Вила Бишевац — куќа во скопската населба Дебар Маало. Таа е прогласена за Споменик на културата, под називот Зграда на ул. „Наум Наумовски - Борче“ бр. 88.

Историја Градбата била изградена на слободна парцела во 1920 година.

Куќата била прогласена за значајно културно наследство врз основа на Уп. бр. 18-524 од 9 октомври 2015 година.

Во 2021 година, НУ Конзерваторски центар - Скопје ја извел првата фаза од проектот со санирање на покривната конструкција кој бил составен дел од зачувување и обновување на фасадата. Во оваа фаза била обновена во целост покривната конструкција на градбата. Во 2022 година, конзерваторско-реставраторски работи биле вршени на источната фасада на градбата, санација на големата балконска тераса на југоисточниот дел и замена со поставување на нови автентични прозорци на источната фасада.

Архитектура и особености Градбата содржи академски еклектизам со благо присуство на сецесиски влијанија изразени кај оградата на двата балкони од првиот кат, која е изработена од ковано железо со цветни мотиви особени за правецот. Волуменски, градбата е разиграна со изведба на разновидни типови на покривни завршетоци кои варираат од двоводни покриви преку четвороводни до поединечна кула на рамната тераса. На фасадите, особено изразено на западната, се застапени подробности вообичаени за академизмот - балустради на балконските парапети што продолжуваат во слободностоечки столбови со стилизирани дорски (приземјето) и јонски капители (катот).

Во куќата се влегува од нејзината западна страна во влез со скалишен простор кој води до поединечните станови на катовите. На секој кат има по една станбена единица. Градбата била изградена во масивен конструктивен систем. Меѓукатната и плафонската конструкција е со армиран бетон. Покривната конструкција е дрвена. Покривот е двоводен и четириводен и е покриен со ќерамиди. Четириводниот дел на покривот е со шпицест завршеток покриен со лим (кај кулата) и поплочена рамна тераса. Фасадата била малтерисана во две бои и балустрадни столпчиња во теракотна боја што ѝ дава полихромен изглед на куќата. На западната фасада, непосредно под стреата во штукатура, стои името „Вила Бишевца“ (во превод Вила на Бишевац) што наведува на заклучок дека Бишевац е нарачателот на градбата. Надворешната столарија e дрвена со дискретна украсна резба кај прозорците. Влезната врата во куќата е дрвена со ковано железо и е застаклена. Оградите на двата балкони од првиот кат (јужна и западна фасада) се изработени од ковано железо и се со цветни мотиви карактеристични за сецесијата. Влезната дворна порта е изработена од ковано железо.

Скалишниот простор бил изработен во терацо со украсна ограда од ковано железо и дрвен ракофат. Вратите во становите се дрвени со ковано железо и се застаклени. Дрвените собни врати се со двостран перваз и дискретна украсна профилација. Подовите во становите се дрвени, а на терасите се со терацо плочки.

Зградата има статус на значајно културно наследство со режим на заштита од втор степен. Контактната зона на градбата е со режим на заштита од трет степен.

Поврзано Зграда на бул. „Илинден“ бр. 41 Зграда на Детски културен центар „Карпош“ (бул. „Илинден“ бр. 53) Зграда на бул. „Илинден“ бр. 63 Зграда на бул. „Илинден“ бр. 68 Рубенова палата (Зграда на бул. „Илинден“ бр. 80) Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 83а Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 88 Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 108 Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 109 Зграда на ул. „Орце Николов“ бр. 115 Зграда на Министерството за култура Зграда на ул. „Аминта Трети“ бр. 17 Зграда на ул. „Наум Наумовски - Борче“ бр. 82 Зграда на ул. „Раде Кончар“ („Живко Чинго“/„Боемска“) бр. 4а Зграда на Ташковиќ Зграда на Кубеш

Наводи

Надворешни врски

Службено мрежно место на Управата за заштита на културното наследство

ул. „Наум Наумовски - Борче“ бр. 88 Категорија:Дебар Маало Категорија:Појавено во 1920 година во Македонија