Дијабетична кетоацидоза (ДКА) е потенцијално животозагрозувачка компликација на дијабетес мелитус. Знаците и симптомите може да вклучуваат повраќање, абдоминална болка, длабоко и забрзано дишење, често мокрење, слабост, конфузија и повремено губиток на свест. Некогаш се јавува специфичен мирис на ацетон во здивот. Симптомите се јавуваат брзо. Лицата без претходна дијагноза на дијабетес може да развијат ДКА како прв очигледен симптом.

ДКА најчесто се јавува кај лица со тип 1 дијабетес но може да се јави и кај другите типови под одредени околности. Тригери може да бидат инфекција, нередовно и неправилно земање на инсулинот, мозочен удар и одредени лекови како стероиди. ДКА се јавува како резултат на недостиг на инсулин во организмот; поради што започнува процес на разложување на масните киселини и создавање на кетонски тела. ДКА вообичаено се дијагностицира врз основа на високо ниво на гликоза во крвта, ниска pH на крвта и присуство на кетокиселини во крвта или урината.

Примарниот третман на ДКА вклучува интравенски течности и инсулин. Во зависност од сериозноста, инсулинот може да биде даден интравенски или поткожно. Вообичаено, се дава и калиум со цел да се превенира развојот на хипокалемија. Во текот на третманот, треба да бидат следени нивото на гликоза и калиум во крвта. Треба да биде идентификуван причинителот на ДКА.

Стапката на ДКА е различна во разни делови од светот. Во Обединетото Кралство, околу 4% од луѓето со тип 1 дијабетес развиваат ДКА секоја година, додека во Малезија 25% од луѓето со тип 1 дијабетес развиваат ДКА секоја година. ДКА прв пат била опишана во 1886, и до воведувањето на инсулинската терапија во 1920-те, била речиси универзално фатална. Ризикот за смртност со адекватен и навремен третман е помеѓу <1% и 5%.

Наводи

Категорија:Шеќерна болест