Свети Бессребреници Кузман и Дамјан или Свети Врачи () — црква во градот Сер, Егејска Македонија. Влегува во состав на Серско-нигритската епархија на Цариградската патријаршија.
Храмот се наоѓа во маалото Катаконози во источниот дел на градот. Годината на изградба на првичната црква е непозната. Серскиот летописец поп Синодин Попсидеров во 1619 г. пишува за парохија на „Св. Бессребреници“. Натпис во припратата вели дека е одновоо преизграден во 1817 г. од Димитриј Атанасиу.
На постоењето на постара црква укажува тоа што градбата е пониска од патот и од откриените темели на длабочина од 8 метри. Втор натпис врз надворешниот североисточен агол исто така говори за општа обнова на црквата.
Трет натпис во нартексот вели дека само по 50 години црквата била уништена во пожар и наполно обновена. Натписот е датиран 30 мај 1867 г.
Веројатно во истата 1867 г. на храмот работеле мијачките зографи Христо, Исаија, Кузман и Серафим Фрчковски. Иконата „Неверен Тома“ (1856) е дело на зографот Јаков Мелнички. На икона на св. Јован Крстител, над главата на светецот е ставена тепсија со полуизбришан кирилски натпис на еден ред, кој е речиси целосно уништен, и едвај се читаат само последните два збора „КРТТЛѦ ГПДНѦ“, т.е. КРЬСТИТЕЛѦ ГОСПОДНѦ. На друга икона има натпис со името Воден: „ΔΙΆ / ΣΥNΔРОМНS / КАÌ ΔАПΆNНS TωN / ΛАТРАПΆZIΔωN BOΔENON / ... εrς μνημόσυ(ν)... αυτων... 1868 μαιυ – 20“ (Со соработката (помошта) и на трошок на... Воден / За спомен ... 1868 мај, 20).
Храмот се спасил во големиот пожар за време на Втората балканска војна во јуни 1913 г., задржувајќи го обликот од 1867 г. Во реставрацијата од 1998 г. е откриено дека наосот е изграден од редови камен и тула, а нартексот само од тули. По облик градбата е трикорабна базилика со седлест покрив и димензии 24 м во должина, 14 м во ширина и 8 м во висина. Покривот однатре има ниска слепа купола која не излегува низ покривот. Шестаголната камбанарија има пет ката и висока е 20 м, изградена во 1892 г.
Во внатрешноста има 12 столбови високи 6 м. Дрвениот таван има геометриски форми. Олтарот има три ниши. Иконостасот е резбан и позлатен, изработен од месни мајстори во 1867 г. со четири реда икони. Од истото време се и владичкиот престол и амвонот. Проскинитарите, свеќниците и клупите се нови. Има пет кристални полилеи и четири големи свеќници — два мермерни и два бронзени од 1871 г. Храмот има стотина пренослливи икони од XIX век, од кои голем број се со голема уметничка вредност. Црквата е живописувана од 1867 до 1870 г. со убави фрески, чии натписи даваат вредни информации за серските еснафи.
Во 1990 г. црквата е прогласена за заштитен споменик на културата.
Поврзано Серско-нигритска епархија
Наводи
Надворешни врски
Бессребреници Бессребреници, Сер Категорија:Споменици на културата во Сер Категорија:Појавено во 1817 година Бессребреници, Сер