Рибник — историско село во Штипско, денес во атарот на штипското предградие Ново Село.

Географија Селото се наоѓало на левата страна на реката Брегалница, на работ на пространа крајречна тераса, на надморска височина од 275 м. Лежело околу 2 км југозападно Штип, крај автопатот Штип-Струмица.

Околу 1 км југоисточно од селото постојат две чешми, од кои едната е пресушена, наречени Рибнички Чешми.

Историја Во XIX век Рибник било македонско село во Штипската Каза на Скопскиот Санџак.

Во 1907 година, селото броело 10-12 домаќинства, чифлигари на штипски бегови. Последниот сопственик на чифликот бил Ване Пачаризов, кој во 1912 г. се преселил во Штип. Постепено населението на селото се иселило во текот на Балканските војни.

По крајот на Балканските војни, во периодот 1913-1930 сопственици на атарот на некогашното село се: Икмет-бег, Шукри-бег, Демир-ефенди и Алида-ан'ма. Подоцна имотот бил купен од Трајко Кукубаев, браќата Караѓозови (5 браќа) и Петре Шестаков. По Втората светска војна, земјиштето е национализирано, и на негово место е изграден ЗИК „Црвена ѕвезда.“

Од селото денес има остатоци од некогашни куќи, како и од стар камен мост во непосредна близина на некогашната воденица. Во минатото, во селото постоеле и две турски куќи - „кули“.

Иселеништво Од Рибник се иселени родовите Гајдарџиски (со старо презиме Рабничарски) во 1881 година, Југовци и Шијаковци. Сите родови денес живеат во Штип.

Наводи

Категорија:Историски села во Македонија Категорија:Штипски села Категорија:Села во Општина Штип Категорија:Ново Село (штипска населба)