мини|Остатоците од опашниот дел на авионот заглавени во студентскиот дом. Лет Ер Индија 171 — редовен меѓународен патнички лет опериран од Ер Индија од аеродромот Ахмедабад во Индија до аеродромот Гетвик во Лондон, Обединетото Кралство. На 12 јуни 2025 г., во 13:38 часот по индиско стандардно време, авионот Боинг 787-8 дримлајнер, кој го извршувал летот, се урнал приближно 30 секунди по полетот во студентскиот дом на Медицинскиот колеџ Б. Џ. во населбата Мегханинагар во Ахмедабад.

Во авионот имало 230 патници и 12 члена на екипажот, од кои сите освен еден патник загинале во несреќата. Загинале и најмалку 33 лица на земја. Оваа несреќа е првиот смртоносен пад и целосна загуба на трупот на авион од типот Боинг 787 дримлајнер.

Заднина

Авионот и маршрутата Авионот вклучен во несреќата бил 11-годишен Боинг 787-8 дримлајнер, регистриран како VT-ANB со сериски број 36279. Авионот бил склопен во фабриката на Боинг во Еверет и вклучувал делови од трупот изработени во капацитетот на Боинг во Чарлстон. Бил испорачан на авиокомпанијата на 28 јануари 2014 г. и бил придвижуван од два мотори General Electric GEnx-1B67.

Ова бил првиот смртоносен пад и првата целосна загуба на трупот на авион од типот Боинг 787 од неговото претставување во 2011 г., како и прва смртоносна загуба на трупот за Ер Индија од бомбашкиот напад на летот Ер Индија 182 во 1985 г. Несреќата била најсмртоносната авијациска случка во Индија по судирот во воздух кај Чарки Дадри во 1996 г.

Ер Индија започнала со летови од Гетвик во 2013 г. Во мигот на несреќата, тие оперирале дванаесет поаѓања неделно, вклучувајќи пет до Ахмедабад. Аеродромот Ахмедабад е опкружен со густо населени станбени области.

Патници и екипаж Во летот имало вкупно 242 лица, од кои 230 патници (11 деца и 2 бебиња), како и 2 пилоти и 10 стјуардеси. Списокот на патници вклучувал 169 индиски државјани, 53 британски, 7 португалски и еден канадски државјанин. Летот бил заповедуван од капетанот Сумит Сабхарвал и првиот офицер Клајв Кундар.

Несреќа Летот 171 полетал од пистата 23 на аеродромот Ахмедабад во 13:38 часот по месно време на пат кон Лондон-Гетвик. Според извештаите на МЕТАР, времето било стабилно, а видливоста чиста.

АДС-Б примопредавателот на авионот пријавил максимална притисочна надморска височина од 191 м. Приемот на примопредавателот бил изгубен во 08:08:50 UTC на околу 70 м, пред прагот на пистата 05. Екипажот на летот упатил повик за итност.

Видеоснимка од случката покажала како авионот првично добива висина пред постепено да се спушта, притоа изгледајќи како да се навалува нагоре, а потоа, веднаш штом исчезнал од видното поле, се урнал околу триесет секунди по полетот, проследено со облак од оган и чад. Местото на несреќата било оддалечено 1,5 км од пистата.

Очевидци од областа Мегханинагар пријавиле повеќе избувнувања, проследени со густи облаци чад додека авионот удрил во зграда и се пробил низ неа. Авионот се урнал во станбената област на кампусот на Градската болница, удирајќи ги студентските домови и лекарските одделенија на Медицинскиот колеџ Б. Џ., кој припаѓа на болницата. Делумно недопрените стабилизатори и опашниот конус на авионот завршиле на врвот на повеќекатна зграда на студентски дом.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Азија во 2025 година