Оваа статија ја објаснува битката за Тетово во 1944 г. За битката за Тетово во 2001 г. прочитајте Битка за Тетово.

Ослободување на Тетово ― значаен настан во историјата на Македонија и Југославија, се случило на 19 ноември 1944 година, за време на Втората светска војна. Овој настан е дел од поширокото антифашистичко движење кое го воделе Македонските партизанските сили и Народноослободителна војска на Македонија против окупаторските сили на Третиот рајх и нивните соработници, албанските балисти.

Во периодот на окупација, Тетово било под италијанска, а подоцна под германска контрола. Окупаторите вовеле репресивни мерки и силно го контролирале населението, а градот служел како важен стратешки пункт. Меѓутоа, отпорот во овој регион бил силен, воден од партизански единици составени од Македонци, но и други народи на Југославија.

Партизаните, координирани од Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Југославија (НОВЈ), организирале систематски акции за ослободување на градовите во Западна Македонија. Сојузничките победи на други фронтови, како и успехот на партизанските сили во регионот, придонеле за ослабување на германските и албанските сили во Тетово. По петдневни борби против преостанатите балисти кај хидроцентралата „Матка“, селата Глумово, Групчин, Копачин Дол и Ларце, единиците на Педесеттата македонска дивизија и на Третата македонска ударна бригада го ослободиле Тетово. Во борбите учествувале и борци од Тринаесеттата, Четиринаесеттата, Деветнаесеттата македонска бригада, како и од Егејската бригада.

На 19 ноември 1944 година, партизанските единици влегле во Тетово и ја презеле контролата врз градот, истовремено ослободувајќи го од окупаторските и колаборационистичките сили. Ослободувањето било поздравено со радост и ентузијазам од страна на локалното население, кое долго време било подложено на сурови услови и репресии. Градот Тетово бил последниот македонски град ослободен во Втората светска војна со што целата територија на Вардарска Македонија конечно била исчистена од окупациските сили.

Ослободувањето на Тетово останува важен симбол на борбата за слобода и независност на македонскиот народ во Втората светска војна.

Заднина

лево|мини|324x324пкс|Италијанскиот протекторат на Албанија основан од Италија во август 1941 година Ослободувањето на Македонија во Втората светска војна била последна етапа во борбата на македонскиот народ и траела од средината на 1944 година до конечното ослободување во ноември истата година.

Пред ослободувањето на Тетово на 19 ноември 1944 година, градот минал низ тешки периоди на окупација, прво под италијанска, а потоа под германска власт, придружени со активности на албанските балистички сили, кои биле соработници на окупаторите.

Италијанска окупација (1941–1943) Со нападот на фашистичка Италија и нацистичка Германија врз Југославија во април 1941 година, Македонија била поделена меѓу окупаторите. Тетово, како дел од Западна Македонија, било ставено под италијанска контрола и вклучено во т.н. "Голема Албанија", поддржана од Италија. Овој период бил обележан со репресивни мерки кон локалното македонско население, додека на Албанците им биле дадени одредени привилегии, што резултирало со етнички тензии.

Италијанските власти формирале и вооружиле локални албански милиции познати како балисти, кои активно учествувале во спроведувањето на нивната политика, вклучувајќи прогон на македонскиот народ и симпатизерите на Народноослободителното движење. Балистите биле силно антијугословенски и антикомунистички ориентирани, а нивното присуство во Тетово било причина за постојан страв и насилство.

Балистичките формации биле организирани наполно на војничка база. Старешинскиот кадар во поголем дел минал низ разни германски воени курсеви, служел во германските единици, нарочно во германската „Скендербег“ СС дивизија, а имало и обични војници кои минале низ германските единици. Тие единици биле добро вооружени со лесно пешадиско оружје и со минофрлачи.

Капитулација на Италија и германска окупација (1943–1944) Во септември 1943 година, по капитулацијата на Италија, Германија брзо ја презела контролата над Тетово и Западна Македонија. Германците ја засилиле својата воена присутност и соработувале со балистичките сили, кои продолжиле да играат важна улога во одржувањето на окупаторската власт. Германската окупација донела уште поголеми репресии, со акцент на борба против партизанските сили, кои сè повеќе се организирале во овој регион.

Балистите биле интегрирани во окупаторскиот систем како соработници на Германците, што довело до зајакнување на нивното влијание во Западна Македонија, вклучително и во Тетово. Тие учествувале во акции против партизаните и го контролирале населението во градот и околните села. Во овој период, локалното македонско население било изложено на масовни репресии, вклучително и убиства, затворања и депортации на лица осомничени за поддршка на антифашистичкото движење.

Балисти

лево|мини|250x250пкс|Конвенција на балистите во Тетово 1944 година (Џемаил Хасани, лево од средината) Според податоците што ги поседувал Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија во овој период во Македонија имало околу 15.000 балисти, од кои во Западна Македонија бројноста на балистичките сили изнесувала околу 12-13.000 организирани борци.

Распоредот на балистичките сили бил следен:

Од 5.000 до 6.000 балисти во околината на градот Кичево и Зајас. Околу 2.000 балисти во Гостивар и Горен Полог. Околу 5.000 балисти во Тетово и Долен Полог.

Важно е да се истакне дека иако балистичките водачи ја гледале пропаста на Германија, како и нивното повлекување од Грција и Албанија, сепак тие им останале до крај верни на своите германски господари. Тие до крајот воделе упорни борби и со тоа го олеснувале германското повлекување низ Македонија, врзвувајќи прилично големи сили на Македонските партизански единици; во однос на германската армија успешно ја одиграле улога на заштитници.

Иако балистичките водачи немале никакви преспективи во овие борби, тие сепак настојувале да се одржат во Западна Македонија, па дури се надевале и да ја задржат контролата врз Скопје. За таа цел, околу 2.000 балисти се спуштиле од Скопска Црна Гора во Скопје непосредно пред самата битка за Скопје.

Македонски сили мини|300x300пкс|Третата македонска ударна бригада во строј Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија во првата половина на ноември 1944 година, покрај значителен број помали единици имал седум ударни дивизии, кои веќе подолго време биле ангажирани во непрекинати борби против Германците, а еден дел и против балистите. Пред почетокот на операциите за ослободување на Западна Македонија, ангажирањето на споменатите седум дивизии бил по следниот распоред:

42та и 50та НО дивизија и XVI македонска бригада под команда на Штабот на 16ти корпус, биле ангажирани во битката за Скопје. Кумановската дивизија (без XVI македонска бригада) била ангажирана во борбите за Куманово заедно со единиците на I бугарска армија. 49та НО дивизија (без VII бригада) и 51та (Струмичка) дивизија (без XX бригада) излегле на граничниот фронт спрема Грција и делумно спрема Албанија, само во реонот на Охридското Езеро, и добиле задача да ја затворат јужната граница на Југославија и да не дозволат понатаму пробивање на заостанатите групи Германци од Грција, како и да го спречат евентуалниот напад на Македонска територија на реакционерни сили од Грција. 41та и 48та НО дивизија и VII бригада од 49та НО дивизија, под команда на Штабот на 15ти корпус, можеле да се употребат за ослободување на Западна Македонија, и тоа во прв ред во реонот на Кичево и Гостивар, а потоа преку Тетово евентуално да им содејствуваат на силите од 16ти корпус во битката за Скопје, или пак, ако Скопје биде порано ослободено со дел од силите од 16ти корпус од правецот на Скопје да извршат наполно опколување и уништување на балистите во реонот на Гостивар-Тетово како што всушност тоа и се случило.

Планот за дејство на единиците од 15ти корпус за ослободувањето на Западна Македонија подробно било разработен на состанокот во Охрид со штабот на корпусот и штабовите на дивизиите (заповедта за работа на штабот на корпусот е издадена усно од страна на командантот, комесарот и началникот на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија), а во најкратки црти оформено е сè во заповедта на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија Обр. 33, од 10 ноември 1944 година, издадена во Охрид во 23 часот, и во заповедта на Штабот на 15ти корпус Обр. 10, од 11 ноември, издадена во Охрид во 04:50 часот.

На овој состанок биле дадени директиви за проведување на операцијата за ослободувањето на Западна Македонија. Потоа, било нагласено дека по ослободувањето на Кичево, Гостивар и Тетово, дејствата на единиците од 15ти корпус требало да се управат во правецот кон Скопје и Качаник. На истиот состанок подробно бил разработен планот за уништување на непријателските сили во регионот на Кичево.

Воени операции пред ослободувањето на Тетово лево|мини|315x315пкс|Борбениот пат на Третата македонска ударна бригада. По ослободувањето на Скопје, бригадата била назначена за ослободување на Тетово и Тетовско. Во втората половина на 1944 година, Народноослободителната војска на Југославија (НОВЈ) и партизанските одреди на Македонија се зајакнале и започнале офанзивни операции за ослободување на териториите под окупација. Поразите на германската војска на други фронтови, како и напредокот на Советската Црвена армија во Источна Европа, довеле до ослабување на германските сили во Југославија, вклучувајќи ја и Македонија.

Ослободување на Скопје (10 – 14 ноември) По ослободувањето на градовите Штип и Велес, 42та и 50та НО дивизија и Шеснаесеттата македонска бригада направиле краток продор кон Скопје, со цел да се притиснат Германските позиции према Катланово.

42та дивизија се приближиле кон Каршијак и почнале со напади на надворешната германска одбрана на Скопје. Третата македонска ударна бригада со главните сили напаѓала преку селото Сопиште на Кисела Вода, а другиот баталјон во реонот на Горно Лисиче. Дванаесеттата бригада со главните сили напаѓала на Крстовар, еден баталјон напаѓал на Бел Камен и со тоа до доцна вечерта македонските партизани успеале да завладеат целата линија Горно Лисиче-Кисела Вода-Крстовар-Бел Камен.Завршните операции на НОВ за ослободувањето на Македонија. Скопје: Институт за национална историја. 1953. стр. 158–169.

50та дивизија и Шеснаесеттата бригада на 42та дивизија, истиот ден извршиле напад на реката Пчиња, го зазеле Катланово, каде Германците успеале да го срушат мостот на реката. Македонските партизани до ноќта пробиле до селото Петровец, спремни да го продолжат ослободителниот марш кон градот Скопје.

Утрото на 12 ноември отпочнале првите борби во самиот град на неговата јужна страна. Овие напади ги извршила 42та дивизија, додека паралелно со неа од правецот на Кисела Вода со силен напад, влегла Третата македонска ударна бригада, заземајќи стратешки згради и потиснувајќи ги Германците кои се прегрупирале во веќе запоседнати згради во центарот на градот. Делови од Дванаесеттата и Третата македонска ударна бригада, ја блокирале железничката станица и отпочнале борба за самата зграда, а дел од Дванаесеттата бригада се упатил кон денешната населба Ѓорче Петров.

Паралелно со нив во текот на 11 и 12 ноември Шеснаесеттата македoнска ударна бригада, ги нападнала албанските балистички групи на Скопска Црна Гора, а во попладневните часови веќе ги напаѓале касарните во кои биле сместени германските војски. Германските сили кои биле стационирани во северниот и северно-источниот дел на градот успеале да се извлечат од градот и да се упатат кон кон Качаничката Клисура.