Прва - Западна Македонска трансферзала (позната и само како: Западна Македонска трансверзала скратено: ЗМТ) – прва македонска планинарска трансверзала која што ги опфаќа планините Шар Планина, Бистра, Стогово, Караорман во Западна Македонија. Патеката и трасата на трансферзалата опфаќа помеѓу 185 и 220 километри, протегајќи се од врвот Љуботен на север, па сé до Охрид на југ.
Податоци за патеката и нејзиното поминување по делници и контролни точки на трасата Неопходни информации за патеката: Патеката е долга 235 километри,со просечна надморска височина, првите четири дена, околу 2000 метри. Според неколку различни мерења и снимања со GPS уреди при неколкуте поминувања на патеката во 2014, 2015, 2016, 2019 година се измерени должини од 188, 190 и 225 километри. Оваа разлика во должината се должи на искачувањата на планинските врвови покрај патеката (на пр. искачувањето на Титов Врв (KT4) и Меденица (KT6) подразбираат по повеќе од десетина дополнително изодени километри). Во зависност од временските услови кои може да опфаќаат сончеви летни горештини и повеќечасновно невреме со пороен дожд, град, грмотевици како и подготвеноста на ученсниците што се одразува на брзината на движењето, патеката може да се помине во времетраење од најмалку 6 или 7 до најмногу 9 или 10 денови. Организираното поминување на трансверзала се одвива во летниот период кон крајот на месец јуни или (најчесто) почетокот на јули, но можно е тоа да се направи во периодот од јуни до септември, во зависност од временската прогноза и услови на теренот, особено издашноста на водните извори крај патеката, која може да варира по месеци и години.
Делници со опис на движењето и поминувањето со кампувања
Минувањето на патеката на Првата западна македонска трансверзала се одвива по јасно утврдена траса која е поделена на делници со предвидени места за кампување и изминување во неколку денови, кои во зависност од временските услови и подготвеноста и телесната состојба на учесниците-планинари може да опфатат најмалку 7, а највеќе 9 до 10 денови, со претежно минување во 9 дена и 8 ноќевањеа. Низ неколкуте минувања во разните години и различните услови и околности, должината на делниците и кампувањата претрпувале мали изменувања. Во различни години, трасата на поминувањето имала и поголеми измени, па така во осумдесетите години на ХХ век кога имало и поголем број на учесници од странство, патеката опфаќала и искачување на планините Кораб и Крчин па по спуштањето во долината на Радика и посетата на познатиот Бигорски Манастир, се искачувала Бистра по патеката од селото Јанче до Галичник, каде се посетувала и манифестацијата Галичка свадба.
Во најпрвичната траса и замисла првото („нулта“) ноќевање било во Планинарски дом „Љуботен“, кое од 2017 година е заменето со поставување на камп со шатори на планинското седло - преслап под врвот Љуботен кон врвот Ливадица, со што е добиено значително многу време за следниот ден, па така е поместено и дотогаш утврденото кампување крај Доброшки Езера под гребенот Езерско со поминување на целиот тесен и каменест Чаушички Срт, Пескови и Бистрица со кампување кај преседлината Дојран под преслапот на Црн Врв. Сепак, делниците на точно утврдената траса на патеката и кампувањата може да се поминуваат и поставуваат по проценка и одлука во зависност од временските услови и телесната подготвеност и состојба на учесниците-планинари на самото место секоја година, опфаќајќи ги точно утврдените контролни точки, кои исто така се искачуваат по можност и одлука на секој учесник-планинар.
Најпрвичното и вообичаено поминување на Западната македонска трансверзала ги опфаќа(ло) следните кампувања и ноќевања: Планинарски дом „Љуботен“ - прво - „нулта“ ноќевање; Доброшки Езера под гребен Езерско - камп 1 - второ ноќевање; Караниколичко Езеро - камп 2 - трето ноќевање; извори на река Пена - камп 3 - четврто ноќевање; под врвот Лера - камп 4 - петто ноќевање; селска ливада (кај фудбалското игралиште) во Галичник - камп 5 - шесто ноќевање; ливада на сретсело Лазарополе - камп 6 - седмо ноќевање; планински гребен Голема Мегданица на Стогово - камп 7 - осмо ноќевање; завршеток на трансверзалата во Црвена Вода и можност за (девето) ноќевање во извидничкиот камп во Охрид.
Поминување на Првата - Западна македонска трансверзала во 2022 година по делници и денови (изминати 192 километри):
Ден 1: Старо Село - Љуботен (КТ1) камп на: Седлото под Љуботен
вода од 2 извори: под Козја Стена на македонска страна и извор Плавило на косовска страна, по 7-8 мин. пешки
Се започнува со одење пеш од Старо Село низ шумата по обележаната патека до Планинарскиот дом „Љуботен“. Пред домот си земаат ранците, кои до таму може да се пренесат со џип или трактор, се полни вода и продолжува нагоре, кај месноста Џандарска Бука се скршнува лево, се прави мала пауза за одмор во мала тревната вдлабнатинка-цирк, се пресекуваме сипарот-камењар и се излегува кај големата карпа Козја Стена и над неа се доаѓа на планинското седло каде што се поставуваат шаторите за кампот на првото ноќевање. Без ранци, на зајдисонце го искачуваме врвот Љуботен кој е прва контролна точка на Трансверзалата.
Ден 2: Љуботен - Пирибег (КТ2) - Езерски Врв - Чаушица - Пескови - Бистрица/ЕЛЕМА (КТ3) - Гужбаба - Коњушка - Црн Врв камп на: преседлина Дојран - Бистрички Бачила (разрушен некогашен планинарски заслон) на седлото под Црн Врв
вода од извори: под Ливадица, над Горно Доброшко Езеро (ќе се симнеме само неколкумина другите ќе не почекате на седлото меѓу Езерска Чука и Езерски Врв), крај кампот кај разрушениот планинарски заслон (Кучибаба/Рогопеч)
Најдолга и најтешка, но убава и интересна делница, по тесниот и каменесто-карпест но восхтиувачки срт, посебно потегот од Езерско, Чаушица, Пескови до Бистрица. Се одат 12/13 часа, и скоро 33 километри. Во овој предел под гребенот на Езерски Врв може да се постави и првиот камп со шатори кај Доброшките Езера, но со измената првично да се кампува на планинското седло под Љуботен, се добива многу на време и во овој дел се стасува релативно многу рано, околу пладне или 13-14 часот, што во летно, убаво и ведро и топло време со долга дневна светлина овозможува а да се помине целиот тесен и каменест шарпланински срт, кој нуди восхитувачки глетки на бројни планински врвови, гребени, езера.
Ден 3: Црн Врв - Сердарица - по изохипса под врвовите Кобилица - Трескавец / Љубински Уши - Шилеџе - Вртоп - превој Караникола - Караниколичко Езеро - Скакаличко Езеро камп на: Караниколичко Езеро / Скакаличко Езеро
вода од извори: неколку извори под Кобилица, Трескавец, Љубински Уши, Вртоп, Шилеџе и крај Караниколичко и Скакаличко Езеро.
Убава пократка делница, која обично досега се завршува на Караниколичко Езеро каде се поставува кампот со шатори, но бидејќи обично се доаѓа таму меѓу 11:50, 12 и 13 часот, во услови кога денот е најдолг (се стемнува речиси во 21), по проценика доколку се има сили да не се губи време, може да се направи убава долга пауза/одмор со гозба, сончање и капење во Караниколичко Езеро со времетраење од 2, 3 (па и 4) часа и преку Шереметица и Бриња Шахит за 2 часа да стигне и постави камп крај Скакаличко Езеро.
Ден 4: Скакаличко Езеро - Изори на Пена - Трпезница - Челепино - Шутман - Врачанско Езеро камп на: Извори на Пена / Горно Врачанско Езеро / Венечно Езеро под врвот Расенгул
вода од извори: извори на Пена, соѕидана чешма на Шутман, извори на Радика, крај Горно Врачанско Езеро.
Вообичано, се кампува на тревнатото зарамнето планинско било кај изворите на реката Пена и од тука се искачува Титов Врв кој е четврта контролна точка (КТ 4), но бидејќи денот е многу долг, а рано се стигнува на изворите на Пена, бидејќи делницата е многу лесна и се оди по тревнато планинско било од Скакала, Маја, Залина, Клеч, Косович може да се продолжи преку преслапот на вододелницата меѓу извориштата на реките Пена и Смрека, веднаш крај врвовите Џинибег, Трпезница и Челепински Врв преку висорамнината Шутман зад западните падини на гребените на врвовите Бориславец-Езерски Рид и Рудока се до Враца. Искачувањето на Титов Врв од оваа страна е многу тешко и напорно, по исклучителна стрмнина и каменесте дел со ситен сипар од раздробени камења на западната падина на врвот Мал Турчин пристапувајќи од кај Кривошија, при што опфаќа 5 часа и знае да одземе снага за следниот ден долго пешачење, по долгите тревнати висорамнински предели.
Ден 5: Враца - Расенгул - Фудан - Лера (КТ 5) - Кожа Планина - Маврови Анови - Галичник камп на: под врвот Лера / селска ливада Галичник
вода од извори: под Лера, чешма над Дуф, Маврово, ски-терени, Белчевица (на селска ливада кај игралиштето).
Вообичаено кога се кампува и тргнува од изворите на Пена, одејќи 12 часа и 30 км се стигнувале (околу 15:30) и поставува камп под врвот Лера, кој што ја претставува последна петта контролна точка на Шар Планина. Сепак, ако се кампува кај Врачанско Езеро или Расенгул се добива доволно време да се измине целиот пат и порано да се стигне во Маврови Анови, каде веќе се доаѓа во цивилизација, и учесниците се почестуваат со ручек во меаните, се докупуваат и надополнуваат залихи, се капе (со сапун! ) во Мавровско Езеро и од тука може да се искористи можност, со превоз некои од учеснитие да отиде со ранците и товарот до Галичник, а другите пеш по печалбарската патека и скијачките терени на Бистра да стигнеме до Галичник, каде пак има меаничиња, продавница, можности за гозба и дружба.
Ден 6: Галичник - Селце - Тресонче - Лазарополе (КТ7) / Гари - Мегданица на Стогово камп на: ливада спроти амбуланата во Лазарополе / ливада во шумата кај Св.Петкина вода над Гари / Голема Мегданица на Стогово
вода од извори и чешми: Белчевица (камп), Селце (најголем извор), Тресонче, Лазарополе, Гари, Мегданица под Бабин Срт
Убава делница која оди низ густа букова шума и сенки и ливади со шумски плодови - јаготки, малини, капини, црни планински цреши (Мијалчо Божиновски ја нарекува „витаминска патека“). Доколку има сили и расположение, вообичаено утрото штом се стане во Галичник се оди до врвот Меденица (КТ6) над Галичник, па потоа да се врати во кампот и да продолжи, низ густите шуми во сенка и ладовина спуштајќи се до селото Селце каде има прекрасна обилна стара ѕидана чешма со студена вода и од таму се стигнува до Тресонче од каде што по земјениот колски пат низ шумата се искачува до Лазарополе. Вообичаено, се кампува во Лазарополе, каде има голема продавница, хотел и се купува сирење за гозба од задругата, но бидејќи цела делница е 5 часа и имаме доста време и долг ден, може да се продолжи со спуштање од Лазарополе до Гари каде што исто така има убав ресторан и од тука по шумскиот пат се искачуваме на Стогово над Голема Мегданица пред врвот Бабин Срт.
Ден 7: (Лазарополе) Гари - Мегданица на Стогово - Бабин Срт - Караорман - завршеток на трансверзалата во с. Црвена Вода (Охридско) камп: Извиднички Камп во Охрид (има можност за преноќување кој сака)
вода: извор над Мегданица, чешма кај партизански споменик на Караорман
Последна делница на трансверзалата, го искачуваме врвот Бабин Срт кој е последна осма контролна точка (КТ8) од кој се гледа Охридското Езеро на југ, но и Љуботен и сите планини и изминатата траса на север. Потоа само се спуштаме по тревнати предел на Стогово до шумите на Караорман, каде треба да внимаваме на многуте патишта за дрвосеча (кои се испреплетени и некои учесници во минатото и промашувале завршувајќи во Ботун и струшко Мислодежда), но сепак пред Орли Врв имаме ставено нови обележани маркации и нема да промашиме до крајната точка во с.Црвена Вода, од каде со организиран превоз ќе отидеме до извидничкиот камп во Охрид.
Контролни точки
На Западната македонска трансферзала се утврдени 8 котролни точки (скратено: КТ), чие што поминување е предвидено за заведување во Дневникот на трансферзалата, додавање на печати на врвовите и приложување доказ за успешно поминување на трансверзалата. Котролни точки на Првата - западна македонска трансверзала (ЗМТ) се:
КТ1: Љуботен КТ2: Пирибег КТ3: Бистрички Врв-Пескови „ЕЛЕМА“ КТ4: Титов Врв КТ5: Лера