Potentilla argentea е повеќегодишна билка од семејството рози. Potentilla argentea е домородна во Европа, Мала Азија и Сибир, и е воведена низ умерените подрачја во Северна Америка и во Нов Зеланд.

Опис Повеќегодишно тревесто растение со неколку вертикални цветни гранчиња. Цветните гранчиња 30-50 цм високи, во основата обично лачно искривени, светлокафеави, а во останатиот дел зелени, по површината сивкасти до бели од густо испреплетени тенки и нежни бели влакна, а покрај нив понекогаш и ретки долги влакна. Листовите дланковидни, обично со 5 а поретко со 7 ливчиња, на горната страна зелени, голи или со ретки прилегнати влакна, на долната страна бело-волнести од густо испреплетените влакна, а по жилите, а посебно по средната жила, и по работ со долги прилегнати свиленести влакна. Рабовите на листовите секогаш свиткани надолу; лисните дршки кај базалните листови се многу долги, до 10 цм, кај стеблените листови тие се покуси, а најгорните се приседнати. По површината со густи испреплетени влакна и со поретки долги ливчиња.

Ливчињата 20-30 мм долги, 5-12 мм широки, обратно-јајцевидни, напилени, плитко или длабоко насечени, пересто насечени, двојно насечени или двојно пересто насечени. Деловите на сегментите линејни или линејно-ланцетни, на врвот тапи или заострени. Прилисниците долги, линејни или линејно-ланцетни, на врвот постепено заострени, во основата многу малку сраснати со лисната дршка. Цветовите 10-12 мм во пречник, во голем број, групирани во метличес- то-штитовидно соцветие. Чашкините ливчиња јајцевидно-ланцетни, 3-5 мм долги, со густи прилегнати влакна.

Ливчињата на епикаликсот линејни или линејно-ланцетни. Венечните ливчиња жолти, 3,5-5 мм долги, обратно-срцевидни и подолги од чашкините ливчиња. Столпчињата конусовидни, во основата папилозни. Цветната ложа влакнеста. Оревчињата светлокафеави и со мрежести брчки по површината.

Распространетост во Македонија Potentilla argentea расте по брдските и планинските пасишта, ливади, покрај шумите, патиштата и по грмушестите состоини до 2.000 м. надморска височина.

Широко распространето растение на територијата на Македонија.

Наводи

Категорија:Петопрст Категорија:Флора на Македонија