Голема кашилица или пертусис — високозаразно бактериско заболување, кое може да биде превенирано со вакцина. Почетните симптоми обично се слични на оние на обичната настинка со течење на носот, треска, и блага кашлица, но тие се проследени со тешка кашлица која трае два до три месеци. По нападот на кашлица, се јавува задишување. Тешката кашлица може да трае до 10 и повеќе недели, па оттука доаѓа фразата „100-дневна кашлица“. Кашлицата може да биде до толку изразена што може да предизвика замор, повраќање, скршеници на ребрата. Децата помали од една година може да кашлаат малку или воопшто да немаат кашлица, а наместо тоа да имаат периоди со отежнато дишење. Инкубацискиот период вообичаено е седум до десет дена. Болеста може да се развие и кај вакцинирани, но симптомите обично се полесни.
Причинител и дијагноза Големата кашлица ја предизвикува бактеријата Bordetella pertussis. Лесно се шири преку кашлање и кивање на заразено лице. Заразата се шири од почетокот на симптомите до околу три недели од нападите на кашлица. Пациентите третирани со антибиотик не се заразни после пет дена. Дијагнозата се поставува со брис од нос и грло. Примерокот потоа се тестира со култура или со полимераза верижна реакција.
Спречување и третман Превенцијата е со вакцинација со вакцина против голема кашлица. Иницијална имунизација се препорачува помеѓу шестата и осмата недела од раѓањето, со четири дози кои се даваат во првите две години од животот. Заштитата од голема кашлица се намалува со тек на времето, па дополнителни дози се препорачливи кај поголеми деца и возрасни. Вакцинација за време на бременоста е високо ефикасна во заштита на новороденчето од голема кашлица за време на првите ранливи месеци од животот, и се препорачува во многу земји. Антибиотици може да се користат за превенција кај лица кои биле изложени и кај кои постои ризик за појава на тешка болест. Кај заболените, антибиотиците се корисни ако нивното земање започне во првите три недели од иницијалните симптоми, во спротивност имаат мал ефект кај повеќето пациенти. Кај бремените жени и децата помали од една година, антибиотиците се препорачуваат во првите шест недели од појавата на симптомите. Антибиотици кои се користат се еритромицин, азитромицин, кларитромицин, или триметоприм/сулфаметоксазол. Доказите за третмани и интервенции против кашлицата, освен за антибиотиците, се слаби. Околу 50% од инфицираните деца помали од една година имаат потреба од хоспитализација и околу 0.5% (1 во 200) резултираат со смртен исход.
Епидемиологија и историја Се проценува дека 16.3 милиони луѓе во светот биле инфицирани во 2015 година. Повеќето случаи се јавуваат во земјите во развој, и луѓето од сите возрасти може да бидат зафатени. Во 2015, големата кашлица резултирала со 58.700 смртни случаи – што е намалување од 138.000 случаи во 1990 година. Епидемии на болеста за прв пат биле опишани во 16-ти век. Бактеријата која ја предизвикува болеста била откриена во 1906 година. Вакцината против голема кашлица станала достапна во 1940-те.
Наводи
Категорија:Бактериски болести Категорија:Педијатрија