Никола Александар () бил вториот владетел на Влашка од династијата Басараб и еден од најважните владетели во раниот период на државата. Тој владеел самостојно од 1352 до 1364 година, а претходно извесно време владеел заедно со својот татко Басараб I.
Неговото раѓање не е сигурно датирано, но најчесто се смета дека бил роден на почетокот на XIV век. Во тоа време Влашка била млада држава која сè уште се обидувала да се зацврсти меѓу големите сили во регионот — пред сè Унгарија, Бугарија и растечката закана од Татарите. Како син на Басараб I, Никола Александар уште рано бил вклучен во власта и државните работи. Неговиот татко успеал да ја обезбеди независноста на Влашка, а Никола Александар ја продолжил таа политика.
За време на неговото владеење една од најзначајните работи било зајакнувањето на православната организација во државата. Во 1359 година била основана Митрополијата на Унгро-Влашка. Ова било исклучително важно бидејќи државата добила сопствена призната црковна структура, што значело и поголема политичка независност. Во средниот век црквата и државната власт биле тесно поврзани, па ова било голем чекор кон зацврстување на Влашка како организирана држава.
Неговото владеење не било мирно. Унгарскиот крал Лајош I се обидувал да ја задржи Влашка под свое влијание. Никола Александар првично се спротивставувал, но под политички притисок привремено прифатил одредени отстапки. Дозволил католички мисии во неговата држава и им дал поволности на саксонските трговци од Брашов. Сепак, неколку години подоцна повторно ја нагласил независноста на Влашка од унгарското влијание.
Интересна е и неговата династичка политика. Неговите деца се поврзале со неколку балкански владетелски куќи. Неговата ќерка Ана се омажила за бугарскиот цар Јован Страцимир, а друга негова ќерка Анка се омажила за српскиот цар Стефан Урош V. Со тоа Влашка добила силни врски со соседните држави.
По неговата смрт во ноември 1364 година бил погребан во Кампулунг. Него го наследил неговиот син Владислав I.
Историчарите често гледаат на Никола Александар како на владетел што ја претворил новосоздадена кнежевина во поорганизирана и постабилна држава. Категорија:Влашка