Држава (или Политеја; старогр. Πολιτεία) е сократов дијалог од Платон, напишан околу 360 п.н.е, кој се осврнува на поимот на праведноста (δικαιοσύνη), а подетално на прашањата за поединечната праведност, односно праведноста како врвна доблест и на праведноста како логос на државата (полисот). Се смета за едно од највлијателните дела од областа на филозофијата и политичката теорија и филозофија, а според некои толкувачи на творештвото на грчкиот филозоф, и најпознатото во неговиот опус.
Во него, Платон, трагајќи по дефиницијата за праведноста, се впушта во опширна дискусија за изгледот на една совршена држава и ги изложува главните точки на својата идеалистичка филозофија (особено индикативно во седмата книга, каде е изложена познатата алегорија на пештерата). Сократ разговара со различни соговорници за значењето на праведноста, поставувајќи го прашањето дали праведниот човек е посреќен од неправедниот. Ја разгледуваат природата на неколку постојни државни уредувања, потоа скицираат неколку различни хипотетички држави, за дискусијата да кулминира со уредување на Калиполис (Καλλίπολις), утописка град-држава владеена од философ-крал. Тие, исто така, дискутираат за теоријата за идеите, бесмртноста на душата, улогата на философот во општеството, итн.
Место и драмските ликови
Место Местото на кое се одвива дијалогот е куќата на Полемарх во Пиреј, пристаништен град поврзан со Атина. Не се знае дека Сократ редовно го напуштал главниот грчки полис. Целиот дијалог го пренесува Сократ, ден откога истиот се одвива - веројатно на Тимај, Хермократ, Критија и уште една неименувана личност, но ваквото толкување е отворено за понатамошна интерпретација.Ваквото тврдење е на Бенџамин Џоует во предговорот на Платоновата Држава.
Ликови Кефал, постар произведувач на оружје;Кефаловата професија не е спомната во Држава, но неговата работилница за штитови, во која работат повеќе од 120 робови, е дискутирана во говорот Против Ератостен од страна на неговиот син Лисиј. се појавува само во воведот, односно во првата книга. Трасимах, дрзок софист. Глаукон, брат на Платон.Политеја, Платон, превод од старогрчки, предговор, коментар и белешки Елена Колева, Три, 2002, Скопје. Адејмант, брат на Платон. Полемарх, син на Кефал. Клејтофон, пријател на Трасимах кој ја прекинува дискусијата. Хармантид, син на Кефал. Има и уште неколку ликови без реплика: синовите на Кефал, говорникот Лисиј и Евтидем; и Никерат.
Структура
Книга 1
Во првата книга се прикажуваат различните мислења на собеседниците на Сократ во однос на праведноста. Така, Сократ на Кефал му посочува дека праведноста може да се дефинира со правилото „Секому она што му припаѓа“, алудирајќи на тоа дека исплаќањето на долговите треба секогаш да биде извршено како кон пријателите, така и кон непријателите. Дијалогот помеѓу Сократ и Трасимах, пак се води за тоа дали праведноста е нешто што е полезно за посилниот. Низ несогласувањата Сократ повторно вешто го заклучува и второто начело на праведноста „никогаш и никому да не му се причини штета.“ (335e) Понатаму се расправа за односот помеѓу праведноста и власта, за тоа како почитувањето на законите ја гарантира сигурноста на сите граѓани и за тоа дека власта треба да биде слуга на народот за да може добро да владее (управува). Конечно, се разгледува и праведноста како доблест, а бидејќи Платон сметал дека доблестите носат и должности, се разгледуваат должностите што секој праведен треба да ги има, а најважното од нив – чесно да се живее. Така, се поставува прашањето: дали праведноста е подобра од неправедноста?
Книга 2
Втората книга дава продлабочување на односите помеѓу оние што учествуваат во праведноста, односно за односите помеѓу граѓаните и за односот помеѓу државата и граѓаните. Се кажува дека најмудрите скоро секогаш неволно ги прифаќаат граѓанските должности затоа што секој разумен знае дека е најтешко да се стои помеѓу двајца кои ја бараат правдата, но исто така дека стравот да се биде владеан од полошиот ги поттикнува праведните да изберат да ѝ служат на државата во име на општото добро – праведноста. Проблемите кои се појавуваат со прифаќањето на ставот дека праведноста се посакува поради самата себеси, Сократ ги прикажува со приказната за Гигес, кој, со помош на еден прстен кој го прави невидлив, стекнува придобивки правејќи неправедност. Сократ предложува расправата за поединечната праведност да ја продолжат кон расправата за праведноста во државата. Тука се прикажува комплексноста на настанувањето на државата, но и на односите што се создаваат кога еднаш таа е востановена.
Книга 3
Платон во третата книга почнува да зборува за важноста на поезијата, драмата, уметноста воопшто во воспитанието на идните граѓани на идеалната држава што тој ја опишува во целото дело, па така тој кажува кои видови на поезија (уметност) се важни за образување на младите, а кои можат да ги расипат. Овде Платон ја критикува и музиката, а и некои други традиционални начини на забава кај Старите Грци. Но, ја дава и дефиницијата за добриот судија: „добриот судија не смее да биде млад, туку старец, човек којшто со текот на времето научил – што е тоа неправда.“ (409b)
Книга 4
Во четвртата книга Платон прави аналогија помеѓу четирите врвни доблести во душата и во државата. Тој посочува дека умереноста како доблест треба да припаѓа на граѓанскиот слој што во идеалната држава ќе биде задолжен за производство на добрата за одржување на живот во заедницата. Храброста им ја пропишува на војниците кои треба да застанат без страв кога нивната татковина ќе биде нападната, а и кога ќе треба храбро да го одржуваат редок и поредокот внатре. Мудроста останува за владетелите, односно за тие кои ќе ја управуваат државата затоа што треба многу мудрост за една држава да функционира добро. Најважното од сѐ е што врвната доблест на врвните доблести – праведноста Платон ја става како логос на функционирањето на една држава, тој смета дека односот помеѓу трите слоја на државата треба да е секогаш праведен за да може таа да функционира или „човек е на ист начин праведен, како што би била државата праведна.“ (441d). Понатаму ја дефинира и неправедноста – како отсуство на доблести и присуство на пороци.
Книга 5
Петтата книга ја дава утопистичката визија на Платон за идеалната држава и тоа не само за времето во кое што живеел, но и за два милениуми подоцна. Заедничкиот начин на живот, заедничкото одгледување на децата, улогата на државата во приватниот живот на поединецот се само неколку поттеми кои се анализираат во оваа книга. Дополнително, тука дава и една епистемолошка разлика помеѓу философот (љубител на мудроста) и филодоксот (оној што го љуби своето мнение), односно разликата помеѓу знаење (ἐπιστήμη) и мнение (δόξα).
Книга 6
Во шестата книга Платон се впушта во еден философски обид за појаснување на важноста на филозофите за одржувањето на државата. „Имено сега треба смело да се каже: како најисправни и најисполнителни чувари треба да се постават философите!“ (503b) Понатаму, тој ги образложува овие мисли со идејата за Доброто, за тоа како мислењето е позначајно од уверувањето и за тоа како течат процесите во човечката душа за пронаоѓањето на Доброто, Убавото, Правдата. Оваа книга завршува со неговото објаснување дека разумот (размислувањето) се наоѓа помеѓу мнението (сетилното познание) и умот (идејата, мислата).
Книга 7
Седмата книга е значајна од теориско-познавателен аспект затоа што во неа Платон јасно кажува дека мислата и размислата го сочинуваат знаењето, а убедувањето (уверувањето) и насетувањето (претполагањето) го сочинуваат мнението. Овие заклучоци Сократ ги носи откако ги раскажува познатите алегории за пештерата и за поделената линија. При крајот на книгата тој повторно го посочува значењето на дијалектиката за спознавање на светот. Тој тука објаснува и за важноста за континуирано воспитание и образование на младите уште од најмала возраст, за тоа дека низ воспитувањето се учи за способностите на младиот човек и за начините на изучување на науките.
Книга 8
Во осмата книга се прикажуваат начините на устројство на една држава, што ги има четири според Платон, а тие се: тимократија (вид на уредување во кое што сите граѓани се натпреваруваат за чест и за слава), олигархија (држава каде што малкумина луѓе го поседуваат речиси целокупното богатство во државата), демократија (држава во која што има слобода на народот и каде што има различни видови на уверувања) и тиранида (црно ропство за поданиците и насилство од страна на владетелот). Во оваа глава се поставува и прашањето за идејата на самата држава, за причините за постоење на самата држава, но и за идеите за нејзиното устројство и одржување.
Книга 9
Во претпоследната деветта книга на „Држава“ Платон дава аксиолошки појаснувања за луѓето (граѓаните) кои владеат и создаваат држави како претходно опишаните во осмата глава. Тој појаснува зошто аристократското уредување е подобро од олигархијата, но и дека демократијата е подобра од тиранидата.
Книга 10
Десетта и завршна глава од ова значајно дело на Платон ја напушта дијалошката форма помеѓу Сократ и неговите соговорници и зборува за љубовта (еросот), за вечните идеи за Доброто и Убавото и Правдата. Така, Платон ја заокружува својата книга „За праведноста“ и на некој начин својата теорија за праведноста, за политиката, за државата, но и за поединецот.
Теми
Дефинирање на праведноста
Разговорот со Трасимах: Прва книга
Во првата книга се предложени две дефиниции за праведноста, но и двете се етикетирани како недоволни. Според првата - праведност е да се вратат долговите, а според другата - да се прават праведни дела на пријателите, а неправедни на непријателите. Сократ, во понатамошната дискусија, покажува дека и двете се несоодветни во одредени ситуации, па така не може да се сметаат за дефиниција. Сепак, и покрај тоа што ги смета за неточни, тој сосема не ги отфрла, па врз основа на нив, ги базира своите размислувања за праведноста и за праведната држава, кои ги изложува во текот на книга II и сè до V книга.
На крајот на првата книга, Сократ, кој отпрво го почнува разговорот со Кефал (а подоцна овој им го отстапува местото на помладите), се согласува со неговиот син Полемарх дека правдата навистина значи да им се помага на пријателите, но исто така значи и да не се повредува никого. Трасимах смета дека излагањето на Сократ и неговата невистинитост е, самото по себе неправда, па, напагајќи ја неговата репутација пред останатите, вели дека и самиот тој не верува дека не треба да им се штети на непријателите. Трасимах ја дефинира праведнота како "она од што има полза посилниот", сметајќи дека праведно е она што ќе речат дека е властите кои го управуваат полисот. Сократ смета дека оваа дефиниција е непотполна и почнува да го испрашува Трасимах.
За Трасимаховото гледиште, владетелите се изворот на праведноста, а нивните закони се праведни затоа што, според неговата дефиниција, тие имаат полза токму од нив. Сократ прашува дали владетелот кој по грешка ќе донесе закон кој нема да му биде во полза, може сѐ уште да се смета за добар владетел. Трасимах се согласува дека ниту еден голем владетел не би направил таква грешка. Ова му овозможува на Сократ да ја запраша точноста на Трасимаховата дефиниција, споредувајќи ја улогата на владетелот со улогата на неколку луѓе кои имаат различни професии (како на пример, овчар кој се грижи за своето стадо). Трасимах понатаму мора да се согласи со Сократ дека уметникот е добар само ако добро ја познава уметноста и дека во спротивно тој не може да се смета за уметник. Оттука Сократ заклучува дека и владетел кој донел закон кој не му е во полза, не е владетел. Трасимах се откажува од понатамошна дискусија и до крајот на дијалогот останува нем. Сократ успева да го натера Трасимах да признае дека еден владетел не е силен доколку не поседува некакво знаење кое му е неопходно добро да владее. Сепак, ова, како што заклучува и самиот Сократ на крајот од првата книга, е далеку од една задоволителна дефиниција на правдата.