Trifolium cinctum — едногодишен вид на детелина опишан од Огистен Пирам де Кандол. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Растението е едногодишно, високо до 60 см и разгрането во горниот дел. Стеблото е исправено, во долниот дел голо, а во горниот покриено со раширени влакна долги околу 1–1,5 мм. Базалните листови имаат дршки неколку пати подолги од листната плочка, додека кај најгорните, спротивно поставени листови, дршките се покуси од листната плочка. Листовите се обратнојајцевидно-долгнавесто-клиновидни, долги 15–30 мм и широки 5–10 мм, со тап врв и цел раб. Од двете страни се покриени со полураширени влакна, а лисните дршки се покриени со долги раширени влакна. Прилисниците се долгнавести, белузлави, со зелени жили, а нивниот врв преминува во долг, зелен, слободен линеен дел.
Соцветијата се јајцевидно-цилиндрични, долги 10–12 мм, многу густи и составени од голем број збиени цветови. Цветовите се обвиени со една обвивка од раширени, помеѓу себе сраснати зелени целорабни или назабени прицветници, долги околу 5–6 мм. Цветовите се без прицветници.
Чашката е долга 7–8 мм. Нејзиниот цилиндричен дел е долг околу 2,5–3 мм и има десет јасно испакнати жили. Запците се линејно-копјести и со различна должина: горните се долги околу 1,5 мм, страничните околу 2 мм, а долниот околу 4,5–5 мм. Во основата имаат по три жили и по површината се покриени со полураширени влакна. Кај плодот, отворот на чашката се затвора со развој на прстенесто ткиво. Венчето е розово, приближно двојно подолго од чашката. Барјачето е долго околу 12 мм и широко околу 2 мм, а крилцата и лаѓичката се околу 2 мм покуси од него. Плодот е мала мешунка сместена во чашката, која обично содржи едно семе.
Распространетост во Македонија Trifolium cinctum расте по влажни и слабо засолени ливади, и е растение со многу ограничено распространување. Се среќава во селата Петровец и Мралино во Скопје, селото Кривогаштани во Прилеп и селата Стојаково и Богородица во Гевгелија.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија