„Еден“ или „Едем“ (полски: Eden) — научнофантастичен роман на полскиот писател Станислав Лем. Лем го пишувал делото во Краков и во Закопане во 1958 година.Станислав Лем, Едем. Антолог, Скопје, 2020, стр. 287.
Содржина Романот се состои од 14 глави: Глава 1-8: При слетувањето на планетата Еден, вселенскиот брод се оштетува и се закопува длабоко во почвата на планетата. Сепек, шестемина членови на екипажот преживуваат и, копајќи тунел, успеваат да излезат на површината. Тие заминуваат во извидување на околината и откриваат необични растенија и други творби, а потоа влегуваат во внатрешноста на една градба во која се извршуваат непознати процеси и се создаваат необични творби. Кога се враќаат кај вселенскиот брод, тие наоѓаат мртов труп на суштество од планетата кое, поради необичната физиономија, го нарекуваат дуплотел. Подоцна, екипажот успева да поправи еден генератор и така добива електрична енергија. Утредента, членовите на повторно заминуваат во извидување и здогледува град. Тогаш, нив ги напаѓа едно суштество, но тие го убиваат и се качуваат во неговото возило, но на патот кон вселенскиот брод доживуваат незгода во кое го уништуваат возилото. Докторот предлага да воспостават контакт со жителите на планетата, но останатите се против таа идеја, сметајќи ја за опасна. Екипажот успева да го поправи оштетениот ровер и повторно оди во разгледување на околината, повторно откривајќи необични појави, градби и суштества. За време на едно истражување, екипажот открива подземна населба, населена со голем број дуплотели кои наеднаш почнуваат избезумено да бегаат. Сепак, космонаутите успеваат со себе да земат еден дуплотел. За време на нивното отсуство, вселенскиот брод го опколува група летала кои, сепак, не предизвикуваат никаква штета.Станислав Лем, Едем. Антолог, Скопје, 2020, стр. 7-178. Глава 9-14: Утредента, жителите на Еден го напаѓаат вселенскиот брод со илјадници проектили кои околу него создаваат еден вид ограда. Сепак, екипажот прави уште една експедиција при што прави снимки на една населба. На патот кон вселенскиот брод, екипажот наидува на друга населба во која една група дуплотели уништува друга група. Во таа прилика доаѓа до борба меѓу космонаутите и жителите на планетата. По враќањето во ракетата, екипажот ги прегледува снимките, изнесувајќи различни претпоставки за однесувањето на жителите на Еден при што започнува расправа околу тоа дали веднаш да ја напуштат планетата или да се замешаат во тамошниот поредок. Тогаш, во ракетата ненадејно се појавува едне дуплотел со кого екипажот воспоставува комуникација. Меѓутоа, влегувајќи во ракетата, дуплотелот се озрачува од истечената радиоактивна вода и откако космонаутите му кажуваат дека ќе умре, тој започнува да им раскажува за животот на Еден, за научните достигнувања, за анатомијата на жителите и за нивната историја. Така, екипажот дознава дека во минатото планетата имала децентрализирана управа, но подоцна била воспоставена централизирана власт која е анонимна за жителите на Еден. Исто така, во минатото, власта започнала биолошки опити, но тие предизвикале генетски мутации поради кои на планетата постојат два вида дуплотели: нормални и заостанати. Најпосле, космонаутите дознаваат дека на Еден постојат посебни населби за престапниците на законите. Дуплотелот не умира од озрачувањето, но не сака да остане со космонаутите, а не сака ниту да се врати кај своите. За неколку дена, екипажот успева да ја поправи ракетата и да се врати дома, а двата дуплотели умираат од огнот што се создава при полетувањето на ракетата.Станислав Лем, Едем. Антолог, Скопје, 2020, стр. 179-287.
За делото Со романот „Еден“ започнува зрелата епоха во творештвото на Лем од жанрот научна фантастика. Описот на политичките услови кои владеат на планетата Еден потсетува на орвеловската визија, но во книгата има далеку повеќе алузии на „Робинзон Крусо“ и на „Таинствениот остров“ на Жил Верн. Самиот Лем не сакал да дава изјави за „Еден“ ниту во јавноста ниту во преписките поради што постои една хипотеза дека во ова дело авторот премногу се открил себеси и дека главната фабула се однесува на неговите сеќавања за настаните во гетото во Лавов.Станислав Лем, Едем. Антолог, Скопје, 2020.
Изданија на македонски јазик Романот „Еден“ (со насловот „Едем“) бил објавен на македонски јазик во 2020 година од издавачката куќа Антолог, како 280. книга од библиотеката „Бранови“. Преводот од полски јазик го направила Милица Миркуловска. Таа била испечатена во печатницата Графоден во тираж од 500 примероци. Книгата, со обем од 288 страници и со димензии од 20 сантиметри, била објавена со финансиска поддршка од Министерството за култура. Таа е каталогизирана во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-243-433-9.Станислав Лем, Едем. Антолог, Скопје, 2020, стр. 2-4.
Наводи
Категорија:Дела на Станислав Лем Категорија:Полски романи Категорија:Научнофантастични романи Категорија:Книги од 1958 година Категорија:Изданија на Антолог