Веселинка Маџарова (родена 1974, Велес) — македонска солистка. Вработена е како професор по музичко образование во ООУ„Васил Главинов“ во Велес.

Животопис Маџарова основно музичко училиште завршила во тогашното училиште „Киро Димов“ денес училиштето го носи името ООМУ „Стефан Гајдов“ во Велес каде учела свирење на пијано. Својот талент продолжила да го надоградува со запишувањето во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“ - Скопје, а дипломирала на Факултетот за музичка уметност соло пеење во класата на професор Благоја Николовски и Билјана Јовановска–Јакимовска, a подоцна и на музичка педагогија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје.

Настапи и учества Како средношколец и студент по соло пеење континуирано учествувала на концерти како солист организирани од Факултетот за музичка уметност, настапи со Македонска филхармонија и солистички концерти. Добитник е на неколку награди од натпревари по соло пеење и учествувала на повеќе мастер класи по соло пеење во Италија, Хрватска и Полска. По дипломирањето во континуитет продолжила со солистички и концертни активности во земјата и надвор од неа. Маџарова има соработка со градскиот камерен оркестар во Велес и член е на трио „Окарина“ и трио „Дамар“.

Во својата музичко педагошка дејност со учениците постигнала завидни резултати и со училишниот хор на ООУ „Васил Главинов“ има над 10 регионални и републички први награди. Во својата долгогодишна музичка кариера учествувала и во формирањето на детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ со кој како диригент раководи веќе 13 години. Под нејзино раководство хорот има добиено 13 меѓународни награди од коиː две трети награди, три втори награди и седум први награди. Добитник е на повеќе награди на меѓународни хорски натпревари од кои на три натпревари Маџарова е прогласена и за најдобар диригент.

Настапувала на бројни мeѓународни натпревари со хорот „Св. Кирил и Методиј“, меѓу кои се настапот на меѓународниот натпревар „Звучит Москва“ во Москва, Русија, каде хорот освоил први награди, меѓународниот натпревар на духовна музика Гродно, во Белорусија, каде завршиле со второ место, како и меѓународниот натпревар Хајновка „Денови на православната црковна музика“ Хајновка, во Полска, од каде се вратиле со освоена прва награда.

Авторски  дела Веселинка Маџарова е автор на музика за две театарски престави за деца „Царската ќерка мразулка“ и „Патување, како и на пет учебници за музичко образование во основно образование, три прирачници за настава по музичко образование за одделенска и предметна настава, и други дела.

Одликувања и признанија Веселинка Маџарова е добитник на неколку одликувања и признанија, меѓу кои: Орден за црковни заслуги на Македонска православна црква во 2018 година.

Наводи

Надворешни врски Интервју на 24.mk Детски хор „Св. Кирил и Методиј“ го освои третото место на Фестивал во Шпанија

Категорија:Луѓе од Велес Категорија:Македонски музичари