Potentilla aurea е вид цветно растение од семејството рози. Потекнува од планините на континентална Европа, а е донесен и во Турција. Достапни се голем број сорти, вклучувајќи ги „Aurantiaca“, „Goldklumpen“ и „Plena“.
Опис Многугодишно тревесто растение со јак ризом кој е препокриен со нераспаднати кожести кафеави прилисници. Цветните стебленца до 30 цм високи, тенки, на врвот разгранети, со повеќе цветови. Во долниот дел стебленцата со прилегнати влакна, а во горниот дел влакната се малку расперени. При основата листовите дланковидни, со 5 ливчиња. Ливчињата долгнавесто-елиптично-обратно-јајцевидни, на врвот со 5-7 заострени запчиња, кај кои средното запче е помало од двете соседни, во основата клиновидни. На горната страна со ретки свиленести прилегнати влакна, на долната страна со свиленести влакна по средната и стра- ничните жили, а исто така и по работ. Свиленестите влакна се прилегнати и се препокриваат формирајќи една свиленкаста бела лента. Лисните дршки до 10 цм долги, со прилегнати влакна а слободните делови на прилисниците на базалните листови ланцетни до широко-ланцетни, ципести, кафеави, голи, со влакна по работ. Стеблените листови помали, со 5 ливчиња, со куса дршка и со јајцевидно-ланцетни прилисници. Цветовите 15-25 мм во пречник и со долги влакнести дршки. Чашкините ливчиња јајцевидно-ланцетни, на врвот заострени, по површината со прилегнати, а по работ со слабо расперени свиленести влакна. Ливчињата на епикаликсот линејно-ланцетни и покуси од чашкините ливчиња. Венечните ливчиња интензивно жолти, обратно-срцевидни, 2-пати подолги од чашкините ливчиња, во основата со една потемна флека. Цветната ложа влакнеста. Оревчињата со скоро незабележливи брчки.
Распространетост во Македонија Potentilla aurea расте по високопланинските пасишта врз длабока почва, од 1.600 до 2.700 м надморска височина.
Позната е за Шар Планина, Кораб, Дешат и Бистра, а се посочува за Ниџе и Јабланица.
Наводи
Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Флора на Украина Категорија:Флора на Франција Категорија:Флора на Шпанија Категорија:Петопрст Категорија:Флора на Македонија