„И бол и бес“ — роман на македонскиот писател Славко Јаневски, со тематика од НОБ, издаден во 1963 година.
Содржина Романот „И бол и бес“ од Славко Јаневски е четвртиот роман на Славко Јаневски, кој ја слика големата тема на Народноослободителната борба на комплексен начин. Почнувајќи од прологот каде се дава записот во дневникот на Марко во кој се навестува смртта, па до последната страна, на драматичен начин, се расчленуваат судбините на шестемина борци на проретчената десетина, оставени во отстапница да бидат заштита на партизанскиот одред кој се повлекува заедно со ранетите и селаните од околните села пред наездата на непријателските сили на бугарската фашистичка војска на Козјак.
Уште во прологот се напишани шесте имиња на главните протагонисти (Паун, Божин, Стане, Марко, Благоја и Вела) и околностите во кои се наоѓаат. Со премрзнатата рака, Марко запишува дека има уште многу да каже, а завршува со зборовите: Хамлет... борба... за врска... никаквец.
Романот е структуиран според животната судбина на шесте ликови во шест тематски целини, кои ги нарекува така од нивната внатрешна симболика: „Невид“, „Страв“, „Лов“, „Визија“, „Пак визија“, и „Круг“. Дејството во романот се случува во текот на неколку дена, и кипти од набиени случувања, но смртта е неминовна за сите шестмина, кои гинат сите до еден: од куршум, од студ, од мина, од бесилка, од гангрена.
Според романескната типологија, Георги Старделов го вбројува ова дело во поетско-психолошките романи, поради „сугестивната поетска експресивност, ретката поетска метафоричност и музикалноста на романсиерскиот јазик на Јаневски.“Георги Старделов, „Човековиот и бол и бес (Славко Јаневски: ‚И бол и бес‘)“, во: Искуства, Македонска книга, Скопје, 1987, стр. 175.
Ликови Во романот „И бол и бес“ не постои централна личност во романот. Судбината на шесте лика, но и судбината на масата, народот исто така, детерминирана е од двете синтагми од насловот. Бол и бес. Болката според Миодраг Друговац, е „ физичка одредница, а бесот е чисто психолошка категорија...Болот е состојба на мирување и трпење. Бесот е акција во зависност од степенот на сопствената температура, а и од природата на неговиот ностител...Бесот произлегува од болот, тој е негова надградба, негов највисок, најреволуционерен степен.“Миодраг Друговац, „Поговор: Хамлет на боиштето“, во: Славко Јаневски, И бол и бес, Мисла, Скопје, 1980.
Во романот може да се детерминираат три типа на ликови: Ликови што ја прифаќаат смртта како неминовност, како нужност(Божин, Стане,Паун,Марко, Благоја и Вела) Ликови што не ја чувствуваат смртта, и ја подготвуваат за други со моменталната сила на своето оружје. ( Мајорот Димитров, Теодос К. Поповиќ, Јанкула Дичо) Ликови- меѓуликови (Алексо Синадиновиќ- поранешен четнички јатак и поручникот Петров- бугарски офицер).
„И Бол и бес“ е роман со теза, со голем број на психолошки карактеристики со модерна композиција, тој претставува воен психолошки роман, каде е дадена анатомијата на војната и е врвно романсиерско остварување на Славко Јаневски. Миодраг Друговац, „Поговор: Хамлет на боиштето“, во: Славко Јаневски, И бол и бес, Мисла, Скопје, 1980.
Наводи
Категорија:Македонски романи Категорија:Романи кои се одвиваат во Македонија Категорија:Дела на Славко Јаневски Категорија:Книги од 1963 година Категорија:Појавено во 1963 година во Македонија Категорија:Изданија на Мисла