Графитите во Македонија се форма на улична уметност и урбана култура што се развива во повеќе фази, од спорадични појави во доцните 1970-ти и 1980-ти години, до организирана и генерациски дефинирана сцена од средината на 1990-тите па наваму. Најзначајните центри на развој се Скопје, Охрид, Куманово, Струга и Битола.
Рани појави Првите траги на графити во Македонија се поврзуваат со панк-пораки, навивачки слогани, лични и политички натписи што се појавуваат во доцните 1970-ти и 1980-ти години. Како можен прв „арт графит“ се наведува дело во Охрид од 1987 година, создадено од групата COOL BOYS. Постојат и изолирани обиди од средината на 1980-тите, но без континуитет или организирана сцена.
Формирање на организирана сцена (1995–2000) За формален почеток на современата графити сцена се смета периодот 1995–1996 година, кога во Скопје се формира првата организирана графити екипа BIOSQUAD. Овој период е поврзан со појавата на скејтборд културата и директното влијание од американската хардкор и хип-хоп сцена. Еден од првите препознатливи тагови е „Skopje hardcore“ (SK/HC).
Првата генерација ги вклучува авторите Мате, Жарир и Сашо, како и имиња што подоцна стануваат значајни за сцената: Boris (AFA/FPO), Alpin, IFO, Senik (Iko), Davor NSK, Хром (BNE), Драш, SRK, Мачка, Indog, CK, DAOR, Strajk, Jazz 83, Sense, Darkstar, Crime, Terk и Mas PSILA. Во овој период се воспоставуваат основните стилови, како тагирање, throw-up и првите поголеми „pieces“. мини|Драш / Мачка / ОКС (екипа создадена околу 2000 година во Скопје)
Развој на екипи и настани Околу 1996 година се формираат Скопските господари на графитот (СГ2), подоцна познати како OKS/ОКС, кои стануваат една од највлијателните екипи во историјата на македонската графити сцена. BIOSQUAD минува низ неколку инкарнации кон крајот на 1990-тите, со различни постави и автори.
Во 2000 година, Davor NSK го организира првиот графити настан во Македонија под наслов „Цртежите стануваат реалност“, што се смета за прв јавен обид за легитимирање на графитите како уметничка практика.
Охридска сцена Охрид развива посебна и автономна графити сцена. Во 1998 година се појавуваат екипите MOLERI и DAGGA, а во 1999 година и NZS. Во почетокот на 2000-тите се формира VUDU SEKTA, а подоцна и OH-CR (Ohrid Crew), последната активна графити група во градот. По 2001 година, сцената продолжува преку индивидуални автори кои ја одржуваат традицијата во следните децении.
Втора генерација и регионално ширење (2005–2010) Од средината на 2000-тите се појавува втора генерација графити автори, со нови стилски пристапи и техники. Во Скопје и Кавадарци се формираат екипи како UNC и CND-DMT, а дел од авторите дејствуваат и во повеќе колективи истовремено.
Во овој период, Куманово развива силна локална сцена, дополнета со организација на графити фестивали и формирање уметнички платформи. Струга и Битола исто така добиваат препознатливи автори и мурална продукција.
Графити шоп Хром и консолидација на сцената Отворањето на графити шопот Хром во Скопје во 2010 година претставува значајна пресвртница. Просторот функционира како центар за снабдување, средби и размена меѓу различни генерации графити уметници. Во овој период се појавува нов бран автори, од кои дел продолжуваат да работат и како муралисти, илустратори, тату-уметници и креативни професионалци.
Современа сцена и трета генерација (2015–) Од 2015 година наваму, македонската графити сцена доживува нова експанзија со појава на трета генерација автори и нови екипи. Се забележува зголемено присуство на легални мурали и поддршка од општини и институции, што отвора дебати за институционализацијата на уличната уметност и односот меѓу бунтовниот карактер и официјалната културна рамка.
Документација и архивирање Во 2020-тите се појавуваат повеќе иницијативи за систематско документирање и архивирање на графитите во Македонија. Меѓу нив е и онлајн „Мапа на графити“, каде што графитите се споделуваат со прецизна географска локација.https://google.com/maps/d/u/0/edit?mid=1tuX_RK1mpls2RPuR24XHhV80bV3R0hw
Во 2024 година започнува да излегува „ГРРФТ“, првиот македонски магазин/фанзин за графити и урбана култура, кој до денес има објавено два броја.https://www.moviesalon.net/grrft-magazine-for-graffiti-and-urban-culture-of-skopje/
Во 2025 година е објавена книгата „Ѕидови што зборуваат: графити приказни од скопските улици“ од Берт Стајн, која преку повеќе од 300 фотографии документира графити од различни делови на Скопје.https://www.moviesalon.net/walls-that-speak-graffiti-stories-from-the-streets-of-skopje-a-book-by-bert-stein/
Исто така, изработен е и плакат „Графити времеплов: 30 години македонска улична уметност (1995–2025)“, кој ги систематизира екипите, авторите и клучните периоди на развој на сцената.https://www.moviesalon.net/graffiti-timeline-a-poster-celebrating-30-years-of-macedonian-street-art/
Идни правци Во втората половина на 2020-тите се поставува прашањето дали графитите ќе продолжат кон поголема институционализација или ќе се појави нов бунтовен бран и нова генерација што ќе ја редефинира уличната уметност во Македонија.
Наводи