„Невромансер“ или „Невромант“ (англиски: Neuromancer) — роман на Вилијам Гибсон. Романот е напишан во Ванкувер, во 1983 година, а објавен е во 1984 година. „Невромансер“ е зачетник на киберпанк револуцијата и првата книга која ги освоила трите најголеми награди за научна фантастика: „Хуго“, „Небула“ и „Филип К. Дик“. Со овој роман, Гибсон ги најавил интернетската револуција, филмската трилогија „Матрица“ и неверојатниот подем на информатичката технологија.Vilijem Gibson, Neuromant. Miba books, Beograd, 2017.
Содржина Прв дел: Блуз од Чиба Сити (1-2 глава) Хенри Дорсет Кејс е 24-годичен поранешен каубој во киберпросторот. Во една прилика, кога украл пари од своите работодавци, тој бил казнет така што тие му го оштетиле нервниот систем. Тој престојува во Чиба Сити, град во Јапонија, каде се бави со ситни незаконски работи во тамошното подземје. Неговата поранешна девојка Линда Ли му кажува дека локалниот злосторник Вејџ сака да го убие, така што тој изнајмува пиштол за да се заштити, но по средбата со Вејџ сфаќа дека Линда го лажела. Кога се враќа во хотелската соба, таму го чека Моли, опасна девојка која работи за таинствениот Армитаж, поранешен припадник на американските специјални воени сили. Тој му ветува на Кејс дека ќе му плати операција за поправка на нервниот систем, под услов да му заврши некои рбаоти. Кејс ја прифаќа понудата и прифаќа операција во една тајна болница, а потоа Моли му станува љубовница. Набргу, злосторничките групи од Чиба ја убиваат Линда Ли, а едно момче се обидува да го убие Кејс, но во последен миг го спасува Моли.Vilijem Gibson, Neuromant. Miba books, Beograd, 2017, стр. 7-52.
Втор дел: Поход во пазарење (3-7 глава) Кејс, Моли и Армитаж заминуваат во Њујорк, каде Кејс и Моли се договараат заедно да откријат за кого работи Армитаж и набргу дознаваат дека тој ѝ служи на вештачка интелигенција Винтермут која, пак, ја контролира семејната фирма Тезје-Ешпул. Всушност, Армитаж е полковникот Вилис Корто, кој учествувал во несупешната американска воена акција против Русија во која бил тешко ранет, но успеал да се спаси, а потоа почнал да работи во подземјето. Кејс, Моли и Армитаж, во соработка со групата Модерни Пантери извршуваат упад во централната библиотека од каде го крадат електронскиот запис на поранешниот припадник на специјалните сили и ментор на Кејс (Праволинискиот), кој одамна е мртво. Потоа, тројцата заминуваат во Истанбул, каде го грабаат Питер Ривиера кого Армитаж го принудува да ѝ се придружи на неговата група. На аеродромот во Истанбул, Кејс добива телефонски повик од Винтермут, но одбива да разговара со вештачката интелигенција.Vilijem Gibson, Neuromant. Miba books, Beograd, 2017, стр. 53-117.
Трет дел: Полноќ во улицата Жил Верн (8-12 глава) Кејс, Моли, Армитаж и Ривиера заминуваат во колонијата Сион чии основачи, набарање на Винтермут, се согласуваат да му помогнат на Кејс. Тогаш, Кејс се обидува да влезе во системот на Винтермут, но вештачката интелигенција го одбива. Тој е накратко клинички мртов, но сепак успева да преживее. Групата на Армитаж (сега надополнета и со Сионецот Маелкум) пристига во Фрисајд, каде Ривиера изведува претстава во еден ресторан со цел да се зближи со жената од семејството Тезје-Ешпул. Тогаш, Моли исчезнува, но Кејс ја пронаоѓа во јавна куќа при што таа му признава дека во минатото била проститутка. Истата ноќ, полицијата го апси Кејс.Vilijem Gibson, Neuromant. Miba books, Beograd, 2017, стр. 119-181.
Четврти дел: Операцијата Стрејлајт (13-24 глава) Кејс е обвинет за помагање на вештачката интелигенција и полицијата планира да го изведе пред судот, но Винтермут ги убива полицајците и така се спасува Кејс. Винтермут пак воспоставува контакт со Кејс, покажувајќи му го јадрото на компјутерскиот систем на Тезје-Ешпул при што Кејс повторно е клинички мртов во текот на неколку секунди. Со помош на Праволинискиот, Кејс го напаѓа компјутерот на Тезје-Ешпул, а за тоа време, водена од Винтермут, Моли влегува во тајното седиште на семејството во вилата Стрејлајт. Таму, таа го среќава старецот Ешпул и го убива. Винтермут, пак, го полудува Армитаж прикажувајќи му сеќавања на пропаднатата воена акција во Русија, а потоа го пушта во вселената со отворена комора на вселенскиот брод и така Армитаж умира. Иако има тешка повреда на ногата, Моли успева да дојде во центарот на Стрејлајт, каде ги затекнува Ривиера и 3Џејн Мари-Франс Тезје-Ешпул. Тогаш, Ривиера ја заробува Моли, а Винтермут бара од Кејс да ја доврши акцијата. Со помош на Маелкум, Кејс влегува во Стрејлајт при што повторно доживува халуцинации во кои на морскиот брег ги среќава Линда Ли и детето Рио во кое ја препознава втората вештачка интелигенција на Тезје-Ешпул наречена Невромансер. Во Стрејлајт, нинџата на 3Џејн го ранува Маелкум, но потоа, по наредба на 3Џејн, го прогонува Ривиера. Кејс, Моли, Маелкум и 3Џејн влегуваат во главната соба во која Кејс влегува во главниот компјутерски систем на Тезје-Ешпул во кој се води борба меѓу Винтермут и Невромансер. По успешно завршената акција, Кејс и Моли заминуваат во Чиба, каде над Моли се извршуваат неколку операции, а потоа таа го напушта Кејс. Таму, на Кејс повторно му се јавува Винтермут кој се споил со Невромансер, но Кејс не покажува интерес за него, туку се враќа дома, каде наоѓа работа и нова девојка при што никогаш повеќе не ја среќава Моли.Vilijem Gibson, Neuromant. Miba books, Beograd, 2017, стр. 181-303.
Наводи
Категорија:Дела на Вилијам Гибсон Категорија:Американски романи Категорија:Книги од 1984 година Категорија:Дистописки романи Категорија:Научнофантастични романи Категорија:Романи на англиски јазик Категорија:Романи кои се одвиваат во САД Категорија:Романи кои се одвиваат во Јапонија