Казабалкан е драмско дело напишано 1997 година од македонскиот драматург Горан СтефановскиПоетиката на новите драми на ГоранСтефановски.
Ликови и сцени
„ Казабалкан “ е драма, театарска пиеса составена од два дела.
Посветена е на Патриша, Игор и Јана
Лица:
•Зора
•Константин
•Јана
•Мик
•Гавро
•Лука
•Праџапати
•Тања
•Дуде
Драмските текстови Казабалкан, Евроалиен и Хотел Европа, од Горан Стефановски, се фокусираат на интеракцијата помеѓу ликови кои им припаѓаат на различни социокултурни контексти. Дејството најчесто ги прикажува ликовите во мигот на самото преместување, во текот на преминувањето на границите, или непосредно пред или по тој чин. Тоа се ликови кои се обидуваат да ги преминат границите, да се населат во друга средина, или кои веќе се дислоцирани, во азилантски институции, и притоа доаѓаат во судир со спротивност на она што Лис Иригаре го нарекува отворање на сопствениот познат свет за добредојде кон странецот, при што се останува свој, а на странецот му се допушта да биде друг, низ соочување со ликови кои ја претставуваат доминантната група, но едновремено, најчесто и самите го редуцираат другиот на сопствените претстави за него и само ретко се доближуваат до она што Иригаре го нарекува трансцендирање на Ти како друг, отвореност за коегзистенција без редукција на другиот на сопствената претстава за нејзе/него. „Другиот никогаш не е она што му/ѝ го припишуваме нему или нејзе“, вели Лис Иригаре, во Помеѓу Истокот и Западот. Но, бидејќи не е во нашата природа да го препознаеме Ти како несводливо на Јас, како нешто што ни се измолкнува во својот тоталитет, ние стремиме кон тоа да го редуцираме другиот на нашата претстава за нејзе/него. Промислувањето на другиот како наш, наметнат од појавата на миграциите и глобализацијата, многу често се сведува, вели Иригаре, на објект на проучување, чија цел е интеграција на другиот во доминантната култура. Резултат на тоа е избегнување на средбата со странецот: „Ние не бараме начин за кохабитација или коегзистенција меѓу субјекти од различна но еквивалентна вредност. Ние го губиме дијалогот со едно Ти кое е несводливо на нас, со мажот или жената што никогаш нема да бидат Јас, ниту мене, ниту мои. И кои, токму поради таа причина, можат да бидат некое Ти, некој со кого Јас се разменува без да врши редукција на Тој или Таа на Себе, ниту пак редукција на себеси на Тој или Таа“ (Иригаре 2007, 281). Во својата критика на логиката на идентитетот, Ајрис Мерион Јанг говори за функционирањето на таа логика преку одрекување или потиснување на разликата, па оттаму „ја избегнува богатата партикуларност на искуството и нејзината неодреденост и се обидува да создаде стабилни категории“, сведувајќи го различното слично на еднакво. Како еден од парадоксите на идентитетот, Јанг го посочува тоа што тој, од една страна, го сведува различното слично на еднакво, додека пак „простото различно го претвора во апсолутно друго“. Во ваквото функционирање на логиката на идентитетот лежи создавањето дихотомија наместо единство, при што едниот поим, во бинарната спротивност, означува нешто што е добро, обединето и еднакво на себството, додека другиот е надвор од обединетата целина како „хаотично, необликувано и променливо кое секогаш може да ја пречекори границата и да го уништи единството на доброто“ (Јанг 2005, 121, 123). Кохабитацијата или коегзистенцијата меѓу субјекти од различна но еквивалентна вредност, низ дијалогот со едно Ти кое е несводливо на нас, со кое Јас се разменува без да врши редукција на Тој или Таа на Себе, ниту пак редукција на себеси на Тој или Таа, Иригаре ја нарекува трансценденција на Ти како друг и напомнува дека не е дел од практиките на нашата култура, во која, во најдобар случај, се остварува почитување на другиот во име на толеранцијата, или препознавање.