Resident Evil Requiem (македонски: Притаено зло: Панихида) — компјутерска игра во жанрот ужас за преживување. Таа е деветта во главната серија Resident Evil и продолжение на Resident Evil Village. Како развивач и издавач се јавува компанијата Capcom.
Играта била најавена на 6 јуни 2025 г., за време на презентацијата на Summer Game Fest, а излегла на 27 февруари 2026 г., за платформите Windows, PlayStation 5, Xbox Series X/S и Nintendo Switch 2. Во Resident Evil Requiem се користи погонскиот систем RE Engine.
Играчки процес Во прегледот објавен на мрежното место IGN на 11 јуни 2025 г., било откриено дека во играта може слободно да се менува погледот помеѓу прво и трето лице. Главниот лик, Грејс, е прогонувана од ново чудовиште, слично на Мистер Икс или Леди Димитреску. Како и во главниот серијал Resident Evil, играта вклучува загатки, истражување на околината, борба за преживување и собирање ресурси. Во овој поглед, играта е многу блиска до Resident Evil 2.
Requiem ја продолжува традицијата на седмиот и осмиот дел, воведувајќи голем, гротескен и неумолив прогонувач. Во медицинскиот центар „Роудс Хил“, Грејс нема огнено оружје; таа располага само со запалка и стаклени шишиња за одвлекување на вниманието на чудовиштето, кое не може да биде рането или убиено. При движењето низ собите и долгите ходници, неопходно е играчот да се движи наведнат и со голема претпазливост.
Чудовиштето — жена мутант со испакнати очи, жртва на експерименти со Т-вирусот — наликува на ксеноморф од Alien: Isolation. Тоа е упорно, способно да се движи по таванот и веднаш реагира на звуци, движења и мирисот на девојката. Непријателот е висок колку Леди Димитреску, со градба на телото слична на Лиза Тревор и вилица како кај вендиго. Спасот е силната светлина, која ја пече кожата на монструмот и го принудува на повлекување, што претставува еден вид интерпретација на сигурните соби во серијалот.
Истражувањето во оваа игра е стандардно за целата франшиза и вклучува управување со инвентарот, подробно проучување на предмети, како и барање клучеви за отклучување врати и осигурувачи за електричните прекинувачи. Изборот на камерата може да се менува преку менито во кое било време, што овозможува создавање различна атмосфера во зависност од желбите на играчот. При играње во прво лице, пресретнувањето со прогонувачот изгледа многу пострашно бидејќи тој делува крупно и моќно, а ограничениот преглед на околината го засилува стравот за време на скриптираните епизоди. Од друга страна, со префрлање во режим на трето лице, играчите можат да ја видат анимацијата на Грејс како се сопнува и паѓа, што дополнително ја нагласува нејзината ранливост и ја зголемува напнатоста во критичните моменти. Самата болница е функционално поделена на источно и западно крило, а помеѓу нив е сместен атриумот што служи како сигурна зона за играчот.
Содржина Дел од настаните во играта се одвиваат во разурнатиот Ракун Сити, 28 години по катастрофата. Главни ликови се Леон Кенеди и аналитичарката на ФИБ, Грејс Ешкрофт — ќерка на Алисa Ешкрофт од Resident Evil Outbreak. Претходно, Алиса била сведок на пропаста на корпорацијата Амбрела, по што продолжила да ги следи појавите на биолошка опасност.
Откако добива задача од својот претпоставен Нејтан Демпси, Грејс заминува во градот, поточно во хотелот „Вренвуд“ — местото каде што нејзината мајка била убиена пред 8 години. Кога се дознава дека во хотелот исчезнал полицаец, на местото на настанот пристигнува и ветеранот агент Леон Кенеди. Во текот на приказната, Грејс станува жртва на одредени експерименти. Како што патиштата на Грејс и Леон се вкрстуваат, двајцата се принудени да се соочат со своето минато и да ја откријат вистината за инцидентот во Ракун Сити, кој засекогаш го променил светот.
Главен осомничен за чудните смртни случаи што ги потресуваат САД е Виктор Гидеон, поранешен специјалист во Амбрела за истражување на Т-вирусот. Важна улога игра и „Елпис“ — „она што останало на дното на Пандорината кутија“, проект што го крие одговорот на прашањето зошто е убиена Алиса Ешкрофт и ја открива тајната на Леон.
Развој На 1 јули 2024 г., презентацијата на Capcom Showcase открила дека следното главно продолжение на Resident Evil е во развој, под режија на Коши Наканиши. Capcom го најавил Requiem на Summer Game Fest на 6 јуни 2025 г., со датум на излегување на 27 февруари 2026 г. Трејлерот бил завршното откритие на играта. Во трејлерот бил прикажан опустошениот Ракун Сити, вклучувајќи ја и полициската управа од Resident Evil 2 и Resident Evil 3. Resident Evil Requiem е додадена на преку 1 милион списоци на желби низ сите платформи на кои е најавено нејзиното излегување. Демо-верзија за играње била достапна на конвенцијата Gamescom 2025 во август 2025 г. Како и сите игри од серијата Resident Evil по Resident Evil 7: Biohazard (2017), Requiem го користи погонскиот систем RE Engine.
Наводи
Надворешни врски
__СОСОДРЖИНА__ __ИНДЕКС__
Категорија:Игри од Resident Evil Категорија:Ужаси за преживување Категорија:Игри за PlayStation 5 Категорија:Игри за Windows Категорија:Игри за Xbox Series X/S