thumb|right|Традиција при поставување на масата за Божиќ во Полска. Традиција — збор што доаѓа од латинскиот traditionem, односно traditio со значење дека „нешто се пренесува натаму“, а се користи на повеќе начини, но најчесто да означи збир на верувања или обичаи во одредена област, на пример: христијанска традиција, традиција на прослава и слично.

Концептот на традицијата Без оглед дали проучуваме специфичен елемент на фолклорот, или начинот на кој членовите на групата комуницираат и учат, традицијата секогаш е витална, динамична одлика на културата на одредена фолклорна група. Всушност традиција е често првиот збор кој паѓа на памет кога луѓето размислуваат за тоа што е фолклор. Токму заради тоа што идејата за традиција е толку позната, честопати се поставуваат прашања околу тоа како фолклористите го толкуваат концептот и како тој се вклопува во генералното сфаќање на терминот фолклор. Овие прашања се поврзани со тоа како традициите се пренесуваат, како тие се учат и одржуваат во рамки на одредена група. Бидејќи овие прашања се однесуваат на познати концепти, ќе ги разгледаме едно по едно, користејќи ги и како рамка за подобро разбирање на современиот пристап кон проучувањето на традицијата. Традиција е: нешто што го споделуваме и процесот низ кој се врши тоа споделување нешто што создава и потврдува идентитет нешто што групата го идентификува како традиција.

Традицијата е нешто што се пренесува, но таа го подразбира и процесот на тоа пренесување

Идејата за традицијата Идејата за традицијата е суштинска за фолклорот и фолклористичките студии; сепак како што дисциплината се менувала и се развивала така се менувал и начинот на кој фолклористите ја сфаќале традицијата. Сега таа веќе не означува некаков реликт (остаток од минатото) кој се пренесува од генерација на генерација во рамки на некоја заедница. Еволуцијата во сфаќањето на традицијата се случила и заради тоа што самите фолклористи веќе не се гледале себеси како некој кој собира остатоци од неписмените или несофистицираните групи за да ја зачува нивната културна историја. Наместо тоа, како елементи на традицијата почнале да се наведуваат оние врз кои групата се потпира за да го зачува постоечкото чувство на групен идентитет.

Терминот традиција, како и фолклор, се однесува на неколку меѓусебно поврзани концепти. Тој ја означува содржината на она што се комуницира, како и самиот процес на комуникација. Терминот исто така се однесува на она што го чини процесот на создавање на традиција. На пример, некоја приказна, чинот на раскажување и начините на кои приказните и раскажувањето се важни за една група, сето тоа е значајно кога зборуваме за традицијата. Оваа дефиниција имплицира (подразбира) чувство на континуитет и споделени материјални предмети, обичаи и вербални експресии, кои продолжуваат да бидат практикувани внатре и помеѓу одредени групи.

Концептот на континуитет ја сугерира важноста на времето и повторувањето во традицијата, но тој исто така се употребува за да се забележи дека традициите не секогаш ни доаѓаат од минатите генерации. Традициите можат да се повторуваат со текот на времето, но како што тоа го забележува Толкин, времето може да биде мерено во „години“ но и во „моменти“. Повторувањето е значајно за воспоставувањето континуитет: групата повторува нешто бидејќи тоа ѝ е значајно, доколку не би било значајно, тоа не би било повторувано, а ако не е повторувано нема да стане традиција. Континуитетот не значи истост или точност, бидејќи традициите не се секогаш просто дуплицирани, изведени на истиот начин секогаш кога се повторени. Поимот континуитет повеќе се однесува на значењата кои ја поврзуваат традицијата со групата. Споделувањето го опишува процесот на подучување и учење на традициите но исто така ни помага да го концептуализирме преносот која се случува внатре групата, меѓу нејзините членови, како и меѓу групите. Тоа ни помага да видиме дека традицијата не секогаш се движи по „права“ линија, од минатото кон сегашноста, од една генерација на следната. Традицијата вклучува простор и време, ние ги пренесуваме традициите од група на група, од лице на лице, од место на место - во сегашноста - помеѓу и внатре групите.

Традицијата и чувството на идентитет

Некои фолклористи сметаат дека групите ги бираат традициите, одбирајќи настани и херои од нивното културно минато кое го моделираат минатото за тоа да се вклопи во нивната сегашна концепција за самите нив. Одбирањето на традициите ги засилува вредностите и верувањата во моменталниот имиџ на групата. Откако еднаш ќе сфатиме дека постои процес на „селективна традиција“, начините на кои традицијата помага во создавањето или потврдување на групното чувство на идентитет стануваат многу појасни.

Учеството и споделувањето на традициите на одредена група им овозможува на нејзините членови да се чувствуваат дека се дел од неа. Често ние не сме свесни за тоа како воопшто сме започнале да почитуваме одредена традиција. Понекогаш пак свесно одлучуваме да се придружиме на некоја група, бидејќи нејзините традииции ни се допаѓаат. Учењето на традицијата, според Хенри Гласи (1995), е еден вид осмоза - кога зборува за учењето на традиционалната уметност, тој го опишува процесот едноставно како споделување на ист воздух со уметничкиот ментор, кој ни овозможува да навлеземе во суштината на уметничката форма.

Еден турски грнчар го опишува процесот на следниов начин: „Во младоста, додека учиш, ти го дишеш воздухот на искуството. Воздухот циркулира во тебе, мешајќи се со здивот на твојата сопствена душа. При создавањето ти го испушташ воздухот и твоето дело емитира одредена хава, воздух кој го делиш со другите дела, создадени од оние кои вдишале и издишале во истата атмосфера“.

Овој поетски опис ја илустрира главната идеја за тоа како ние учиме и споделуваме традиција; примерите од терен, како горенаведениот, ни помагаат „да ја разбереме традицијата како процес, интегриран стил на творба“.

Следејќи ја оваа линија на мислење, станува јасно дека идејата за пренесување на традиција повеќе не го опишува начинот на кој ние го сфаќаме процесот на учење и адаптација на традициите. Традициите имаат различно потекло, и понекогаш нивниот извор е навистина во групите кои постоеле пред нас, но идејата дека нешто се „пренесува“ сугерира дека споделувањето на традициите е само линеарно и хронолошки. Антропологот Клифорд Гирц пишува за културата како за мрежа. Размислувањето за традицијата е дел од таа мрежа на однесувања и текстови кои помагаат да се добие појасна идеја за начиинот на кој традиците се споделени, изградени или повлијаени од културните однесувања на фолклорната група и нејзините членови.

Визуелизирањето на културата како мрежа, и на традицијата како нешто што активно се пренесува и циркулира низ таа мрежа, ни помага да видиме дека минатото е само еден дел од флуидниот, сложен процес. Овој концепт на традиција вели дека традицијата е, на едно ниво, „создавање на иднина од нашето минато“ (Гласи), но исто така ни покажува дека минатото е само еден од патиштата на споделување и продолжување на традицијата. Ние учиме од минатите групи, но исто така учиме од луѓето и групите кои постојат во сегашноста; ние формираме и адаптираме традиција во сегашноста за таа да одговара на моменталните интереси и искуства на групата.

Кога мислиме на тоа кој ја пренесува традицијата и кој ја учи и ја продолжува, најчесто на ум ни доаѓа некој поединец. Фолклористите го користеле терминот „носител на традиција“ за да укажат на еден посебен член на одредена група кој ја пренесува традицијата на други членови на групата, и понекогаш активно и свесно ја подучува или споделува со други. Овој назив може добро да послужи за идентификување на поединец кој групата го смета за, на пример, мајстор занаетчија или вешт раскажувач на приказни; сепак, не е целиот фолклор комунициран од еден поединец кој има специфична улога на носител на традицијата во неговата односно нејзината фолклорна група. Ниту еден поединец не ја „поседува“ традицијата, односно никој нема помало или поголемо право или вештина да ја споделува.

Како што наведува Дороти Нојс (Dorothy Noyes), концептот на носител на традиција постои како дел од „стара парадигма која ги разбираше луѓето како носители а не создавачи на традицијата“. Од оваа постара дефиниција произлегува дека одреден текст само се пренесува од збор до збор на друг човек, а притоа не служи за комуникација. Изведувачот, кој комуницира во стандардизиран контекст, така личи на професор кој предава во училница или учител по пијано кој ги насочува движењата на прстите на неговиот ученик. Според оваа дефиниција, само оние поединци кои ја пренесуваат традицијата имаат активна улога во споделувањето и продолжувањето на групните традиции, другите членови се секогаш пасивни примачи на традициите. Ова е елитистички начини на гледање на фолклорот и на тоа како функционираат групите, бидејќи сугерира постоење на „фолклорни специјалисти“ кои имаат поголема моќ на пренесување на традиции отколку други членови на групата. Секако такви вешти луѓе или изведувачи навистина постојат. Тие можеби знаат некој посебен текст подобро токолку другите. Во оваа смисла терминот носитл на традиција има вредност, кога опишува ваков тип на подучување или споделување од страна на изведувач, бидејќи тој може да им помогне на фоклористите да зборуваат за луѓето со коишто соработуваат како консултанти. Но важно е да се нагласи дека ваквите примери илустрираат само еден од начините на кои традициите се одржуваат и учат. Сите членови на групата учествуваат во тековен процес на споделување и создавање на фолклорот.

Во повеќето ситуации неформалната природа на фолклорот не бара постоење на едно лице со специфична улога да изрази и пренесе одредена традиција. Кај адолесцентите, кога меѓу нив се раскажува некоја случка, не постои некаков „мајстор на раскажување“ кој ги подучува останатите на техниките на раскажување во текот на големиот одмор. Процесот се повторува во неформални контексти од страна на повеќе членови на групата, и тоа ја продолжува традицијата. Фолклорот се однесува на идентитетот на групите онака како што тој е дефиниран од групата, а не од поединецот внатре или вон неа; ние споделуваме традиции на многу начини, во многу различни контексти, преку целата мрежа на културата.

Особено значајна е виталноста на традицијата - традициите се однесувања кои ги практикуваме сега, а тие не поврзуваат со другите луѓе во групата, и можат исто така што не поврзат со друга култура, да ни овозможат чувство на етничност, или да ни помогнат да создадеме други врски. Традициите се оние неформално споделени однесувања, обичаи и вербални изрази кои циркулираат внатре и помеѓу групите. Ние ги споделуваме и ги продолжуваме бидејќи тие ни помагаат да им кажеме на другите членови на групата и на оние во другите групи кои сме ние и што е тоа што нам ни значи. Тоа е причината зошто ги пренесуваме традициите низ мрежата на заедницата.

Дали традициите исчезнуваат?