Onosma heterophylla — вид на растение од родот Onosma.

Опис Повеќегодишно тревесто растение или полугрмушка, 15–50 цм високо. Стеблото е просто или разгрането, препокриено со четинести ѕвездести влакна, поставени на брадавичести израстоци на кои се наоѓа еден долг централен крак и прстен од куси, ѕвездесто распоредени влакна. Четинестите долги влакна на стеблото стрчести или полустрчести, поретко се прилегнати. Базалните и најдолните стеблени листови линејно издолжени, за време на цветањето се исушени. Стеблените листови се широко копјести, линејни или линејно-копјести, долги се 20–60 мм, 2–12 мм се широки, приседнати, од двете страни со густи ѕвездести влакна поставени на брадавичести израстоци. Цветовите се со многу куси дршки (до 2 мм) или приседнати, собрани во врвни срповидни соцветија. Прицветниците се линејно-копјести, покуси од чашката. Чашката е долга 8–12 мм (при формирањето на плодот се издолжува до 15 мм), речиси до основата всечена на 5 линејно-копјести чашкини сегменти со многу куса чашкина трубичка, препокриена со поретки ѕвездести влакна со куси краци кои обично не се преклопуваат помеѓу себе. Венчето е 20–30 мм долго, жолто, издолжено трубесто-ѕвончевидно, од надворешната страна препокриено со густи, меки, куси влакненца, околу двапати подолго од чашката. Оревчињата се јајцевидно-триаголни во врвниот дел зашилени, 2,5–3 мм долги, мазни, сјајни.Владо Матевски: Флора на Република Македонија, том II, св. 1, стр. 94-95 издавач: МАНУ, Скопје, 2010

Onosma heterophylla е многу полиморфен вид во однос на обликот и димензиите на листовите, по положбата на четинестите влакна на стеблото, димензиите на венечните листови и сл. Од анализата на богатиот хербариумски материјал кој потекнува од различни делови на Македонија, може да се заклучи дека на нејзината територија би можеле да се издвојат два посебни таксона од овој вид.

Живеалиште Расте по брдските пасишта и камењари, по рабови на дабови шуми, покрај патишта, меѓи, лозја, клисури, на варовничка, силикатна и серпентинска геолошка подлога, на надморска височина од 200 до 1500 метри.

Во Македонија Познат за Скопје, Катланово, Радуша, Орашје, Рогачево, Драчево, Китка, Водно, Таорска Клисура, Скопска Црна Гора, Велес, Иванковци, Дервенска Клисура, клисурата на реката Бабуна, Градско, Неготино, Криволак, Кавадарци, Демир Капија, Валандово, Богданци, Дојран, Гевгелија, Струмица, Куманово, Кратово, Крива Паланка, Пробиштип, Свети Николе, Штип, Кочани, Радовиш, Делчево, Кичево, Баба Сач, Демир Хисар, Македонски Брод, Прилеп, Плетвар, Мариово, Селечка Планина, Дабничка Планина, и на други места.

Подвидот Onosma heterophylla (sub O. tubiflorum) се посочува за голем број локалитети во Македонија: Скопје, Штип, Крива Паланка, Овче Поле и други места.

Наводи

Категорија:Флора на Македонија