Светска недела на доењето (англиски: World Breastfeeding Week) — глобален координиран настан што се одржува во над 170 земји секоја година од 1 до 7 август, организиран од Светската асоцијација за доење (WABA), Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ.

Целта на Светската недела на доењето е да се промовира доењето со цел подобрување на здравјето на децата и на жените. Доењето е единствен процес кој обезбедува идеална исхрана за доенчињата и придонесува за нивниот здрав раст и развој; ја намалува зачестеноста и тежината на заразните болести, со што се намалува морбидитетот и смртноста кај доенчињата. Придонесува за здравјето на жените со намалување на ризикот од рак на дојка и рак на јајниците и со зголемување на времето помеѓу бременостите. Обезбедува друштвени и економски придобивки за семејството и заедницата и им дава на повеќето жени чувство на задоволство кога успеваат во доењето. Овие придобивки се зголемуваат со зголемено исклучиво доење во текот на првите шест месеци од животот на детето, а потоа со подолго траење на доењето со воведување на разновидна исхрана, поради што Светската здравствена организација препорачува исклучиво доење, кое започнува во првиот час од раѓањето и продолжува додека детето не наполни шест месеци. Исклучивото доење значи дека на доенчето не му се дава друг пијалак или храна и дека доенчето треба да се дои често и неограничено (доење по потреба). Светската здравствена организација препорачува доењето да се продолжи најмалку две години и понатаму, со додавање на друга, разновидна храна.

Историја Светската алијанса за доење (WABA), организацијата што ја координира Светската недела на доење, е основана на 14 февруари 1991 година со цел повторно воспоставување глобална култура на доење и обезбедување поддршка на доењето. Нејзината работа се заснова на акциониот план на Декларацијата за заштита, поддршка и промоција на доењето (позната како Декларација Иноченти) која била усвоена на 1 август 1990 година во Фиренца, Италија. WABA првпат ја обележила Светската недела на доењето во 1992 година со темата Иницијатива „Родилиште - пријател на децата“ (BFHI). Иако првичната идеја била да се прославува доењето само еден ден во годината, подоцна се развил во настан што трае една недела.

Секоја година, WABA објавува годишна тема и специфични цели на кампањата, а од 2016 година, темите и специфичните цели на Светската недела на доењето се усогласени со Целите за одржлив развој на ООН.

Цели на Светската недела на доењето Целите на одбележувањето на Светската недела на доењето се:

да ја информира јавноста за важноста на избраната тема, да се обезбеди/засили важноста на темата како одговорност на јавното здравје, да ги поврзува поединците и организациите за да постигнат поголемо влијание, да поттикнува дејствување околу избрани теми и поврзани прашања.

Наводи

Надворешни врски

Светска недела на доењето 2025 на pedijatar.mk

Категорија:Здравствена заштита Категорија:Доење Категорија:Жена Категорија:Настани во август