Речник на странски зборови — илустриран речник на странски зборови за млади во три тома. Составувачи на речникот се Владо Ефтимов (наука, техника) и др., а го издала издавачката куќа Детска радост во 1993 година како дел од Библиотеката „Видра“, издание „Македонски илустрирани речници“. Првиот том ги обработува странските зборови и изрази од буквата А до буквата Ј, вториот том од К до П и третиот од Р до Ш.
Содржина Во создавањето на илустрираниот Речник на странски зборови и изрази, составувачите соочени и со редовно присутниот лимитирачки (ограничувачки) простор, респектирале (почитувале) неколку основни критериуми при конечниот избор на зборовите и изразите за кои се одлучиле да ги претстават и протолкуваат. Во изборот, составувачите им дале приоритет (предност) на зборовите од странско потекло што во секојдневната комуникација имаат широка примена и неодминлива употреба. Се стремеле изборот да опфати колку што може повеќе области, а притоа работеле со надеж дека категоријата „општа терминологија" ќе ги покрие празнините, особено кај не посебно обработените области и дејности.
Во оваа смисла, целата материја е групирана во следниве, условно речено, „целини": • зборови без кои „не се може", односно што немаат соодветна замена кај нас и што најчесто ги сметаме за интернационални (авион, дерби, кафеана, легенда, нација, филм, фудбал...); • зборови што „мора“ да бидат застапени, наспроти постоењето на соодветни пандани и „преводи" кај нас (емоција - чувство, перманентно = постојано, ренесанса = преродба, сингулар = еднина...); • зборови што почесто се користат од нашите, зашто вториве имаат и поинакво или повеќе значења или пак не се сеопфатни (апарат = направа, географија = земјопис, колор = боја, математика = сметање...); • зборови што се одомаќени, па ретко каде се сметаат за странски (диригент, музика, реклама, хотел, шах...); • стари и нови зборови со основните и со новите значења (еидс, киберфобија, перестројка, плеј-оф...); • зборови што во определени ситуации се неопходни и што речиси никаде немаат превод (атол, пагода, раџа, тотем...); • зборови што меѓусебно се „повлекуваат", речникот најчесто на нив упатува со в. види (дефицит – суфицит; карнивори – омнивори – хербивори; макси - миди-мини; чембало – клавир – пијано...).
Речникот опфаќа зборови чии корени се наоѓаат во осумдесетина јазици. Кај повеќето од нив, изворните облици се предадени со изворните писма за најчесто користените јазици (англиски, германски, грчки, италијански, латински, португалски, руски, турски, француски, шпански...), па за нивното приближно точно читање дадени се елементарни (основни) упатства на крајот од III том. За определен број јазици (алтајски, арапски, бенгалски, еврејски, јапонски, кинески, оџибва, персиски, санскритски, тибетски, хинди...) користени се транскрипции од вообичаената меѓународна латинична верзија.
Наводи
Категорија:Македонски јазик Категорија:Речници Категорија:Изданија на Детска радост Категорија:Книги од 1993 година