мини|Алексијада, историја на Ана Комнина, во ракопис од 12 век. Се чува во Библиотека Медичи Лауренцијана, Фиренца Византиската книжевност — грчката книжевност од средниот век, без разлика дали е напишана во времето на Византиското Царство или надвор од неговите граници. Таа била обележана со лингвистичка диглосија; се употребувале две различни форми на средновековен грчки јазик, научен дијалект базиран на атичкиот грчки и народен јазик базиран на коине. Поголемиот број на научници сметаат дека „литературата“ ги вклучува сите средновековни грчки текстови, но некои ја дефинираат со специфични ограничувања. Византиската книжевност е наследник на старогрчката книжевност и ја формира основата на современата грчка книжевност, иако се преклопува со двата периода.

Традицијата доживеала конкурентски влијанија од хеленизмот, христијанството и порано во историјата на царството, паганството. Имало општ процут на гномска поезијаи, хагиографија, проповеди и особено историографија, која станала помалку фокусирана на поединци. Поезијата честопати била ограничена на музички форми на химни или на епиграмска традиција, додека античките драми и епови станале застарени. Влијателниот романтичен еп Дигенес Акритас е голем исклучок.

До неодамнешните истражувања од Александар Каждан, Сајмон Франклин и други, византиската книжевност не била почитувана од академијата. Претходно се сметала или за инфериорна варијанта на старогрчката или библиската книжевност, или била важна единствено поради нејзиниот придонес кон современата грчка книжевност.

Жанрови Следниот извештај ја класифицира византиската книжевност во пет групи. Првите три вклучуваат претставници на оние видови книжевност кои ги продолжиле старите традиции: историчари и хроничари, енциклопедисти и есеисти и писатели на светската поезија. Другите две вклучуваат нови книжевни жанрови, црковна и теолошка книжевност и популарна поезија.

Историчари и аналисти Двете групи на секуларна прозна книжевност јасно го покажуваат двојниот карактер на византискиот интелектуален живот во неговите социјални, религиозни и јазични аспекти. Од оваа гледна точка, историската и аналистичката книжевност се надополнуваат една со друга; првата е аристократска и световна, втората црковна и манастирска; првата е класична, а втората популарна. Делата на историчарите припаѓаат на научната книжевност, оние на аналистите (или хроничарите) на народната литература. Првите се внимателно разработени, вторите даваат само суров материјал, првите се ограничуваат на описот на сегашноста и најновото минато и затоа имаат карактер на современи записи; вторите ја опфаќаат целата историја на светот познат од средниот век. Првите затоа се повредни за политичката историја; вторите за историјата на цивилизацијата.

Историчари десно|мини|250x250пкс|Илустрација на сцена од Хрониката на Скилица, на која е прикажана Тракијка како убива Варјаг кој се обидел да ја силува, по што неговите другари ја пофалиле и ѝ ги дале своите поседи. Класичната книжевна традиција поставила стандард за византиските историчари во нивното разбирање на целите на историјата, начинот на справување со нивните теми и во стилот на композицијата. Нивните дела се целосно конкретни и објективни по карактер, без страст, па дури и без ентузијазам. Ретко се забележуваат пламен патриотизам и лични убедувања. Тие се дипломатски историчари, експерти во употребата на историски извори и во дотераниот такт што го бара нивната општествена положба; тие не се циосети научници, незнаечки за светот, туку луѓе кои се истакнувале во јавниот живот: правници како Прокопиј, Агатија, Евагриј, Михаил Аталијат, државници како Јован Кинам, Никита Хонијат, Георги Пахимер, Лаоник Халкондил; генерали и дипломати како Никифор Вриениј Помладиот, Георги Акрополит, Георгиј Франтез; па дури и крунисани владетели, како Константин Порфирогенит, Ана Комнина, Јован VI Кантакузен и други. Византиските историчари, според тоа, го претставуваат не само општествениот, туку и интелектуалниот цвет на своето време, потсетувајќи во ова на нивните грчки претходници, Херодот, Тукидид, Ксенофонт и Полибиј, кои станале нивни лидери и модели. Понекогаш Византиецот избира класичен писател со цел да го имитира во методот и стилот. Сепак, мнозинството земале како модели неколку автори, обичај што довел до посебен мозаичен стил, доста карактеристичен за Византијците. Иако честопати претставувал резултат на вистинска заедница на чувства, тој ефикасно го спречувал развојот на индивидуален стил.

Атистичкото влијание врз византиската книжевност продолжило и во подоцнежните векови. Никифор Вриениј Помладиот и Јован Кинам, во 11 и 12 век, го покажале влијанието на Ксенофонт во нивното пишување; Никифор Григора од 13 век го зел Платон како свој модел; а Лав Ѓакон и Георги Пахимер го имитирале Хомер.

Иако византиските историчари најчесто зависеле од странски модели и се смета дека формираат продолжена серија во која секој го наследува последниот, тие не се спојуваат во униформна целина. Поголемиот број од историчарите доаѓаат или од периодот што ги опфаќа 6 и 7 век за време на владеењето на источноримските цареви, или од периодот што се протега од 11 до 15 век под Комнините и Палеолозите. На својот зенит под Македонската династија (9 и 10 век), византискиот свет создал големи херои, но не и големи историчари, освен единствената фигура на царот Константин VII Порфирогенит.

Во првиот период доминира Прокопиј поради неговата тематика и неговото книжевно значење. Типично византиски, неговите дела „Анекдота“ го потценуваат царот Јустинијан I исто толку нагласено колку што го апотеизираат неговото дело „Пери Ктисматон“. Сепак, во книжевноста и историјата, тој ги следи класичните модели, што е очигледно во прецизноста и јасноста на неговата нарација стекната од Тукидид и во веродостојноста на неговите информации, квалитети од посебна вредност кај историчарот. Прокопиј и во голема мера неговиот наследник Агатија останале модели на описен стил дури до 11 век. Прокопиј е првиот претставник на украсен византиски стил во книжевноста и во ова е надминат единствено од Теофилакт Симокат во 7 век. И покрај нивната некласична форма, сепак, тие се приближуваат кон античките во нивната слобода од црковните и догматските тенденции.

Помеѓу историските списи од првиот период и оние од вториот, постои изолирана серија на дела кои по содржина и форма кои нудат силен контраст на двете гореспоменати групи. Ова се делата под името на царот Константин VII Порфирогенит (10 век), кои се занимаваат соодветно со администрацијата на царството, неговата политичка поделба и церемониите на византискиот двор. Тие се занимаваат со внатрешните услови на царството, а првиот и третиот се одликуваат со употреба на народен јазик. Првиот е важен извор на етнолошки информации, додека последниот е интересен придонес во историјата на цивилизацијата.

Втората група историчари претставуваат класичен еклектицизам кој прикрива некласична пристрасност и теолошки фанатизам. Уживајќи во класични форми, историчарите од периодот на династијата на Комнините и Палеолозите биле лишени од класичниот дух. Иако многумина имале посилни, посимпатични личности од школата на Прокопиј, самата енергија на овие поединци и нивните блиски врски со царската влада служеле да ја попречат нивната објективност, создавајќи субјективни, пристрасни дела. Така, „Алексијада“, педантното дело на принцезата Ана Комнина, го слави нејзиниот татко Алексиј и царската реорганизација што тој ја започнал; историското дело на нејзиниот сопруг, Никифор Вриениј, ги опишува внатрешните судири што го придружувале подемот на Комнините во форма на семејна хроника (крајот на 11 век); Јован VI Кантакузин самозадоволно ги раскажува своите достигнувања (14 век). Оваа група покажува впечатливи спротивности, и лични и објективни. Покрај Кинам, кој искрено мразел сè што е западно, стојат широкомислениот Никита Хонијат (12 век) и помирливиот, но достоинствен Георги Акрополит (13 век); покрај теолошкиот полемичар Пахимер (13 век), стои Никифор Григор (14 век), добро упатен во филозофијата и класиците. Иако субјективни во прашањата за внатрешната византиска историја, овие и други од овој период се доверливи во нивните извештаи за надворешни настани, а особено вредни како извори за првото појавување на Словените и Турците.

Хроничари десно|мини|Византиско евангелие од 13 век, кое го покажува зголемениот тренд кон употребата на слонова коска како уметничка алатка. За разлика од историските дела, византиските хроники биле наменети за пошироката јавност. Овде се гледа и разликата во нивното потекло, развој и ширење, како и во нивниот карактер, метод и стил. Иако корените на хрониките сè уште не се задоволително проследени, нивното релативно доцно појавување (во текот на 6 век) и целосното отстранување од хеленистичката традиција го ставаат нивното потекло како прилично неодамнешно. Хроничната книжевност првично била туѓа на грчката цивилизација, од која првата е составена од необразовани Сиријци. Нејзиниот претпоставен прототип, „Хронографијата“ на Секст Јулиј Африканецот, укажува на ориентален христијански извор. Неповрзана со истакнати личности и без допир со големиот свет, таа ги следи моделите поврзани во својата тесна сфера. 9 век го доживеал зенитот на византиската хроника, за време на најниската точка на историската книжевност. Потоа таа нагло опаднала; помалите хроничари, кои се гледаат дури до 12 век, делумно црпат информации од современи, а делумно, иако ретко, од претходни историчари. Во периодот на Палеолозите не се појавуваат значајни хроничари.

Не само важни извори за историјата на византиската цивилизација, туку и самите хроники придонеле за ширењето на цивилизацијата, пренесувајќи ја византиската култура на пристигнатите словенски, унгарски и турски народи. Прикажувајќи го она што лежи во народната свест - настани прекрасни и страшни, обоени во блескави бои и интерпретирани во христијанска смисла - нивното влијание било значително. Методот на ракување со материјалите е примитивен - под секој дел лежи некој постар извор кој бил во мала мера изменет, така што целта наликува на крпеница од материјали, а не на генијалниот мозаик на историчарите. Тие претставуваат богато богатство за компаративна лингвистика, бидејќи нивниот дикција е чисто народен јазик, зборувајќи за слабото образование на авторот и публиката.

Репрезентативни византиски хроники се трите на Јован Малала, Теофан Исповедник и Јован Зонара, соодветно. Првата е најраната христијанска византиска монашка хроника, составена во Антиохија во 6 век од хеленизиран сириски и монофизитски теолог. Првично како градска хроника, таа била проширена во светска хроника. Таа претставува популарно историско дело, полно со историски и хронолошки грешки и прв споменик на чисто популарна хеленистичка цивилизација. Главен извор за поголемиот број на подоцнежни хроничари, како и за неколку црковни историчари, таа е исто така најраната популарна историја преведена на староцрковнословенски јазик (околу почетокот на 10 век). Супериорна по содржина и форма, и поточно историска, е Хрониката на Теофан, монах од 9 век од Мала Азија, и пак модел за подоцнежните хроники. Таа содржи голме број на вредни информации од изгубени извори, а нејзината важност за западниот свет се должи на фактот што до крајот на 9 век морала да се преведе на латински. Трет патоказ во историјата на византиските хроники е Универзална хроника на Зонара од 12 век. Таа донекаде ја одразува атмосферата на ренесансата на династијата на Комнините; не само што наративот е подобар од оној на Теофан, туку во текстот се вметнати и многу пасуси од антички писатели. Преведена е не само на словенски и латински, туку и на италијански и француски јазик (16 век).

Енциклопедисти и есеисти десно|мини|Страница од изданието на огромната византиска енциклопедија, Суда, од 16 век.