идеите за кои се залагал за време на полемиките.

Илинден 1903 (фреско-боно, 1950, 2,6 x 5,2) Изработката на ваква фреска е прв ваков зафат во нашата земја. Таа е посветена на величествениот настан од 1903 година, Илинденско востание. За локација е избран ѕидот во холот на Домот на ЈНА во Скопје (за време на земјотресот оваа фреска беше уништена).