мини|Гаќи од с. Спанчево, Кочанско Поле - НУ Музеј на Македонија Гаќите — составен дел од машката македонска народна носија и претставуваат основна облека долга до глуждовите, која се носела под кошулата. Ногавиците на гаќите најчесто биле вовлечени во шарени волнени чорапи и функционирале како пантолони-гаќи. Тие влегувале во состав на летната носија, додека во зимскиот период се носеле како долна облека под чакширите (Скопска Блатија) или литарките и ѕиврите (Овче Поле). Платнените гаќи се носеле затегнати во струкот со помош на врвка наречена учкур (вркузум). Ткаењето на гаќите било лито. Волната претставувала основен материјал за изработка на гаќите, иако во поново време се користел и памукот.
Региони Како дел од Горновардарската етнографска целина, гаќите се носеле во составот на летната носија, а зимно време под чакширите. Во селата Жеглигово, Средорек и западниот дел на Славиште, биле ткаени од бело домашно платно со кенари. Кројот им бил составен од ногавици и „седло“. Ногавиците им биле украсени со „врзулке“, со „л’ски“ (пулови) – светлинки, и со „сорки“ – еден вид рачна тантела, или биле везени. Врзулките биле правени од игла околу која конецот се мотал неколку пати. Во Скопска Блатија исто така биле ткаени од кенарлија платно, но тука долниот дел на ногавиците се кител со мемиња и монистра. Во Скопска Црна Гора биле скроени од посебни делови, како: „ребрњаци“ – клинови, платно, кутел и гаќник. Тие во горниот дел биле пошироки, а од колената надолу имале стеснети ногавици. Околу струкот биле набрани со гаќник.
Во Дебарско-Мијачката етнографска целина се нарекувале гашти, се пристегнувале со „гашник“ (учкур) и биле изработени од исто платно како и кошулата. Во Дебарски Дримкол биле кроени од две правоаголни парчиња за ногавици и „кутел“ – триаголно парче за проширување во горниот дел. На појасот биле набрани со гашник во вид на плетенка од бела волна. Во носијата од Голо Брдо се носеле под бечвите и шалварите, додека во Дебарско Поле имале широки ногавици и над нив се носеле „тозлуци“. Гаштите се носеле во составот на летната носија.
Кај Брсјачката етнографска целина биле исткаени од бело домашно платно и биле составен дел од летната носија. Во Кичевијата се носеле во полските села и биле стегнати (од глуждовите до колената) со „алени“ шаечни тозлуци. Се закопчувале од задната страна на ногата со копчиња, а под колената биле стегнати со ткаени „подвески“. Во Битолско-Прилепско Поле биле долги до под листовите и на половината биле набрани со гаќник исплетен од бело волнено предиво. Во Горните битолски села гаштите се носеле припиени до телото и биле набрани со протнат гашник. Со нив се носеле тозлуци од бел шајак со должина од глуждовите до седлото, кои во горниот дел се придржувале за гашникот со помош на врвчиња. Мариовската носија имала гаќи – „бубаќарни“, направени од бело, четворно ткаено памучно платно и имале крој сличен на бечвите. Се појавиле на почетокот на 20-тиот век и се облекувале во лето под ѕиврите, а во зима под бечвите и под шалварите.
Во Средновардарската етнографска подгрупа, гаќите се носеле како основен дел од летната носија. Во носијата од Овче Поле горе биле широки, а надолу (ногавиците) се стеснувале. Околу појасот биле „наврчкани“ – набрани со гаќник. Речиси секогаш биле направени од кенарно платно и се носеле во лето, а во зима гаќите станувале долна облека и се носеле под литарките и ѕиврите. Во Радовишко-Струмичко Поле, гаќите се стегале со учкур и над нив се облекувале потури.
Во Шопско-Македонската етнографска целина, во носијата на Радовишкиот шоплук, гаќите претставувале долна облека направена од истото платно како и кошулата. Горниот дел бил проширен, а ногавиците биле благо стеснати. Се облекувале под потурите и пантолоните.
Во Јужно-Македонската етнографска целина биле прилично проширени во горниот дел (Бојмија) и биле направени од исто платно како и кошулата.
Наводи
Категорија:Македонски народни носии