Абдулразак Гурна (роден на 20 декември 1948 година) е танзаниски романописец и академик од јеменско потекло. Роден бил во Занзибарскиот султанат и се преселил во Обединетото Кралство во 1960-тите како бегалец за време на Занзибарската револуција. Неговите романи ги вклучуваат Рај (1994), номиниран и за наградата Букер и за наградата Витбред; Крај морето (2001), номиниран за наградата Букер и за наградата за книга на Лос Анџелес Тајмс; и Дезертер (2005), номиниран за наградата на писателите на Комонвелтот.
Во 2021 година, Гурна ја добил Нобеловата награда за литература „за неговото бескомпромисно и сочувствително проникнување на ефектите од колонијализмот и судбините на бегалците во јазот меѓу културите и континентите“. На 1 септември 2024 година, Гурна ја станал професор по уметност на литература на Универзитетот во Њујорк, Абу Даби. Тој е исто така и емеритус професор по англиски јазик и постколонијална литература на Универзитетот во Кент.
Ран живот и образование Абдулразак Гурна бил роден на 20 декември 1948 година во Занзибарскиот султанат. Неговиот татко и чичко биле бизнисмени кои емигрирале од Јемен и се од арапско потекло. Тој го напуштил островот, кој подоцна станал дел од Танзанија, на 18-годишна возраст, по соборувањето на владејачката арапска елита во Занзибарската револуција, и заминал во Англија во 1968 година како бегалец. Гурна е цитиран како вели: „Дојдов во Англија кога овие зборови, како што е барател на азил, не беа сосема исти - повеќе луѓе се борат и бегаат од терористички држави.“
Првично студирал на колеџот „Крајст Черч“ во Кентербери, чии дипломи во тоа време ги доделувал Универзитетот во Лондон. Докторирал на Универзитетот во Кент, со теза „Критериуми во критиката на западноафриканската фикција“, во 1982 година.
Кариера Паралелно со неговата работа во високото образование, Гурна е креативен писател и романописец. Тој е автор на многу кратки раскази, есеи и романи. Во своите дваесетти години почнал да пишува поттикнат од носталгијата, најпрво бележејќи мисли во дневник. Тие записи постепено се претвориле во подлабоки размислувања за домот, а подоцна и во измислени приказни за други луѓе. На тој начин пишувањето му станало средство преку кое го разбирал и документирал сопственото искуство како бегалец, животот во туѓа земја и чувството на отуѓеност и раселеност. Овие рани раскази подоцна прераснале во неговиот прв роман, Сеќавање на заминувањето (1987), кој го напишал паралелно со својата докторска дисертација. Со ова дело ги поставил темелите на своето понатамошно творештво, во кое постојано ги обработувал темите на траумата од колонијализмот, војната и раселувањето во своите романи, кратки раскази и критички есеи.
Иако романите на Гурна биле позитивно прифатени од критичарите, тие не биле комерцијално успешни и, во некои случаи, не биле објавени надвор од Обединетото Кралство. Неговата читателска публика драматично се променила откако ја доби Нобеловата награда за литература во 2021 година. Дури по објавувањето на Нобеловата награда, американските издавачи почнале да лицитираат за неговиот роман. Живот по животот, издаден од „Риверхед Букс“ во август 2022 година. Риверхед ги стекнал правата за Крај морето и Дезертер, две претходни дела кои одамна не биле во печат.
Иако неговиот мајчин јазик е свахили, тој го користел англискиот како книжевен јазик и ги интегрирал свахилискиот, арапскиот и германскиот јазик во многу од неговите дела и покрај одреден отпор од издавачите кои претпочитале да „ги напишат со закосување или да ги англицираат свахилиските и арапските референци и фрази во неговите книги“. Гурна ги критикувал овие практики кои „го прават странецот да изгледа странец“ со означување на „странските“ термини и фрази со закосени букви или со нивно ставање во речник. Како што забележува академикот Хамид Дабаши, Гурна „е составен дел од начинот на кој азиските и африканските миграциски и дијаспорски искуства го збогатиле и измениле англискиот јазик и литература. ... Нарекувањето на автори како Гурна дијаспорски, егзилски или кој било друг таков самоотуѓувачки термин го прикрива фактот дека англискиот му бил мајчин јазик дури и пред да стапне во Англија. Англиските колонијални офицери го донеле дома кај него.“
Во творештвото на Гурна постојано се појавуваат теми како егзилот, раселувањето, потрагата по припадност, колонијализмот и изневерените ветувања на државата. Неговите романи најчесто се насочени кон судбините на луѓето од земјите во развој, погодени од војни и различни кризи, чии приказни честопати остануваат неслушнати и недоволно претставени. Голем дел од делото на Гурна се одвива на брегот на Источна Африка и многу од протагонистите на неговите романи се родени во Занзибар. Иако Гурна не се вратил да живее во Танзанија, тој рекол дека неговата татковина „секогаш се наметнува во неговата имагинација, дури и кога намерно се обидува да ги постави своите приказни на друго место“.
Со цел да се изгради читателска публика за делата на Гурна во Танзанија, првиот преведувач на неговите романи на свахили, академик д-р Ида Хаџивајанис од Факултетот за ориентални и африкански студии, изјавил: „Мислам дека ако неговите дела можеа да се читаат во Источна Африка, тоа би имало огромно влијание... Не можеме да ја промениме нашата култура на читање преку ноќ, па за да биде прочитан, првите чекори би биле вклучување на Рај и Живот по животот во училишната програма.“
Други активности Гурна бил член на жирито за книжевни награди, вклучувајќи ја наградата Кејн за африканско пишување, наградата Букер, и наградите на Кралското книжевно друштво. Тој го поддржува бојкотот кон израелските културни институции, вклучувајќи ги издавачите и книжевните фестивали и е еден од оригиналните потписници на манифестот „Одбивање на соучество во израелските книжевни институции“.
Нобелова награда На 7 октомври 2021 година, Гурна ја добил Нобеловата награда за литература за 2021 година „за неговото бескомпромисно и сочувствително проникнување на ефектите од колонијализмот и судбините на бегалците во јазот меѓу културите и континентите“. Гурна бил првиот црн писател по Тони Морисон во 1993 година што ја добил, и првиот африкански писател од 2007 година, кога Дорис Лесинг била добитник.
Личен живот Од 2021 г, Гурна живее во Кент, Англија, и има Британско државјанство. Тој одржува блиски врски со Танзанија, каде што сè уште има семејство кое го посетува секогаш кога е во можност. Како што самиот вели: „Јас сум од таму. Во мојот ум, јас живеам таму.“
Оженет е со Дениз де Каирес Нареин, научничка по литература родена во Гвајана.
Дела
Романи
Сеќавање на заминувањето (1987) Патот на аџиите (1988) Доти (1990) Рај (1994) (во потесен избор за наградата Букер и наградата Витбред; избран за Големото јубилејно читање ) Восхитувачка тишина (1996) Крај морето (2001) (во потесен избор за наградата Букер и во потесен избор за наградата за книга на Лос Анџелес Тајмс ) Дезертер (2005) (во потесен избор за наградата на писателите на Комонвелтот ) Последниот подарок (2011) Срце од чакал (2017) Живот по животот (2020) Кражба (2025)
Кратки раскази
„Кафези“ (1984), во Африкански кратки раскази, уредници Чинуа Ачебе и Кетрин Линет Инес,Хајнмен Еџикејшанал Букс. „Боси“ (1994), во Африканска рапсодија: Кратки раскази за современото африканско искуство, уредник Надежда Обрадовиќ. Енкор Букс. ISBN 9780385468169 „Придружба“ (1996), во Васафири, кн. 11, бр. 23, 44-48. дои : 10.1080/02690059608589487 „Фотографијата на принцот“ (2012), во „Патни приказни: Ново пишување инспирирано од Изложбениот пат“, уредник: Мери Морис. Кралска општина Кенсингтон и Челзи, Лондон. ISBN 9780954984847 „Мајка ми живееше на фарма во Африка“ (2006), во NW 14: Антологија на новото пишување, том 14, избрано од Лавинија Гринло и Хелон Хабила, Лондон: Гранта Букс „Приказната на пристигнатиот“, во Приказни за бегалци, уредени од Дејвид Херд и Ана Пинкус (Кома Прес, 2016) „Приказната за бездржавјанство“, во Приказни за бегалци III, уредени од Дејвид Херд и Ана Пинкус (Кома Прес, 2019)
Наводи
Литература
Jones, Nisha (2005). "Abdulrazak Gurnah in conversation". Wasafiri, 20:46, 37–42. doi:10.1080/02690050508589982.
Whyte, Philip (2004). "Heritage as Nightmare: The Novels of Abdulrazak Gurnah", in: Commonwealth Essays and Studies 27, no. 1:11–18.
Надворешни врски
Abdulrazak Gurnah at RCW Literary Agency.
Категорија:Танзаниски нобеловци Категорија:Добитници на Нобеловата награда за литература Категорија:Членови на Кралското книжевно друштво Категорија:Родени во 1948 година