Движење „Марш кон Вашингтон“ (ДМКВ), 1941–1946 година, организирано од активистите Аса Филип Рандолф и Бејард Растин ― алатка дизајнирана да изврши притисок врз владата на Соединетите Држави да обезбеди праведни работни можности за црнците и да ја десегрегира вооружените сили со закана од масовни маршеви во Вашингтон за време на Втората светска војна. Кога претседателот Рузвелт ја издал Извршната наредба 8802 во 1941 година, со која била забранувана дискриминацијата во одбранбената индустрија по договор со сојузните агенции и била создадена првата сојузна агенција што се занимава со дискриминација, Комитетот за фер практики за вработување, Рендолф и соработниците го откажале почетниот марш.

Рендолф продолжил да промовира ненасилни акции за да ги унапреди целите на црнците. Идниот водач за граѓански права, Мартин Лутер Кинг и други помлади мажи биле силно под влијание на Рендолф и неговите идеали и методи.

Позадина

Состојба на нацијата Во периодот пред влегувањето на Соединетите Држави во Втората светска војна, Црнците негодувале на повиците за „одбрана на демократијата“ од нацистичкиот расизам, додека морале да се справуваат со дискриминацијата во сите делови на животот и бизнисот во СоединетитеДржави, особено на Југот, каде што биле лишени од правото на глас од почетокот на векот и угнетувани од законите на Џим Кроу.

До есента 1940 година, економијата на Соединетите Држави излегувала од Депресијата. Одбранбениот процут имал корист за белците, но на црнците работници им биле одземени можностите поради широко распространетата расна дискриминација при вработувањето. Некои владини програми за обука ги исклучувале црнците врз основа на тоа што им бил одбиван влез во одбранбените индустрии, а многу квалификувани црнци работници со соодветна обука не можеле да се вработуваат. Во 1940 година, претседателот на претпријатието North American Aviation Co. бил цитиран како вели: „Иако сме во целосно сочувство со црнците, против политиката на претпријатието е да ги вработуваме како работници во авиони или механичари... без оглед на нивната обука... Ќе има некои работни места како чистачи за црнците.“ Во ваквото време, активистите почнале да го развиваат движењето „Марш кон Вашингтон“.

Целта на маршот Движењето „Марш кон Вашингтон“ било обид да биде извршен притисок врз владата на Соединетите Држави и претседателот Френклин Д. Рузвелт да воспостават политика и заштита од дискриминација при вработување додека нацијата се подготвувала за војна. Аса Филип Рендолф бил движечката сила зад движењето, со сојузници од НЗУОЛ и други организации за граѓански права. Тој го основал и го водеше „ Братството на носачи на вагони за спиење“ почнувајќи од 1925 година. Неговото водство во движењето „Марш кон Вашингтон“, во кое организирањето на членовите на средната и пониската класа би било толку важно, се засновало на неговото силно искуство во организирањето на месно и синдикално ниво. Независноста на Рендолф од белечките извори на моќ, била покажана кога тој рекол за движењето: „Ако чини пари за финансирање на марш кон Вашингтон, нека црнците платат за тоа. Ако бидат направени какви било жртви за правата на црнците во националната одбрана, нека црнците ги направат...“

Водство Рендолфовото водство и стратегија ја дефинирале природата на движењето „Марш кон Вашингтон“. Неговото потпирање на активизмот на месно ниво и црнечките медиуми и организации било под влијание на неговото детство. Неговиот татко бил афро-методистички епископален проповедник, а Рандолф слушнал бројни парохијци како се жалат на состојбата на расните односи и дискриминацијата. Тој и неговиот брат биле приватно подучувани и биле воспитани да веруваат дека се „интелектуално способни како и секој белец“. На 26 септември 1942 година, откако ДМКВ успеало да добие Извршна наредба против дискриминацијата во индустријата, Рендолф повторил дека борбата ќе продолжи и покрај овие придобивки. Тој рекол: „Освен ако оваа војна не звучи како смртна казна за старите англо-американски империјални системи, чија несреќна приказна е приказна за експлоатација за заработка и моќ на монополско-капиталистичка економија, ќе биде водена залудно.“

Жените во движењето Женската помошна организација била група составена претежно од сопруги и роднини на Братството на носачи на вагони за спиење. Тие биле активни во рамките на ДМКВ првенствено во собирање средства и напори во заедницата, како и работеле на широко за промовирање идеи за „концепти на црнечка машкост, женско испочитување и класна свест“.

Хронологија Раните лобистички напори за десегрегација на војската пред 1941 година, не го убедиле претседателот Рузвелт да преземе дејство. На 27 септември 1940 година, првата делегација составена од Аса Филип Рендолф, Волтер Вајт (НЗУОЛ) и Т. Арнолд Хил (Национален урбан сојуз), се сретнале со претседателот Рузвелт и неговите високи функционери. Делегацијата претставила меморандум со кој била барана итна интеграција на сите црнци во вооружените служби. Белата куќа издала соопштение во кое се вели: „Политиката на Военото министерство не е да меша обоен и бел регрутиран кадар во истите полкови организации.“ Вооружените сили не биле интегрирани сè до 1948 година, под претседателот Хари С. Труман.

Загрижен дека традиционалните состаноци не се ефикасни, на 25 јануари 1941 година, Аса Филип Рендолф службено предложил марш кон Вашингтон за да „биде истакнат проблемот“. Во следните месеци, ограноците на ДМКВ почнале да се организираат за масовен марш закажан за 1 јули истата година. Во текот на пролетта, организаторите процениле дека би можеле да привлечат 100.000 марширачи за настанот.

Една недела пред да биде одржан маршот, градоначалникот Фјорело Ла Гвардија од Њујорк се сретнал со раководството на ДМКВ за да ги информира за намерите на претседателот да издаде извршна наредба за основање на првиот Комитет за праведни практики за вработување (КППВ) што ќе ја забрани дискриминацијата во сојузните програми за стручно и обучување. Пред да биде потпишана наредбата, ДМКВ побарало и таа да вклучи одредба за десегрегација на воените индустрии. Рузвелт се согласил и ја издал Извршната наредба 8802, со која е забранувана дискриминација во сојузните програми за стручно образование и обука, како и во вработувањето во одбранбените индустрии кои склучуваат договори со владата. Со оглед на оваа голема победа, Рендолф се согласил да го откаже маршот. Тој го продолжил движењето „Марш кон Вашингтон“ како начин да биде одржана организација што може да следи и да лобира за напредок, и да го држи КППВ до својата мисија.

ДМКВ продолжило со собирите во текот на летото по овие прашања, но највисоката граница била помината. Непрекинатиот повик на движењето за ненасилна граѓанска непослушност ги отуѓи некои црнечки организации, како што е НЗУОЛ, чии водачи повлекле дел од поддршката. Иако биле организирани за да го предизвикаат маршот кон Вашингтон во 1941 година, ДМКВ работело до 1947 година; нејзините претставници соработувале со други групи за да продолжат со притисокот врз сојузната влада. Во 1943 година, Рузвелт ја издал Извршната наредба 9346, со која бил проширен опфатот на КППВ на сојузните агенции надвор од оние во одбрана.

Рендолф продолжил да промовира ненасилни дејствија за да ги унапреди целите на црнците. Идниот водач за граѓански права, Мартин Лутер Кинг и други помлади мажи биле силно под влијание на неговите методи.

Медиумски ефект Додека поглавните медиуми имале улога во известувањето за движењето, црнечките медиуми го покривале најтемелно. На почетокот на пролетта 1941 година, црнечките весници изразиле скептицизам кон амбициозните цели на движењето да привлечат десетици илјади марширачи. „Chicago Defender“ се грижел дали дури и „2.000 црнци ќе маршираат“.

Сепак, нивниот тон бил променет како што се приближувал датумот на маршот. До мај, црнечките весници објавиле за растечката поддршка за маршот; „The Amsterdam News“ од Њујорк објавил наслов на насловната страница: „100.000 во марш до Капитол“. Ако тоа било само тактика на блефирање, истата тактика ја делел и црнечкиот печат како целина. „Chicago Defender“ до тогаш објавил дека „50.000 се подготвуваат за марш за работни места и правда“.

Комунистички став ДМКВ имал нелагоден однос со комунистичките организации во Соединетите Држави. Комунистите ја поддржувале идејата за пролетаријатско востание, но „тие постојано повлекуваа линија помеѓу „маршот на работа“ и неговото „водство кое подбуцнува војна“. Рендолф користел разни тактики за да избегне комунистите да бидат дел од движењето „Марш кон Вашингтон“, бидејќи знаел дека тоа предизвикува тешкотии во добивањето поддршка за поголемите цели на црнците. Тој го ограничи членството на црнци; иако црнците комунисти можеле да учествуваат, само мал процент од дисциплинираните членови на Комунистичката партија биле црнци.

Поврзано

Општествени движења BlackPast.org

Наводи

Фусноти

Библиографија

Lucander, David. Winning the War for Democracy: The March on Washington Movement, 1941-1946 (University of Illinois Press; 2014) 320 pages

[A. Philip Randolph's Speech]

Надворешни врски

Повик и програма на ДМКВ (говор на Аса Филип Рендолф) „ Движење „Марш кон Вашингтон“ (1941–1947) “ на семрежната енциклопедија на значајни луѓе и места во црнечката историја - Blackpast.org

Категорија:Распаднати црнечки организации во Соединетите Држави Категорија:Црнечки организации за права во Соединетите Држави Категорија:Црнечка историја во Соединетите Држави помеѓу еманципацијата и движењето за граѓански права Категорија:Организации за граѓански права во Соединетите Држави