Sibbaldia parviflora е вид цветно растение од родот Sibbaldia од семејството рози, по потекло од Југоисточна Европа и Западна Азија. Тоа е тревесто повеќегодишно растение кое расте на влажни карпести места на алпски ливади.
Постојат различни мислења за неговиот таксономски статус. Иако е општо прифатен како вид, некои го сметаат за подвид или варијанта на Sibbaldia procumbens. Сродната Sibbaldia cuneata од Хималаите и Кина некогаш се смета како посебен вид или е подредена под Sibbaldia parviflora.
Опис Многугодишно полегнато тревесто растение со задебелен и разгранет ризом. Цветните стебленца 2-6 цм високи, повисоки од базалните листови, во основата обвиени од големите лушпести кафеави прилисници на изумрените листови. Листовите на вегетативните гранчиња собрани по неколку заедно формирајќи куси гранчиња, сиво-зелени со прилегнати ретки свиленкасти влакна. Прилисниците до 14 мм долги, 3-4 мм широки, 2/3-3/4 сраснати со лисната дршка. Ливчињата обратно- јајцевидно-клиновидни, 10-15 мм долги, на врвот со 3 триаглести запчиња, кај кои средното е потесно а страничните се пошироки. Само средното ливче е со куса дршка. Лисните дршки 10-30 мм долги, со густи прилегнати влакна. Листовите на цветните гранчиња исти како базалните листови, но помали. Цветовите по 3-5 групирани во соцветие слично на штит. Цветните дршки околу 2 мм долги. Прицветните листови целокрајни, линејни и со прилисници. Чашкините ливчиња со ретки прилегнати влакна, ланцетни, 2 мм долги, 1 мм широки, на врвот заострени, со прецветувањето се зголемуваат до 4 мм. Ливчињата на епикаликсот линејни, покуси од чашкините ливчиња. Венечните ливчиња жолти, обратно-јајцевидни, 2-2,5 мм долги, малку подолги од венечните ливчиња. Прашниците 5. Столпчињата 5, тенки и долги. Плодникот со 5-12 карпели. Плодот светликави кафеави оревчиња.
Распространетост Растението може да се најде во повеќе области во планините на северен Иран, северен Ирак, Турција, Кавказ, а исто така и на Балканскиот Полуостров: во северна Грција (на надморска височина од 2300–2400m на планината Кајмакчалан и Ниџе и Киафа во северен Пинд), Македонија (Галичица од 1,950 до 2,200 м надморска височина), Албанија (планините Грамошта и Островица) и Бугарија (Осоговски Планини).
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Растенија опишани во 1799 година Категорија:Флора на Македонија