„Речник на странски зборови и изрази“ — ракописен речник на странски зборови и изрази, составен врз основа на охридскиот говор во втората половина на XIX век.

Речникот, денес се наоѓа во Архивската збирка на ракописни и старопечатени книги при Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, во Скопје, а го уредила, филолошки обработила и издала во монографија Виолета Крстеска.

Автор на речникот е македонскиот преродбеник Јанаки Стрезов од Охрид, кој го составил ракописот во втората половина на XIX век. Стрезов истолкувал 5993 туѓи зборови во македонскиот јазик.

Содржина Речникот содржи 5993 лексички единици од кои 2356 имаат своја етимолошка одредница, односно дадено е нивното потекло, додека кај другите го нема тоа. Пренесени се 1233 турцизми, 686 грцизми, 231 галицизми, 136 со латинско, 24 со арапско, 22 со еврејско потекло итн. За голем број од нив навел македонски соодветници, што е основната цел на секој еден речник на туѓи зборови и изрази. Стрезов дал соодветници за новите технолошки поими, па така за телеграфот го вовел зборот брзописец, за телескопот – далекоглед, а за фонографот – гласопис. Исто така тој вовел соодветници за турцизми (абер – известие), грцизми и латинизми (историја- повестница, битописание).

Издание Ракописот е издаден како книга со наслов „Речник на странски зборови и изрази од Јанаки Стрезов, втора половина на XIX век: (јазична и лексичка анализа)“ од Институтот за старословенска култура од Прилеп, а негов приредувач е Виолета Крстеска.

Наводи

Категорија:Македонска преродба Категорија:Речници на македонскиот јазик Категорија:Македонски ракописи