Алан Олав Вокер (англ. Alan Olav Walker; роден на 24 август 1997 година) ― норвешки диџеј, музички продуцент и композитор. Стекнал светска популарност со неговиот електронски денс-хит „Faded“ од 2015 година. Музичкиот стил на Вокер потсетува на прогресив хаус со малку побавно темпо и транс музика од 1990-тите. Вокер ја цени својата анонимност и е познат по тоа што носи качулка и маска за да остане незабележлив.
Живот и кариера Алан Вокер е роден на 24 август 1997 година во Нортхемптон, Англија. Неговиот татко е Британец, а мајка му Норвежанка. Кога имал две години, семејството се преселило во Берген во Норвешка, каде го поминал детството со неговите двајца браќа и сестра му. Уште од најрана возраст покажал интерес за компјутерски игри, графички дизајн и програмирање, и детството го поминал играјќи со хардверот на Nintendo и домашните конзоли како што се PlayStation и Nintendo GameCube.
Во тинејџерските години почнал да се занимава со музика. Почнал да учи музика и продукција преку гледање упатства на YouTube. Инспириран од норвешкиот музички продуцент К-391, холандскиот музички продуцент Ахрикс и филмските композитори Ханс Цимер и Стив Јаблонски, Вокер почнал да продуцира сопствена музика на неговиот лаптоп користејќи ја програмата FL Studio. Во јули 2012 година објавил неколку негови видеа на YouTube и SoundCloud. Музичката кариера ја почнал под псевдонимот DJ Walkzz.
Во 2015 година потпишал договор со MER Musikk под Sony Music Sweden и го издал синглот „Faded“. Бил објавен на 8 декември 2015 година, а во него пее норвешката пејачка Иселин Солхајм. Синглот бил на врвот на топ-листите на крајот на годината во Австрија, Германија, Швајцарија и Шведска. На Британските музички награди во 2017 година бил номиниран за британски сингл на годината и ја освоил наградата Årets Låt (Песна на годината) на Spellemannprisen. До јуни 2024 година, спотот за песната имала преку 3,6 милијарди прегледи на YouTube, со што е на 28-мо место на списокот на најгледани видеа на YouTube. Станала прва електро-денс песна со 3 милијарди прегледи. Синглот добил и официјални ремикси од Tiësto, Dash Berlin и Hardwell.
Во 2016 година, Вокер објавил ремикс на песната од Сија „Move Your Body“. Оваа песна била вклучена во албумот од Сија This Is Acting (Deluxe Edition). Синглот „Sing Me to Sleep“ бил издаден на 3 јуни 2016 година. На него повторно пеела пејачката од „Faded“, Иселин Солхајм. Песната се искачила на прво место на норвешката топ-листа и истата година ја освоила наградата „Норвешка песна на годината“ на NRJ Music Awards Norge. Друг сингл под наслов „Alone“ бил издаден на 2 декември истата година, во кој се појавува шведската пејачка Нуни Бао.
На 19 мај 2017 година, Вокер ја објавил песната „Tired“ во која учествувал ирскиот кантавтор Гевин Џејмс. На 15 септември 2017 година, Вокер го издал „The Spectre“, вокална и инструментална преработка на неговата песна „Spectre“ од 2015 година. Неговиот следен сингл, објавен на YouTube, била соработка со американската пејачка Ноа Сајрус и британскиот диџеј и музички продуцент Digital Farm Animals под наслов „All Falls Down“. Бил објавен на 27 октомври 2017 година.лево|мини|220x220пкс| Вокер на шоуто на Џими Фалон во 2018 година На 27 јули 2018 година, Вокер ја објавил песната „Darkside“ во која пее антигванско-германската пејачка Ау/Ра и норвешкиот пејач Томине Харкет. Песната стигнала до прво место на норвешката топ-листа и 10-то место на шведската топ-листа. Синглот „Diamond Heart“ со шведската пејачка Софија Сомајо бил објавен на 28 септември 2018 година. Песната била номинирана за најдобра кинематографија на Берлинските музички видеонагради во 2019 година.
Во декември 2018 година, Вокер го издал неговиот прв албум, Different World. Албумот содржел претходно објавени песни како „Faded“ и „Alone“, но и нови песни како „Lonely“ во соработка со американскиот диџеј Стив Аоки. Заедно со објавувањето на албумот, започнала и кампањата насловена како „#CreateAdifferentWorld“ со цел да се подигне свеста за климатските промени. Албумот бил на врвот на топ-листите во Норвешка и во Финска и бил номиниран за Најдобар денс/електронски албум на Билбордовите музички награди во 2020 година. мини|298x298пкс| Вокер во 2019 година Во 2019 година го објавил синглот „On My Way“, соработка со американската пејачка Сабрина Карпентер и порториканскиот пејач Фаруко. На крајот од истата година ја издал песната „Alonе, Pt. II“, во соработка со американската пејачка Ејва Макс. Песната била продолжение на синглот од Вокер „Alone“. Песната се пласирала меѓу најдобрите 10 на топ-листите во Белгија, Норвешка, Полска и Романија.
На 10 септември 2021 година, Вокер го објавил мини-албумот (EP) Walker Racing League. На 26 ноември 2021 година го издал неговиот втор студиски албум World of Walker, кој се состоел од 15 песни. Албумот, покрај другите, ги содржел песните: „On My Way“, „Alone, Pt. II“ и „Fake a Smile“.
Во 2022 година, Вокер го издал проектот Walkerverse, кој бил претставен како две EP-а, а подоцна бил повторно издаден како негов трет студиски албум, Walkerverse Pt. I & II. Следела турнејата Walkerverse: The Tour, која започнала во септември 2022 година.
На 10 ноември 2023 година, Вокер го издал неговиот четврти студиски албум, Walkerworld. Овој албум ги содржел песните „Spectre 2.0“ со Стив Аоки и „Land Of The Heroes“ со Софи Стреј.
На 10 јануари 2025 година, Вокер го издал неговиот петти студиски албум, Walkerworld 2.0. Во јануари и февруари 2025 година, одржал турнеја во Северна Америка насловена како „Walkerworld North American Tour“. Вокер, исто така, најави дека почнувајќи од март 2025 година, ќе настапува во градови како Барселона, Лондон, Берлин и Париз како дел од неговата „Европска турнеја Walkerworld“.
Дискографија
Different World (2018) World of Walker (2021) Walkerverse Pt. I & II (2022) Walkerworld (2023) Walkerworld 2.0 (2025)
Наводи
Надворешни врски
Alan Walker's channel on YouTube
Категорија:Добитници на MTV Europe музички награди Категорија:Живи луѓе Категорија:Родени во 1997 година Категорија:Статии со извори на норвешки (no) Категорија:Статии со микроформати hAudio Категорија:Статии со hCards Категорија:Статии со краток опис Категорија:Јутјубери Категорија:Маскирани музичари Категорија:Норвешки диџеи Категорија:Ремиксери Категорија:Електро-хаус музичари Категорија:Норвешки музичари