Северен Сентинел () — остров во архипелагот на Андаманските Острови во Бенгалскиот Залив, кој се наоѓа западно од јужниот дел на Јужен Андаман. Островот зафаќа површина од 59,67 км². Административно е дел од индиската сојузна територија Андамански и Никобарски Острови.

Историја Најраните записи за Северен Сентинел потекнуваат од 1771 г., кога британскиот топограф Џон Ричи забележал бројни светлини од хидрографски брод на Британската источноиндиска компанија додека минувал покрај островот. Подоцна истата година, еден индиски трговски брод се насукал на коралниот гребен во близина. 106 члена на екипажот успеале со чамци да стигнат до брегот, каде се бранеле од нападите на Сентинелците, сѐ додека не биле спасени од екипа на Кралската воена морнарица.

Експедиција со цел истражување на племето и неговите традиции успешно пристигнала на островот во 1880 г. Групата открила мрежа од патеки и неколку напуштени населби. Во текот на истражувањето, шестмина Сентинелци (постара двојка и четири деца) биле заробени и однесени во Порт Блер. Офицерот одговорен за нивното заробување известил дека тие брзо се разболеле. Откако возрасните починале, четирите деца биле вратени на островот со многу подароци. Втора експедиција била организирана во 1883 г., при што на островот биле оставени повеќе подароци.

Во 1967 г., индиски истражувачки екипи започнале серија обиди за воспоставување пријателски односи со домородното население, посетувајќи го островот на неколку години. Во 1977 и 1981 г., два товарни брода се насукале на коралните гребени околу островот. Екипажите биле спасени, а Сентинелците подоцна почнале да го собираат и користат металот од насуканите бродови. Во 1991 г., работници го демонтирале остатокот од бродовите.

Првиот пријателски контакт со домородците бил остварен од страна на Трилокинат Пандит во 1991 г. Индиските власти престанале со редовните посети на островот во 1997 г.

Во 2006 г., двајца рибари, кои случајно се насукале на брегот, биле убиени од Сентинелците.

Население и изолација Островот е дом на Сентинелците — домородно племе што одбива секаков вид контакт со остатокот од современата цивилизација. Нивниот број се проценува на меѓу 15 и 40 лица. Островот, со исклучок на песочните брегови, е речиси целосно покриен со густи тропски шуми.

Месните власти на Андаманските и Никобарските Острови соопштиле дека немаат намера да се мешаат во животот на Сентинелците поради опасноста од пренесување болести, на кои племето нема изградено имунитет. И покрај штетите предизвикани од цунамито во Индискиот Океан во 2004 г., потврдено е дека Сентинелците преживеале; неколку дена по катастрофата, вртолет на индиската влада ги забележал жителите како со стрели се обидуваат да го избркаат леталото.

Владата на Индија строго забранува приближување и истоварување на островот. Индиските погранични служби периодично патролираат во водите околу островот за да спречат незаконски влез на странци.

Инцидент со мисионерот На 17 ноември 2018 г., американскиот мисионер Џон Ален Чо бил убиен со стрели од страна на припадници на племето откако незаконски се обидел да стапи во контакт со нив. Рибарите што го превезле Чо до островот подоцна биле уапсени од полицијата.

Белешки

Наводи

Надворешни врски

Brief factsheet about the indigenous people of the Andaman Islands by the Andaman & Nicobar Administration (archived 10 April 2009) "The Andaman Tribes: Victims of Development" Video clip од Survival International Photographs of the 1981 Primrose rescue

Категорија:Андамани и Никобари