Ернест Нуама Апија (роден на 1 ноември 2003, во Кумаси) — гански фудбалер, напаѓач на Олимпик Лион и на ганската репрезентација.
Биографија Нуама е роден и израснат во Асафо, предградие на градот Кумаси. Тој ја започнал својата кариера во Академијата Рајт то Дрим, фудбалска академија со седиште во Источниот регион во Гана.
Клупска кариера Нордсјеланд Во јануари 2022 година, Нуама се приклучил на тимот од Суперлигата на Данска, Норшелан. Своето деби го имал на 10 април 2022 година, влегувајќи во игра од клупата во 67-мата минута на местото на Магнус Кофод Андерсен и постигнал гол во 84-тата минута во ремито 2-2 против Орхус, добивајќи подоцна и признание за играч на натпреварот.
Во септември 2022 година, Нуама бил прогласен за најдобар млад играч на месецот. На 19 март 2023 година, Нуама постигнал два гола, вклучувајќи го и победничкиот гол во успехот со 2-1 против Брондби. На крајот од сезоната, тој ја доби наградата за Играч на годината во Суперлигата на Данска.
Нуама силно ја започнал сезоната 2023-2024, постигнувајќи хет-трик во победата од 4-1 против Виборг во првенството на 24 јули 2023 година, во првото коло од новата кампања.
РВД Моленбек и Олимпик Лион На 30 август 2023 година, Нуама му се приклучил на белгискиот клуб РВД Моленбек, пред веднаш да биде испратен на позајмица до крајот на сезоната во францускиот клуб Лион, со опција за откуп во вредност од 25 милиони евра, плус 4,5 милиони евра во потенцијални бонуси. Оваа позајмица била овозможена благодарение на истиот сопственик на двата клуба, компанијата „Eagle Football Holdings“ на Џон Текстор, и била неопходна за да се избегнат ограничувањата за трошење на Лион наметнати од Националната дирекција за контрола на управувањето (DNCG). Со тоа, Нуама поставил нов рекорд како најскапо продаден фудбалер во историјата на Норшелан. Подоцна истата година, на 8 октомври, тој го постигнал својот прв гол за Лион во ремито 3-3 против Лорјан.
На 7 јули 2024 година, Лион го објавил откупувањето на Нуама од РВД Моленбек за пријавена сума од 28,5 милиони евра, со што тој направил траен трансфер во францускиот клуб. Истото лето, во последните денови од преодниот рок, Нуама бил пред трансфер вреден 19 милиони евра во клубот од Премиер лигата на Англија, Фулам, но истиот пропаднал во последен момент. По постигнатиот договор и завршените медицински прегледи, Нуама се расплакал, за што првично се мислело дека се солзи радосници, но наместо тоа, тој исчезнал за време на завршните фази од договорот, наводно поради неговата неволност да го напушти Лион. Подоцна, сопственикот на Лион, Џон Текстор, се извини за ситуацијата која довела до тоа Нуама да се почувствува принуден да го напушти клубот.
Откако останал во Лион, тој играл редовно и постигнал три гола во Лига 1 против Нант, Монпелје и Ница и три гола во Лига Европа еден против Ајнтрахт Франкфурт и два во победата со 4-0 над ФКСБ. На 6 април 2025 година, за време на натпреварот од 28-мото коло во Лига 1 против Лил, Нуама бил принуден да го напушти теренот во 7-мата минута поради повреда на коленото здобиена по дуел со Габриел Гудмундсон. Два дена подоцна, Олимпик Лион објавил дека Нуама претрпел кинење на предниот вкрстен лигамент на левото колено, што го оддалечило од терените до крајот на сезоната и ја пропуштил речиси целата следна сезона. Своето враќање на терените после повеќе од една година го направил на 3 мај 2026, влегувајќи на местото на Ендрик во завршните минути од натпреварот на домашен терен против Рен добиен со 4-2.
Репрезентативна кариера На 4 ноември 2022 година, Нуама бил избран од Ото Адо, селекторот на сениорската репрезентација на Гана, во провизорниот состав од 55 играчи за Светското првенство 2022. Сепак, тој испаднал од конечниот состав за турнирот.
Своето деби за Гана го направил на 18 јуни 2023 година, во натпреварот против во Антананариво, во рамките на квалификациите за Африканскиот куп на нации 2023. Последователно, на 7 септември, во својот втор настап за „црните ѕвезди“, тој го постигнал својот прв гол за репрезентацијата во победата од 2-1 против Централноафриканската Република.
На 31 декември 2023, тој бил повикан од Крис Хјутон во составот на Гана од 27 играчи за Африканскиот куп на нации 2023.
На 2 јуни 2026, Нуама бил повикан од Карлос Кеирош во составот од 26 играчи кој ја претставувале земјата на Светското првенство 2026.
Хронологија на репрезентативните настапи
Наводи
Надворешни врски
Ернест Нуама на soccerway Ернест Нуама на transfermakt Ернест Нуама на espn Ернест Нуама на whoscored
Категорија:Гански фудбалери Категорија:Живи луѓе Категорија:Фудбалери на ФК Норшелан Категорија:Фудбалери на ФК Олимпик Лион Категорија:Родени во 2003 година