Точкеста линцура (латински: Gentiana punctata) — незагрозен вид на цветни растенија од фамилијата Gentianaceae. Расте во Средна и Југоисточна Европа на надморска височина од 1.500−2.600 метри. Таа е висока 20−60 cm.

Опис Повеќегодишно тревесто растение 20–40 цм високо, со задебелен ризом. Стеблото вертикално, неразгрането, цилиндрично или со слабо изразени рабови, во горниот дел светло или темновиолетово, во долната половина светлокафеаво или жолтеникаво. Најдолните базални листови елиптични со мали димензии, 2–6 цм долги, 1,5–2,5 цм широки со куси дршки, над нив во базалниот дел се развиваат широко јајцевидни или јајцевидно копјести листови, 7–13 цм долги, 3–6 цм широки, во врвниот дел обично заострени или заоблени, во основата издолжени во лисна дршка која ракавичесто го опфаќа стеблото, со 5–7 јасно изразени жили. Најгорните стеблени листови се под соцветието јајцевидни или јајцевидно-копјести, обично приседнати и со помали димензии. Цветовите се приседнати, собрани во врвни главичести соцветија или во пазувите на горните стеблени листови, во привидни пршленести соцветија. Чашката ѕвончевидна, со 5–8 зелени, исправени запци. Венчето е долго 25–35 мм, ѕвончевидно жолтеникаво-зелено, со темновиолетови точки, со 5–8 јајцевидно-затапени сегменти, покуси од венечната трубичка и со 5 многу куси, затапени израстоци меѓу венечните сегменти. Антерите од прашниците во почетокот сраснати, подоцна слободни, со тенки филаменти со должина 8–10 мм. Плодникот со кусо столпче и два проширени жига. Плодот е приседната елиптична кутијка со обли семки, со широко ципести крилца.Владо Матевски: Флора на Република Македонија, том II, св. 1, стр. 33-34 издавач: МАНУ, Скопје, 2010

Во Македонија Во Македонија расте по планинските пасишта, покрај планински потоци, на камењари, покрај карпи, на надморска височина од 1800–2550 метри.

Познат за Јакупица – Бегово Поле, Салакови Езера, Пелистер – Дебел Рид, Големо Езеро, Марушица, Мало Езеро, Ниџе, Кајмакчалан. Се посочува за Пелистер од 1844 година, и за Шар Планина.

Наводи

Надворешни врски

Kvetiny.atlasrostlin.cz

Категорија:Незагрозени видови според МСЗП Категорија:Флора на Македонија Категорија:Лековити растенија Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј