Sempervivum erythraeum — вид цветно тревесто растение кое припаѓа на родот чуваркуќа () од семејството дебелци (Crassulaceae).
Опис и распространетост Sempervivum erythraeum е повеќегодишно растение, со месести листови групирани во розета со дијаметар од 2-4,5 см и кратки столони, кои создаваат компактни групи од розети. Стеблото е високо 10-20 мм, пурпурно обоено, покриено со кратки жлездести влакна и густо наредени листови. Листовите во розетата се сиво-зелени до пурпурни, со форма од лопата до обратно јајцевидна, долги 10-20 мм и широки 5-10 мм, завршуваат со остар врв, површината им е покриена со густи кратки жлездести влакна, а рабовите со подебели влакна од различна должина; стеблените листови се потесни, подолги, долги 30-35 мм и широки околу 15 мм. Цветовите имаат 11-13 делови, распоредени во цимозни гранчиња што создаваат широко соцветие налик на штит. Ливчињата на чашката се црвеникави, покриени со кратки жлездести влакна и завршуваат со издолжен остар врв. Венечните ливчиња се розови до пурпурно-црвени, тесни и ланцетовидни, долги до 10 мм и широки околу 1 мм, два до три пати подолги од чашкините, со долги жлездести влакна. Филаментите на прашниците во основата се покриени со жлездести влакна. Мешунчињата се речиси без влакна.
Во Македонија расте на каменести терени и карпи во високопланински области. Овој вид е забележан единствено на планината Беласица, врвот Тумба.
Галерија
Наводи
Категорија:Чуваркуќа (род) Категорија:Дебелци Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа