Спорот околу името помеѓу Република Грција и Република Македонија опфаќа неколку прашања главно обединети околу името Македонија, етничкото потекло на населението што живее во оваа земја, како и ословувањето на јазикот кој тоа го користи. Засилувањето на спорот се проширува до такви рамки што неговото решавање вклучува и учество на меѓународни медијатори од највисоко рамниште.
Спорот, во главно, е плод на несогласувањето на Република Грција да го прифати уставното име Македонија. Привременото решение „поранешна Југословенска Република Македонија“ (во англиската верзија " the former Yugoslav Republic of Macedonia"), покрај Република Грција, го користат и неколку други земји кои не го признаваат уставното име на Македонија. Сепак сите членки на Обединетите Нации, и самиот ОН како целина, се согласни да го прифатат решението што ќе произлезе како резултат на меѓусебните разговори на двете земји.
Сегашните граници на Република Македонија се повлечени во 1946 година кога Народна Република Македонија станува дел од ФНРЈ. И остануваат исти до ден денешен. По осамостојувањето од Југославија во 1991 година, Македонија бара признавање под уставното име во Обединетите Нации, врз основа на извештајот на Бадентеровата комисија. Република Грција се спротивставува на меѓународното признавање на Македонија под уставното име, и тоа по неколку основи: Уставот на земјата, знамето и името. Со цел да го спречи признавањето на Македонија, Република Грција како земја членка на Европската Заедница, извршува притисок врз останатите земји членки преку Лисабонската декларација, која забранува какви било територијални претензии кон Република Грција, непријателска пропаганда или, воопшто, користење на терминот Македонија од страна на Република Македонија.
Поголемите политички партии на 13 април 1992, се согласуваат дека зборот Македонија не може да биде вклучен во ниту една форма во името на Република Македонија. Грчката дијаспора исто така се мобилизира, вршејќи силен притисок во Соединетите Американски Држави и Канада.
Република Македонија под своето уставно име аплицира за членство во Обединетите Нации на 30 јули 1992 година. Од официјалната апликација до официјалниот прием, предизвика дипломатска бура во ОН како и во балканското соседство. Во меѓувреме додека се чека признавање од ОН, Бугарија, Хрватска, Литванија, Словенија, Турција, Белорусија ја признаваат Македонија како Република Македонија. Растегнувањето на признавањето има сериозни импликации врз состојбите во Македонија.
Земајќи ги предвид состојбите во Хрватска и Босна и Херцеговина, станува повеќе од потребно Македонија да се стабилизира, па ова станува и дел од приоритетите на меѓународната заедница. Разградувањето на ситуациите во поранешна Југославија, предизвикаа за првпат ОН да создадат превентивни мировни трупи; истите се испратени во Босна и Херцеговина.
Историска позадина на спорот Македонија преку чија територија поминуваа патиштата што водат од Средна Европа кон Блискиот Исток всушност претставува не само сообраќаен, туку и стратешки јазол. Долината на Вардар ја има предноста што од север преку Моравската долина води до големиот Солунски Залив, од каде преку Егејското Море завлегува на исток кон долината на Струма и на запад преку Албанија до Јадранско Море. Оттука за Македонија не се борат само младите балкански држави кои сакаат со Македонија да ги зголемат својата територија и бројноста на населението, но и големите – Австрија, Русија, Англија и Турција - чиј стремеж да играат клучна улога во структуирањето на Балканот ќе се манифестира токму преку нивните територијални претензии кон Македонија.
Безбројните извори (книги, статии, студии, дипломатски преписки..) јасно сведочат дека не само балканските, туку и европските влади ѝ посветувале внимание на Македонија. Во европската историја тешко е да се најдат слични примери толку да се пишувало и расправало за националниот карактер на еден народ, каков што е случајот со Македонците.
Оваа преокупација околу националниот карактер на Македонците произлегува од определени политичко-стратешки интереси - и тоа не само на балканските националистички кругови, туку и на големите европски сили (во прв ред на Австрија и на Русија), кои во трката за завладување на Балканот, настојуваат да ја вклучат и Македонија во својата интересна сфера, поради нејзината погодна географско-стратешка положба.
Принцип на народноста и самоопределувањето на Македонците Бидејќи Македонците главно претставуваат импозантно мнозинство од населението, заинтересираните страни ги ангажираат сите свои сили, вклучувајќи ја тука и науката, за да ги прикажат нив било како Бугари, Грци или Срби, за да го имаат на своја страна при решавањето на македонското прашање и принципот на народноста.
Бугарските, грчките, српските, романските и мнозина европски писатели даваа контроверзни сведоштва за Македонија и нејзиното население. Поради тоа, подоцна и многумина се прашуваа (таков е случајот со Рене Пинон и Едмонд Буше), дали е воопшто можно, во овој галиматијас на докази, да се дојде до една вистина за Македонија и Македонците: самиот термин Македонија станува, во Западна Европа синоним на кулинарски вештини, на карташки игри, па дури и еден вид литерарен правец во Франција беше наречен со тоа име.
Имено, контроверзните “докази" за Македонија, со што e преокупирана европската јавност, им даваат поттик на некои духовити француски умови да го искористат терминот “Масеdoinе" во сосема практични цели. Со ова име тие не ја нарекоа само салатата составена од разновиден зеленчук или компот составен од разновидно зашеќерено овошје, туку и една игра со мешани карти. Дури, со ова име го нарекоа и еден вид литературни приредби што се одвиваа во цитирање на поезија и проза.
Балканските пропаганди во Македонија
Дискусиите околу националноста на Македонските Словени, во европскиот свет започнуваат со прашањето: Дали се ова Грци или Бугари? а не Дали тие претставуваат нешто трето и посебно? Тезата која малку подоцна се оформи од српските националисти дека Македонците се Срби, уште не се поставуваше, бидејќи самата српска влада, си до смртта на кнезот Михајло 1868 година пред себе имаше други цели и разбирања.
Меѓутоа и ваквото поставување на прашањето произлегува не од фактот дека тие навистина се Грци или Бугари, туку од замрсеноста на проблематиката што произлегува од една страна, од етничкиот состав на населението, а од друга, од турскиот начин на поделба на населението не врз етничкиот принцип, туку врз црковната припадност. Бидејќи Македонците се под Цариградската патријаршија и како такви припадници на “грчката" вера, а по својот етнос Словени, тоа грчките и бугарските националисти сакаат да го искористат на свој начин, секој за своите интереси. На едните им пречи словенскиот етнос, на другите - црковната припадност.
Грчките националисти кои сонуваат за нивната Голема Идеја, во ова време почнуваат да тврдат пред Европа дека Македонците се пословенчени Грци, па според тоа и припаѓаат на грчката народност и држава. Бугарските пак водачи, поттикнувани од руските словенофили, тврдат обратно, дека тие како Словени не можат да бидат Грци, туку се Бугари. Меѓутоа, додека едните “докажуваат" дека македонските Словени се Грци, а другите дека се Бугари, од самата македонска средина почнуваат да се појавуваат луѓе кои на прашањето што се: Бугари или Грци? одговараат дека не се ни Грци ни Бугари, туку Македонци, потомци на старите Македонци и Словените.
Бугарските пропагатори удираат со голема жестина по ваквите македонски произнеси. Во овие настапи тие имаат силна поддршка и од грчките националисти. Изјавите на Македонците за физиолошката врска со древните Македонци (видете и Античка Македонија и Македонски извори за македонскиот идентитет), се слабата точка која тие ја користат за своите напади. "Како тоа денешните Македонци од словенско потекло да се викаат Македонци и своето потекло да го извлекуваат од древните Македонци, кога во времето на Филип и Александар Македонски ниту во Македонија, ниту на Балканот имало Словени, кои на овие простории се населиле дури на крајот на 6 и во почетокот на 7 век?" Бугарските националисти се обидуваат пред светот да докажат дека тука се работи за гркофилски настроени луѓе, кои од свои посебни интереси се декларираат со “грчкото" име Македонци. Во овие македонски истапувања, Петко Рачев Славејков гледа знаци на освестување на македонскиот народ и намерно го нарекува за куцовлашко чувство кое божем му е својствено само на Влавот или Гркот, а никако на Словенот, со цел да ја прикрие посебноста на македонскиот народ.
На фактот што Македонците истакнуваат дека не се ни Грци, ни Бугари, ни Власи туку Македонци, на почетокот многу слабо се обрнува внимание. Во Европа грчкото и бугарското кралско т.е. царско влијание се многу посилни отколку народното македонско. Наспроти нив се јавуваат луѓе што се декларираат за Бугари или пак славофони Грци. Овие луѓе се убедувани и плаќани од бугарските и грчките агитатори и агенти или како деца воспитувани во бугарските (егзархиски) и грчките (патријаршиски) училишта и цркви, каде се учат дека тие се Бугари т.е. Грци. Дел од рускиот, српскиот и другиот славјански печат ги мислеше овие бугаризирани Македонци за вистински водачи на македонскиот народ.
Така и цела Европа, на изјавите на македонските патриоти дека се Македонци, верува, како што изнесуваат бугарскиот царски двор и бугарските националисти, дека тие низ долгодишното грчко духовно ропство ја заборавиле својата бугарска народност, па го прифатиле македонското географско име, кое за тогашниот европски свет е синоним на грчкото, особено што во жолчната дискусија околу народниот карактер на Македонците грчките националисти го земаат токму тоа именување на самите Македонци како најсилен “доказ" дека тие се “Грци".
Букурешкиот договор
Еден од најважните моменти кои треба да бидат познати при определување на позадината на спорот за името лежи токму во периодот кога се потпишува Букурешкиот договор. Од Берлинскиот конгрес до Првата светска војна, македонското прашање претставува најтежок, најкомплициран и најдолготраен проблем со кој се соочуваa Османлиското Царство и големите сили. Всушност, самиот тој настанува тогаш кога големите сили настојуваат да ги остварат своите интереси на Балканот, а соседните земји да завладеат со Македонија.
Ова прашање добива во актуелност со геостратешката положба на македонската територија и со етничкиот состав на населението. Македонија го зафаќа централниот дел на Балканот, на исток и на запад меѓу Тракија и Албанија, на север и на југ меѓу Шар Планина и Егејското Море, преку Вардарската и Моравската долина го поврзува Солун со Белград и со Средна Европа, така што станува интересно подрачје за големите сили.
За соседните земји е значајна затоа што со нејзино завладување, било која од нив, се здобива со предност која овозможува и доминација на Балканот. На геостратешката положба на Македонија значајно влијае и етничкиот состав на населението - во услови на непризнавање на македонската нација населението се изјаснува според влијанието на соседните пропаганди.
Непосредно пред Балканските војни, во рамките на етничките граници на Македонија, на површина од 67.741,2 км2 живеат околу 2.360.000 жители, од кои 52,4% се христијани, односно Македонци, 22% се Турци, 10% се Власи, 3% се Евреи и 2,4% се Роми.
Империјата пристапува кон утврдување на стратегиски важните места на Балканот, за евентуална војна со балканските држави, кои увидуваат дека само заедно можат успешно да ѝ се спротивстават на османлиската војска.
Наскоро почнува договорањето меѓу балканските земји, а во тие рамки особено значајно е помирувањето меѓу Бугарската егзархија и Грчката патријаршија и донесувањето на Законот за спорните цркви, манастири и училишта во јули 1910 година.
left|thumb|300px|Карта на етничка македонија