Чија семето е семе на растението Salvia Hispanica – цветна билка која припаѓа на семејството усноцветни растенија (Lamiaceae). Оригинално води потекло од централен и јужен Мексико, како и северна Гватемала, иако се раширило во други држави – Индија, Парагвај, Виетнам кои денес се меѓу најголемите извозници на чија семе. Чијата станува се поактуелен избор во исхраната поради високата содржина на омега-3 масни киселини и растителни влакна. Ова семе исто има висока концентрација на протеини и есенцијални амино-киселини, кои го прават богат извор на биоактивни пептиди. Чија семињата се мали, со должина од околу 2 милиметри и јајцевидна форма. Најчесто доаѓаат во црна боја, но постојат бели и кафеави семиња, без некоја разлика во нивната нутритивна вредност.

Потекло и историја

Чија семето е познато уште од времето на древните култури и било широко користено како извор на храна од Маите и Ацтеките. Поради неговите карактеристики и значајност во секојдневниот живот, Маите го нарекле „Чија“, што значи „сила“. Подоцна го користат и други цивилизации.

Чија семето било консумирано цело, се мешало во пијалоци и храна, се претворало во брашно, се користело и во лекови. Често наоѓало примена во свети ритуали и се верувало дека дава натприродни моќи. По колонизацијата на регионот, Шпанците го забраниле поради неговите религиозни употреби.

Со почеток во доцниот 20-ти век, околу 1980-тите години, чија семето повторно станало достапно за широка употреба, кога се дознало за неговите нутритивни вредности. Денес се користи како локален деликатес во многу култури и е омилен додаток во исхраната за луѓе ширум светот. Хранлива вредност Препорачана дневна доза на чија семе е околу 2-3 лажици (~24 грама). Две лажици чија (приближно 24 грама) содржат околу 117 калории, 4 грама протеини, 8 грама растителни влакна и околу 4.2 грама омега-3 масни киселини. Оваа количина покрива 15% од препорачаната дневна вредност на калциум, 25% на манган и 23% на фосфор.

Понатаму, чијата е богата со антиоксиданси, вклучително токофероли, каротеноиди, фитостероли и полифенолни соединенија. Антиоксидансите играат клучна улога за одржување на здраво тело без болести.

Чија семињата ги содржат сите 9 есенцијални амино-киселини. Протеините во чијата можат да помогнат во стабилизирање на нивото на шеќер во крвта и да обезбедат постојан извор на енергија.

Употреба Лесно е да се имплементираат чија семиња во исхраната. Чија семињата се хидрофилни („водољубиви“) и можат да апсорбираат 10-12 пати од својата тежина во вода. Формираат желатинска сусптанца која е популарен избор во разни десерти и пијалоци, а може да се јаде и суво чија семе, да се претвори во чија брашно или да се користи како згуснувач.

1. Додаток во пијалоци Чија семето често се користи потопено во чај, сокови, па дури и вода. 2. Чија пудинг

Здрав оброк со растително млеко (може да се користи и животинско), засладувач, најчесто прелиен со овошје. Меѓу најпопуларните чија десерти. 3. Чија смути Чијата скоро секогаш може да се додаде во смути, но прво треба да се потопи во вода сè додека не набабри. Вака пијалокот ќе добие желатинска структура. 4. Опции во секојдневни јадења Чија леб, чија крекери, додаток во салати, чија мармалад, чија житарки и друго. 5. Алтернативни во исхрана Чија семињата се популарни алтернативи во вегански и вегетеријански диети, најчесто како алтернатива за јајца. Здравствени придобивки Чија семето претставува одличен избор бидејќи содржи многу витамини и минерали: има повеќе калциум од кравјо млеко, повеќе железо од спанаќ, повеќе калиум од банана, повеќе омега-3 од лосос (растителни омега-3, наспроти животинските кај лососот) а содржи и цинк, магнезиум, фосфор и витамини од Б-групата.

Омега-3 масните киселини во семето помагаат при одржување на здравјето на мозокот и срцето и е докажано дека го намалуваат воспалението. Во една порција чија семе (две до три лажици) има околу 10 грама растителни влакна кои помагаат во варењето и ја омекнуваат столицата. Според некои студии, доволна количина на растителни влакна придонесува за намален ризик на коронарна срцева болест, дијабетес од тип 2 и неколку видови на рак. Растителните влакна го намалуваат лошиот холестерол. Според некои трудови, антиоксидансите во чијата можат да заштитат против инфламација, дијабетес, рак, срцева и Алцхајмерова болест. Неодамнешно истражување пронајде дека чијата го намалила крвниот притисок кај лица со дијабетес и хипертензија во период од 12 недели.

Чијата придонесува за здравје на коските преку калциумот, фосфорот и магнезиумот кои ги содржи. Една студија пронајде дека луѓето кои пиеле јогурт со чија чувствувале поголема заситеност од луѓе кои пиеле јогурт без чија. Со додатокот на чијата се намалиле внесените калории. Треба да се избегнува јадењето на големи количини на чија семе, поради дигестивни симптоми како дијареја и слично. Наводи

Категорија:Исхрана Категорија:Јадливи оревести плодови и семки