Историјата на денешниот град Струмица се однесува на градот кој бил основен во 4 век п.н.е. и бил познат како Астрајон, кој во текот на византиско-словенскиот период бил познат како Тивериопол и Струмица, за да во османлискиот период биде познат како Устурумџа. По распаѓањето на Отоманското Царство, Струмица по крајот на Балканските војни била вклучена во составот на Царство Бугарија, за да по крајот на Првата светска војна биде отстапена на Кралство СХС. По крајот на Втората светска војна, Струмица била вклучена во составот на СФРЈ, а по нејзиното распаѓање, формално во Република Македонија.

Етимологија

Настанувањето и развитокот на Струмица во најраниот период од нејзината историја тешко може да се следи поради недостиг на повеќе и сигурни историски извори. Од времето на Пајонците се споменуваат градовите Добер, Астрајон и Иорон. Што се однесува до Добер, научниците се согласни дека тој не се наоѓал ниту на местото, ниту пак во близина на Струмица. Но, нивните мислења се разидуваат при поблиското лоцирање на овој град од периодот на антиката. Некои автори сметаат дека Добер се наоѓал на местото на Дојран, изведувајќи го доста произволно неговото име од античкиот Добер, додека пак други Добер го лоцираат кај струмичкото село Габрово, во подножјето на планината Беласица. Професорката на Филозофскиот факултет во Белград Фанула Папазоглу го локализирала градот Добер северно од Струмица, во подножјето на планината Огражден, кај струмичкото село Доброшинци.Манол Пандевски - Ѓорѓи Стоев - Трнката, Струмица и Струмичко низ историјата, Струмица, 1969.

Додека Добер бил подалеку од Струмица, градот Астрајон лежел или на местото на денешна Струмица или сосема близу до неа. Со тоа се согласни мнозинството автори и познавачи на античката историја на Македонија кои Астрајон го идентификуваат со Струмица. Од друга страна и сличноста на старото име Астрајон со словенското Струмица, кое претставува изменета и словенизирана форма на античкото нејзино име, ја потврдува оваа претпоставка. Од друга страна, словенскиот назив Струмица за градот и за истоимената река стои во најтесна врска со називот на реката Струма, во античко време нарекувана Стримон. Струмица всушност претставува деминутив, изведен од Струма. Очигледно е дека античката традиција и овде силно навлегла во македонското средновековие.

мини|десно|thumb|250п|Струмин гроб мини|десно|thumb|250п|Археолошкото наоѓалиште Мачук мини|десно|thumb|250п|Остатоци од црквата „Св. Петнаесет тивериополски маченици“

Денешната Струмичка тврдина „Цареви кули“, била изградена далеку подоцна. Според тоа, античкиот Астрајон и средновековна Струмица го имале како заедничко само местоположбата на која се наоѓале (и тоа не потполно) и сличноста во имињата. Не се потполно разјаснети и прашањата кога и зошто градот се нарекол Тивериопол (Тивериополис) и до кога го носел ваквото свое име. По сè изгледа дека името Тивериопол било повеќе официјално, се употребувало долго време во византиската администрација и особено — во христијанската црковна традиција. Но паралелно со Тивериопол се употребувало и сè повеќе се наложувало и неговото словенско име Струмица. Во словенските писмени извори од средновековно доба (бугарски и српски) тој се споменува само со името Струмица. А тоа покажува дека градот во исто време носел две имиња — едното (Тивериопол) кое било официјално римско-византиско и црковно, и второто — (Струмица), кое било народно, словенско и изведено од античкото.

Додека називот Тивериопол неспорно постоел, мислењата во науката се разидуваат по прашањето кога и зошто Струмица се преименувала, добивајќи го ова свое ново име. Притоа постојат две спротивни гледишта. Некои автори, изоставајќи го прашањето за врската меѓу античкиот Астрајон и средновековна Струмица, тврдат дека Тивериопол постоел уште во римско време, а Словените по нивното доаѓање, него едноставно го нарекле Струмица. Ова слабо аргументирано гледиште, треба да се отфрли, што многумина сериозни автори и го прават, посочувајќи на фактот дека во писмените извори името Тивериопол не се среќава порано од XI век од нашата ера. Притоа, некои од оваа, прва група на автори, името Тивериопол („Град на Тибериј“) го изведуваат од името на некој римски или византиски цар по име Тибериј. Од историјата е познато дека такви имало тројца: еден римски (од почетокот на I век во нашата ера) и двајца византиски кои владееле значително подоцна — првиот од 578 до 582 година, и вториот, од 698 до 705 година. Ова гледиште е слабо аргументирано и може да се смета поскоро за слободно составена претпоставка, отколку за научна вистина. Пообразложено и поаргументирано треба да се смета гледиштето на втората група автори, според кои, преименувањето на Струмица во Тивериопол е сврзано со култот на Светите Петнаесет тивериополски маченици. Имено, во почетокот на IX век, за време на византискиот цар Никифор I, во Струмичко било населено христијанско население од градот Тибериопол кој се наоѓал во областа Витинија, во Мала Азија. Според Васил Златарски овие малоазиски колонисти подигнале нова населба, на просторот меѓу денешните села Баница и Водоча, на која и го дале името Тибериопол. Нешто подоцна до Струмичко навлегле ордите на бугарскиот хан Крум кои ја разрушиле новопостроената населба. Но култот на Светите Петнаесет тивериополски маченици фатил длабоки корени.

Според една од легендите, градот бил изграден од римскиот цар Тибериј и определен за резиденција на неговата ќерка Струма. Нејзиниот гроб, наводно, се наоѓал кај денешното село Баница. И токму според името на оваа царска ќерка, подоцна и градот и реката биле наречени со името Струмица.

Антички период

Почетокот на континуираното живеење во Струмица и во непосредната околина според археолошките истражувања, датира од 4 век п.н.е. (неолитска населба Страната кај с.Ангелци), а во непосредната близина на Струмица, поточно на Цареви Кули, е констатирана праисториска култура која егзистирала од времето на доцното бакарно време до раната бронза (почеток на IV- до сред на III милениум п.н.е).

Под името Астрајон, градот за првпат во пишаните извори се среќава кај римскиот историчар Тит Ливиј, во 181 година пред новата ера, во врска со убиството на Деметриј братот на македонскиот крал Персеј (179-168 п.н.е), односно синот на Филип V (221-179 п.н.е). Името Астрајон градот го добил по пајонското племе, Астраи. Во 168 п.н.е., Македонија паднала под римски протекторат и била поделена на четири мериди, а Астрајон припаднал на втората мерида. Во 148 п.н.е. Македонија станала римска провинција. Во римскиот период градот го променил своето име во Тивериопол, за што ни сведочи мермерниот постамент, посветен на патронот Тибериј Клавдиј Менон, од крајот на 2 век и почетокот на 3 век. Во времето на римскиот цар Јулијан Отпадник (361-363) во Тивериопол биле погубени Св. 15-те Тивериополски свештеномаченици.

Во 395 година Римското Царство се распаднало на два дела, а Македонија припаднала на Источното Римско Царство. Потоа Тивериопол се наоѓал во составот на провинцијата Macedonia Salutaris (крај на 4 век) и провинцијата Macedonia Secunda (крај на 5 век). За постоењето на градската населба од тој период сведочи доцноантичката урбана палата Мачук. Освен ова археолошко наоѓалиште, во градот Струмица се откриени и следните наоѓалишта: Марково Кале, Градско паркче, Катастарска парцела 3730, СамарницаКоцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069.

Среден век Византиско-словенски период

мини|десно|thumb|250п|„Ова е Острумџа“ Илустрација на Петар Шнор од 1908 година за книгата „Во клисурите на Балканот“ на Карл Меј мини|десно|thumb|250п|Струмичко Кале

Со преселбата на Словените, која се одвивала во периодот од осумдесеттите години на 6 век до триесеттите години на 7 век, градот доживеал големи разурнувања. На овие простори се населило словенското племе Струмјани, кое го добило своето име по реката Стримон, која тие ја преименувале во СтрумаОпшина Струмица - Историја. Струмичката област се наоѓала зад Солун, а во нападите на овој град секогаш земале активно учество и Струмјаните. На таков начин, до почетокот на 7 век, Словените ја колонизирале и Струмичката област и се утврдиле во неа. Словенските доселеници, заседнувајќи трајно и во Струмичката област, сосема го измениле нејзиниот етнички карактер. Старото предсловенско население кое дотогаш, според Теофилакт Охридски, си живеело во мир и под власта на Византија, било проретчено, и се изгубило среде Струмјаните кои ја пословенчиле и Струмичката Котлина. На местата од старите разурнати населби, за кои спомнува и Теофилакт, тие изградиле нови градски и селски населби, при што или ги измениле нивните дотогашни називи или им дале свои и сосема нови имиња. Некои автори дури сметаат дека повеќето антички градови по 7 век се претвориле во поголеми словенски села, што е сосема прифатливо.

Во времето на своето доселување во Македонија, Словените живееле во родовско-племенски заедници, во свои селски општини. Но, во истото ова време, тие се нашле во состојба на премин од родовско-племенското, бескласно општествено уредување, кон класното општествено и државно уредување. На чело на племенските сојузи застанувале поедини истакнати племенски кнезови. Така, Опсадата на Солун од 614 до 616 година била изведена под водството на кнезот Хацон. Тогаш, според легендата за чудата на Свети Димитриј Солунски кој, наводно го спасил градот од словенските опсади, племенски сојуз формирале племињата Драговити, Сагудати, Велегезити и другиЋоровић, Владимир. Историја Срба. Нови Сад: Артпринт, 2005. 35. Print..

Византискиот цар Констанс II Ираклиј во 658 година презел кампањи против Словените на Балканскиот Полуостров, при што ги поразил сите племиња кои се населиле во Грција и Тракија. Како резултат на тоа, еден дел од македонските Словени биле принудени да ја признаат врховната власт на Византија. Оваа византиска контраофанзива, несомнено, ги погодила и Струмјаните. Легендата за Свети Димитриј Солунски спомнува дека само „Словените од Стримон и Ринхина... делумно мирувале и го одложиле оружјето“. На друго место легендата зборува и поконкретно. Според неа, имено, императорот тргнал со војска собрана од Тракија и соседните земји и започнал војна „против оние од Стримон (Струма) и тоа не прикриено или тајно, туку со претходно објавен поход. Кога овие дознале за тоа, ги зазеле клисурите и укрепените места, се подготвиле за отпор против ромејските трупи, (и) повикувајќи ја на помош сета варварска војска од разни кнезови“. И, наводно, со помошта на солунскиот светец и заштитник, Византиците „ги исклале нивните најхрабри и најдобри хоплити (пешаци, со тешко вооружување б. н. ) во оние нивни заседи што тие (Словените) ги имале подготвено и се разбега сето варварско племе...“ Тогаш Словените, претрпувајќи краен пораз, „започнале да зборуваат за мир“.