Одри Фејт Мекгро (англ. Audrey Faith McGraw; моминско: Пери (Perry); родена на 21 септември 1967 година), естрадно позната како Фејт Хил ― американска кантри-пејачка, текстописец, продуцент и глумица. Со продадени речиси 50 милиони албуми, таа се вбројува меѓу најуспешните изведувачи на кантри-музика на сите времиња.
Фејт Хил освоила пет Греми награди, 15 Награди од Академијата за кантри-музика, шест Американски музички награди и неколку други награди. Во 2001 година, за саундтракот на филмот Перл Харбор, Хил ја снимила песната „There You'll Be“ која била номинирана за Оскар. Нејзината турнеја со Тим Мекгро, Soul2Soul II, од 2006 година станала кантри-турнеја со најголема заработка на сите времиња. Добила ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд во 2019 година. Од 1996 година, Фејт Хил е во брак со американскиот пејач Тим Мекгро со кого снимила неколку дуети.
Живот и кариера Одри Фејт Пери е родена во Риџленд, Мисисипи, северно од Џексон, Мисисипи. Била посвоена како бебе и детството го поминала во блискиот град Стар, 20 милји југоисточно од Џексон.
На 19-годишна возраст Хил го напуштила колеџот и се преселила во Нешвил за да стане кантри-пејачка. Во 1988 година, се омажила за извршниот директор на музичка издавачка куќа, Даниел Хил. Таа се развела од него во 1994 година, веднаш по објавувањето на нејзиниот прв албум.
Првиот албум на Фејт Хил, Take Me as I Am (1993), бил многу успешен, а во 1994 година со песната „Wild One“ Хил станала прва кантри-пејачка во последните 30 години која успеала четири последователни недели да се задржи на прво место на Билбордовата топ-листа. Албумот бил продаден во вкупно 3 милиони примероци.
Снимањето на вториот албум на Хил било одложено поради операција на нејзините гласни жици. Албумот It Matters to Me бил издаден во 1995 година и бил подеднакво успешен како нејзиниот претходен албум. Биле продадени над 3 милиони примероци од албумот.
Пролетта 1996 година, Хил започнала турнеја со кантри пејачот Тим Мекгроу. Хил штотуку била свршена со нејзиниот поранешен продуцент Скот Хендрикс, а Мекгро неодамна ја раскинал свршувачката. Мекгроу и Хил се вљубиле еден во друг и започнале врска. Откако Хил останала бремена, тие се венчале на 6 октомври 1996 година. Двојката има три ќерки: Грејси Кетрин (родена во 1997 година), Меги Елизабет (родена во 1998 година) и Одри Керолин (родена во 2001 година).
Со нејзините следни два албума, Faith (1998) и Breathe (1999), Хил навлегла во поп-музиката. Албумот Breathe дебитирал на врвот на Билборд200 топ-листата, потиснувајќи ги албумите на Мараја Кери и Севиџ Гарден. Насловната нумера, „Breathe“, стигнала до второ место на топ-листата Billboard Hot 100. Албумот ѝ донел три Греми награди на Хил: најдобар кантри албум, најдобра кантри соработка за „Let's Make Love“ со Тим Мекгроу и најдобра кантри женска вокална изведба за „Breathe“. Breathe бил продаден во речиси 10 милиони примероци ширум светот.
Во 2000 година, Хил снимила песна за филмот Како Гринч го украде Божиќ, под наслов „Where Are You Christmas?“ (напишана од Џејмс Хорнер, Вил Џенингс и Мараја Кери). Хил ја освоила наградата CMA за пејачка на годината. лево|мини| Хил настапува во Далас на турнејата Soul2Soul II, 29 јули 2006 година Во 2001 година, Хил снимила песна за саундтракот од филмот Перл Харбор. Нумерата под наслов „There You'll Be“, која првично ѝ била понудена на Селин Дион, станала една од најуспешните песни на Хил. Поради меѓународниот успех на синглот, компилацискиот албум There You'll Be: The Best of Faith Hill, бил издаден на меѓународните пазари. Песната „There You'll Be“ била номинирана за Греми награда во 2002 година за најдобра женска поп вокална изведба и за Оскар за најдобра оригинална песна во филм.
Со нејзините два следни албума, Cry (2002) и Fireflies (2005), Хил продолжила со успесите во продажбата; од првиот албум произлегол уште еден кросовер сингл, „Cry“, за кој Хил била номинирана за Греми, а од вториот произлегле сингловите „Mississippi Girl“ и „Like We Never Loved at All“ за кои била номинирана за дополнителни Греми награди.
Во 2006 година, по шестгодишна пауза од турнеи по раѓањето на нејзината трета ќерка, Хил и нејзиниот сопруг Тим Мекгроу ја започнале заедничката турнеја Soul2Soul II. Со заработка од 90 милиони долари, турнејата станала кантри-турнеја со најголема заработка дотогаш. Списанието Полстар ја прогласило за „Најголема турнеја на годината“, победувајќи ги тешкашите во музичката индустрија како Мадона и Ролинг Стоунс.
Во септември 2008 година, Хил го издала нејзиниот прв божиќен албум, насловен како Joy to the World. Компилацијата добила позитивни критики. мини| Хил на настап во 2011 година На 3 февруари 2017 година било објавено дека Хил, заедно со Мекгро, потпишале нов договор со Sony Music Nashville, и дека заедно ќе објават дуетски албум како и неколку соло-снимки. По потпишувањето со новата издавачка куќа сопружниците го издале „Speak to a Girl“, водечки сингл од заедничкиот албум на Хил и Мекро, The Rest of Our Life, кој бил објавен на 17 ноември 2017 година. Објавувањето на албумот се совпаднало со отворањето на изложбата во Куќата и музеј на славата на кантри-музиката насловена како Жена од Мисисипи, Маж од Луизијана, која ги прикажувала кариерите на Хил и на Мекгро.
Дискографија
Take Me as I Am (1993) It Matters to Me (1995) Faith (1998) Breathe (1999) Cry (2002) Fireflies (2005) Joy to the World (2008) The Rest of Our Life (со Тим Мекгро) (2017)
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Живи луѓе Категорија:Добитници на Греми Категорија:Американски кантри пејачки Категорија:Американски пејачки од 21 век Категорија:Американски пејачи и пејачки од 21 век Категорија:Американски пејачки од 20 век Категорија:Американски пејачи и пејачки од 20 век Категорија:Родени во 1967 година Категорија:Кантри-поп музичари Категорија:Посвоени лица