„Желба“ (германски: Lust) — роман на австриската писателка Елфриде Јелинек од 1989 година.
Содржина Романот содржи 15 глави во кои се опишуваат односите меѓу маж и жена од едно планинско австриско село. Мажот Херман е директор на фабриката за хартија и поради тоа има голема моќ над месното население кое претежно работи во фабриката. Тој е голем љубител на музиката, така што во фабриката организира работнички хор, кој често настапува во околината. Жената Герти е домаќинка чија единствена грижа е воспитувањето на нивниот 14-годишен син. Детето постојано бара од родителите да му купуваат разни производи, а татко му го присилува да учи да свири на виолина. Херман е апсолутен господар во својот дом, а жената му служи за задоволување на половите побуди, така што со неа постојано води љубов низ целата куќа. Во една прилика, пијаната Герти шета по околината и го среќава студентот Михаел со кого има полов однос. Тој ја враќа дома, но утредента, повторно пијана, таа тргнува да го бара. Го наоѓа во блискиот скијачки центар, каде неговите другари ја соблекуваат пијаната Герти и јавно ја исмејуваат, а Михаел води љубов со неа. Кога Герти се враќа дома, радосно ја дочекуваат сопругот и синот. Нестрплив да има полов однос со неа, директорот го заспива детето со поголема доза апчиња, но во меѓувреме, Герти пак заминува да го бара Михаел. Директорот веднаш оди по неа и ја наоѓа како тропа на вратата од викенд-куѓата на Михаел, кој не отвора. Директорот ја враќа Герта во автомобилот, каде има полов однос со неа, а Михаел го гледа сето тоа од прозорецот. Потоа, брачниот пар се враќа дома и додека директорот се капе во кадата, Герти оди во детската соба, го задушува синот, а неговото тело го фрла во блискиот поток. Elfride Jelinek, Požuda. Lom, Beograd, 2019.
За делото „Желба“ е најчитаното и најконтроверзното дело на Јелинек. Во него, како во некоја современа „Илијада“, се опишува епопејата на една жена чие тело секојдневно се напаѓа како предмет на машката полова желба. Во разговорите пред објавувањето на романот, Јелинек објаснувала дека првичната намера ѝ била да напише женски порнографски роман, но не успеала во тоа, а неуспехот бил неизбежен, зашто работејќи на романот согледала дека „мажите го узурпирале јазикот на порнографијата повеќе од кој и да било друг јазик — дури повеќе од војничкиот, па секој чин на спротивставување на тоа е осуден на неуспех.“ На тој начин, обидот да се напише порнографски роман се претворил во антипорнографско четиво кое го отсликува општествениот систем во кој жената е принудена да биде објект во сите сфери на општествениот и на политичкиот живот. Со тоа, романот претставува силна општествена критика и обид за демонтирање на современото ропство. Во тој поглед, Јелинек изјавила: „Ја опишувам врската меѓу мажот и жената како хегеловската врска меѓу господарот и слугата. Сè додека мажиет се способни да ја зголемат својата сексуална вредност низ работата, славата и богатството, и додека жените ја темелат својата моќ само на телото, убавината и младоста, ништо нема да се промени.“Elfride Jelinek, Požuda. Lom, Beograd, 2019, стр. 230.
Наводи
Категорија:Дела на Елфриде Јелинек Категорија:Австриски романи Категорија:Романи на германски јазик Категорија:Книги од 1989 година Категорија:Романи кои се одвиваат во Австрија