Monotropoideae, (понекогаш нарекувани монотропи), — подсемејство на цветни растенија во семејството вресови (Ericaceae). Членовите на оваа подсемејство се препознатливи по тоа што се микохетеротрофни и ги немаат карактеристиките за вршење фотосинтеза (тие немаат хлорофил, односно се ахлорофилни).
Во Македонија од монотропните растенија се среќава единствено Monotropa hypopitys, во сенките на шумите на надморска височина меѓу 1000 и 2000 метри.
Опис Општата морфологија на овие растенија е значително редуцирана во споредба со останатите припадници на семејството вресови (Ericaceae), кои практично сите се полугрмушки, грмушки или дрвја. За разлика од нив, сите припадници на Monotropoideae се повеќегодишни тревести растенија, кај кои секоја сезона (во пролет или рано лето, во зависност од климата) од повеќегодишниот корен израснува ново едногодишно стебло. Стеблото може да се дефинира како единечно соцветие или грозд, со еден до повеќе цветови на оската; сепак, понекогаш овој гроздест облик може толку да се намали што наликува на клас, додека кај родот Monotropa, тој може да биде во форма на еден единствен цвет. Забележително е што стеблата се ахлорофилни, што е во согласност со микохетеротрофната и нефотосинтетската природа на растението, па затоа овие растенија имаат впечатлив и специфичен изглед, со боја која се движи од чисто бела, преку пастелни тонови, па сè до многу светла жолта или црвена.
Новоизраснатите стебла можат да бидат исправени или наведнати, со исправени или висечки цветови, кои можат да станат поисправени како што растението созрева. Самите цветови, слично како и кај останатите припадници на семејството вресови (Ericaceae), имаат крунички кои генерално се со ѕвонест или чашковиден облик, иако самите венчени ливчиња можат, но и не мораат да бидат меѓусебно споени. Меѓутоа, кај Monotropoideae отсуствуваат прашниците со пори на врвот, кои се карактеристични за мнозинството припадници на семејството вресови. За разлика од повеќето растенија од семејството вресови кои поленот го шират во групи од четири зрна, кај оваа група поленовите зрна се ослободуваат поединечно. Нивниот плод е сочна бобинка или сува чашка која пука за да ги ослободи семињата, кои се толку ситни што наликуваат на прашина. По расејувањето на семето, стеблото може да се исуши или да остане сочувано.
Таксономија Како посебно семејство растенија, монотропите за првпат биле дефинирани во 1818 година од ботаничарот Томас Натол. Тој ги споил линеовиот род Monotropa и својот новоопишан вид Pterospora andromedea во семејството Monotropeae, кое подоцна, со воведувањето на современите таксономски правила, било преименувано во Monotropaceae. Дејвид Дон прв ја класифицирал оваа група како племе во семејството вресови, за Аса Греј во 1878 година да ѝ даде статус на подсемејство под името Monotropoideae. Сепак, како автор на ова име официјално се цитира Џорџ Арнот Вокер-Арнот, кој уште во 1832 година прв валидно го објавил како подсемејство во рамките на Monotropaceae.
Опрашување Главен опрашувач на растенијата од подсемејството Monotropoideae се бумбарите, при што кај некои видови се јавува и специфично опрашување преку вибрации на цветот. Иако кај одделни родови (како Sarcodes) знаат да долетаат и колибри, а кај други (како Monotropa) можe да дојде и до делумно самоопрашување, бумбарите остануваат нивниот примарен партнер. За да ги привлечат, овие растенија лачат специфични ароматични соединенија од цветовите, како што се линалоол, α-терпинеол и гераниол.
Живеалиште и распространетост Растат во иглолисни и мешани шуми со густи крошни и слаба светлина, на мочуришта, суви падини и кисели почви богати со хумус. Распространети се низ умерениот појас на Северната Хемисфера, но и во супартичките и планинските тропски предели. Нивното ширење зависи од влажноста на воздухот и почвата, како и од присуството на соодветни иглолисни дрвја и нивните габи-домаќини.
Родови
Племе Monotropeae
Allotropa Cheilotheca Hemitomes Hypopitys (третиран од многу автори како синоним за Monotropa) Monotropa Monotropastrum Monotropsis Pityopus Pleuricospora
Племе Pterosporeae
Pterospora Sarcodes
Племе Pyroleae
Chimaphila Moneses Orthilia Pyrola
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Подсемејство Ericaceae Monotropoideae, од Флората на Северна Америка Pyrolideae и Monotropoideae, од веб-страницата на Ботаничката градина во Мисури, Филогенеза на ангиосперми Ericaceae Почетна страница: Monotropoideae, Кетлин и Бенџамин Крон, Универзитет Вејк Форест. (Веб-страницата содржи дополнителни филогенетски и ботанички описи, преку линкови на дното од страницата.) Монотропни од Вотсон и Далвиц, Семејствата на цветни растенија
Категорија:Паразитски растенија Категорија:CS1-грешки: застарени параметри Категорија:Страници со наводи без наслов Категорија:Статии со микроформати за вид Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Страници со непрегледан превод