Lysimachia vulgaris или обична метилка — вид тревесто повеќегодишно цветно растение од семејството јаглики (Primulaceae). Новите молекуларни филогенетски анализи првично условиле нејзино преместување во подсемејството Myrsinoideae, но тоа подоцна било целосно споено назад во рамките на матичното семејство јаглики (Primulaceae).

Опис и распространетост Lysimachia vulgaris е растение со разгрането стебло, високо до 150 см, покриено со долги повеќеклеточни влакна и меѓу нив кратки жлездести влакна, со.долги подземни столони. Неговите листови се распоредени спротиставено или формираат кружни групи од 3 до 4 пршлени. Имаат должина од 5,5 до 9 см, а според обликот се јајцевидни, продолжено-ланцетни или со издолжен врв. Рабовите им се рамни и целокрајни, на самиот врв завршуваат со шпиц, додека во основата се стеснуваат во многу кратки лисни дршки. Долната страна на листот е покриена со густи влакненца, додека горната има поретка влакнатост, а на површината се забележуваат ситни жлездести точки. Цветовите се собрани во врвно метличесто соцветие, придружено со листови во долниот дел; брактеите се тесни и влакнести, заострени на врвот; цветните дршки се околу 1 см долги, покриени со густи едноставни и жлездести влакна. Чашката е долга 3,5–5 мм, ретко влакнеста, во форма на ѕвонче, засечена речиси до основата на пет делови; запците се триаглесто-ланцетни, со црвена линија близу работот и кратки жлездести влакна по рабовите. Венчето е жолто, долго до 10 мм, засечено речиси до основата на пет јајцевидни делови; внатрешната страна е гола или покриена со густи кратки жлездести влакна. Прашниците се сраснати со основата на венчето; филаментите се со различна должина, во долниот дел меѓусебно сраснати и образуваат цевка околу плодникот; нивната надворешна страна е густо покриена со жлездести влакна; антерите се долги околу 2 мм. Столпчето е кончесто, подолго од прашниците и подоцна отпаѓа. Плодната кутијка е сферична, долга 4–5 мм. Семките се триаглести и густо покриени со брадавички.

Во Македонија расте на влажни почви — блатишта, крајбрежја на езера, реки и потоци — до 1500 метри надморска височина.

Варијабилност Lysimachia vulgaris f. vulgaris - Дршката се наоѓа на соцветието, цветните дршки и чашката имаат прости и ретки жлездести влакна. Примероци со вакви морфолошки белези не се забележани во Македонија. Lysimachia vulgaris f. glanduloso-villosa - Дршката се наоѓа на соцветието, цветните дршки и чашката имаат исклучиво густи жлездести влакна, а може и понекое просто влакно. Се среќава во Катлановското Блато; Пелагониското Блато; Моноспитовското Блато; Дојранското Блато; Струшкото Блато; Охридското Блато; Таорската Клисура; клисурата на р. Тополка; Кожуф - Висока Чука; Гостивар; Мавровско Поле.

Употреба Слично на останатите видови од родот Lysimachia, обичната метилка традиционално зазема важно место во народната медицина, особено кај одредени источни народи каде што повремено се применува и денес. Ова растение се покажало како ефикасно против воспаленија, а се користело и за ублажување треска, санирање рани, чиреви и дијареја. Дополнително, се одликува со аналгетско дејство, помага во стегање на ткивата и го олеснува искашлувањето.

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Европа Категорија:Незагрозени видови според МСЗП Категорија:Флора на Македонија