Alchemilla monticola е вид растение кое припаѓа на семејството рози.
Неговиот автохтон опсег се протега од Европа до Сибир и Централна Кина.
Опис Повеќегодишно растение. Стеблото 10-40 цм високо, прилегнато или исправено, целосно покриено со расперени влакна. Приосновните листови скоро круглести или круглесто-бубреговидни, 3-10 цм во пречник, со мало растојание помеѓу долните делови на листот или е потполно затворено, 9-11-делни, од двете страни густо влакнести. Листовите насечени од 1/4 до 2/5. Деловите на листот полукруглести, а во основата со многу мал целокраен раб. Запчињата по 7-9 од секоја страна, еднакви по облик и големина, тесни, тапи, а врвниот забец скоро еднаков со соседните запчиња. Дршките на приосновните листови 2-20 цм долги, густо покриени со расперени влакна. Прилисниците светлокафеави или зеленикави. Стеблените листови многу помали, со куси дршки или приседнати. Соцветијата многуцветни, тесни, со косо нагоре насочени гранчиња, влакнести, цветните снопчиња густи. Цветните дршки најчесто покуси од цветовите, голи, по исклучок влакнести. Цветовите 2,5-4 мм во пречник, жолто-зеленикави. Чашкините ливчиња јајцевидни, од надворешната страна влакнести. Ливчињата на епикаликсот многу покуси од чашкините ливчиња. Хипантиумите јасно заоблени, обично густо влакнести, ретко голи. Зрелите плодчиња пократки од хипантиумите.
Распространетост во Македонија Alchemilla monticola на терироријата на Македонија расте по влажни ливади, пасишта и покрај реки во планините до 2.560 м надморска височина. Се посочува за изворишниот дел на Ратевска Река и с. Гајре - Шар Планина, Јабланица, Китка, Скопска Црна Гора, Караорман, Руен на Пониква, Веливар, Шар Планина, Пепељак, Кораб, Пелистер, Рудока.
Наводи
Категорија:Флора на Македонија