„Успесите и несреќите на злогласната Мол Фландерс“ (англиски: The Fortunes and Misfortunes of the Famous Moll Flanders) — роман на англискиот писател Даниел Дефо од 1722 година.

Содржина Предговор на писателот: Во предговорот, измислениот писател објаснува дека оригиналната исповед на Мол Фландерс ја запишал во преработен облик и со попристоен јазик, исфрлајќи ги сите непристојни зборови и сцени. Исто така, тој ги повикува читателите да извлечат поуки од приказната која се одликува со бројни морални и религиозни вредности. Најпосле, тој се извинува за нераскажаните животни приказни на Џејмс и на бабицата.Danijel Defo, Mol Flanders. Rad, Beograd, 1963, стр. 3-7. Глава I-VII: Затвореничката позната како Моли Фландерс ја раскажува својата лична историја: Уште додека е бремена, мајка ѝ е осудена на затворска казна во злогласниот затвор Њугејт, а нејзината ќеркичка по три години завршува во дом за сираци во Колчестер, Есекс. Уште како мала, таа изразува желба да стане госпоѓа, со што ги привлекува симпатиите на жените во градот. Кога има 14 години, умира нејзината старателка, а неа ја вдомува едно семејство во кое стекнува добро образование и воспитување. Постариот син ја забележува убавината на Бети и ѝ се додворува, давајќи ѝ пари и ветувајќи дека ќе се ожени со неа, па набргу тие стануваат љубовници. Меѓутоа, помладиот син Роберт (Робин) искрено се вљубува во неа и ѝ нуди брак, но Бети упорно го одбива зашто е заљубена во постариот син. Тој, пак, ја наговара да се омажи со Робин и ја прекинува љубовната врска, а Бети запаѓа во очај и се разболува. Кога закрепнува, постариот син повторно ја убедува и Бети најпосле попушта и се венчавс со Робин. Со него таа раѓа две деца, но по пет години тој умира, а децата ги земаат неговите родители. Во тоа време се жени и постариот син кого таа не престанува да го сака.Danijel Defo, Mol Flanders. Rad, Beograd, 1963, стр. 11-63. Глава VIII-XII: По смртта на Робин, таа се мажи за трговец кој безмерно ги троши парите и набргу пропаѓа. Под притисок на извршителите, тој бега во Франција, а таа го напушта градот и го менува името во г-ѓа Фландерс. По некое време, повторно се мажи, овојпат за добар и чесен човек и со него заминува во Вирџинија, каде тој има плантажи. Таму, свекрвата ѝ кажува дека е поранешна затвореничка и тогаш Бети сфаќа дека таа е нејзината мајка, а сопругот ѝ е брат. Таа е погодена од сознанието дека има деца со сопствениот брат и престанува да спие со него, а освен тоа, постојано бара да се врати во Англија. Бидејќи сопругот не ѝ дозволува, таа најпосле ѝ ја открива тајната на свекрвата (мајка си), а подоцна му кажува и на сопругот. Избезумен од веста, тој се обидува да изврши самоубиство, а потоа се разболува и тогаш ѝ дозволува да се врати во Англија.Danijel Defo, Mol Flanders. Rad, Beograd, 1963, стр. 64-109. Глава XIII-XVII: Госпоѓата Фландерс оди на одмор во Бат, каде запознава еден господин кој е многу добар кон неа и ја помага парично. Најпрвин, тие се дружат непорочно, но по две години стануваат љубовници и таа раѓа машко бебе. Тогаш, таа и бебето се селат во Лондон, а таа раѓа уште две вонбрачни деца, но тие умираат. Во текот на тие шест години, госпоѓата Фландерс живее среќно и во благосостојба, но нејзиниот љубовник се разболува, а кога оздравува, каејќи се поради гревот, ја раскинува врската, а таа го остава синот. Набргу, таа запознава еден банкар кој љубезно ѝ помага околу паричните работи и истовремено ѝ нуди брак. Меѓутоа, таа заминува во Ливерпул со намера да најде богат маж. Таму, таа се мажи за еден човек, Џејмс, но веднаш по венчавката, двајцата откриваат дека се измамени од посредничката, односно дека ниту еден од нив не е богат како што очекувале. Бидејќи немаат пари за заеднички живот, тие се договараат за иднината при што таа предлага да заминат во Вирџинија, но Џејмс заминува во Ирска, а таа се враќа во Лондон.Danijel Defo, Mol Flanders. Rad, Beograd, 1963, стр. 110-163. Глава XVIII-XXIV: Госпоѓата Фландерс останува бремена и се препушта на негата на една професионална бабица. Таа раѓа син, но го остава на чување кај една селанка, зашто е решена да се омажи за банкарот, кој во меѓувреме се разведува од сопругата. Тие се венчаваат во гостилницата во едно мало место на патот за Лондон, а таму накратко го здогледува својот претходен маж Џејмс. Госпоѓата Фландерс живее пет среќни години во брак со банкарот при што раѓа уште едве деца. Меѓутоа, тој наеднаш умира и таа повторно е препуштена сама на себе и по две години, притисната од сиромаштијата, почнува да краде. Подоцна, таа пак се враќа кај бабицата која ја поттикнува да продолжи да краде и така станува вешта крадачка. Благодарение на успешната активност, таа станува позната меѓу лондонските крадци, кои ја нарекуваат Мол Фландерс.Danijel Defo, Mol Flanders. Rad, Beograd, 1963, стр. 164-229. Глава XXV-XXXII: Во една прилика, госпоѓата Фландерс запознава пијан човек и ја минува ноќта со него, а кога тој заспива, го ограбува. Подоцна, со посредство на бабицата, таа дознава дека тој е угледен господин и одвреме-навреме одржува полови односи со него, а тој ѝ плаќа пари. Во друга прилика, таа е неправедно обвинета за една кражба во трговски дуќан и полицаецот ја приведува, но судијата ја ослободува, а подоцна, со вносудска спогодба добива отштета од трговецот. Иако подолго време има успех во крадењето и заработува доволно пари за удобен живот, сепак алчноста ја тера да продолжи понатаму со нечесниот живот. Најпосле, при една мала и вообичаена кражба, таа е фатена и затворена во Њугејт. На почетокот, таа е многу исплашена од смртта, но постепено се навикнува на затворот и не чувствува никакво каење за својот грешен живот. Еден ден, во затворот го здогледува и поранешниот маж Џејмс, кој во меѓувреме станал опасен разбојник. За тоа време, бабицата прави големи напори да ја ослободи од обвинението, но без успех. Лошата судбина на Мол предизвикува голема промена кај бабицата, која искрено се кае за своите нечесни постапки. Мол Фландерс е осудена на смртна казна и кај неа доаѓа еден свештеник пред кого таа се исповедува. Дури тогаш, таа доживува душевно просветлување, искрено се кае за гревовите и размислува за вечниот живот. Свештеникот успева да издејствува одложување на извршувањето на пресудата, а подоцна и замена на погубувањето со протерување во колониите. Тогаш, таа го посетува Џејмс, кој лежи во затворот очекувајќи го судскиот процес. При средбата со него, Џејмс ѝ раскажува за својот 25-годишен живот како разбојник, а таа го убедува да заминат заедно во Вирџинија.Danijel Defo, Mol Flanders. Rad, Beograd, 1963, стр. 230-312. Глава XXXIII-XXXVI: Госпоѓата Фландерс и Џејмс се качуваат на истиот брод кој плови до колониите при што од капетанот добиваат поволности да патуваат како редовни патници наместо како затвореници. Бабицата несебично им помага во подготовката за патувањето, санбдувајќи ги со алати и други неопходни предмети. Кога пристигаат во Вирџинија, со помош на капетанот на бродот, госпоѓата Фландерс добива лажна потврда дека е продадена како робинка на еден човек, кој веднаш ја ослободува. Така, таа и Џејмс се населуваат во едно село во кое живеат нејзиниот поранешен сопруг (полубратот) и нивниот син. Притоа, таа дознава дека мајка ѝ е мртва, но дека ѝ оставила во наследство една плантажа. Не сакајќи да се дознае вистината за неа, госпоѓата Фландерс го убедува Џејмс да заминат во Каролина, но наместо таму се населуваат во Мериленд, каде купуваат имот. Набргу, таа се враќа во Вирџинија, каде има срдечна средба со синот, кој се нафаќа да управува со нејзиното мајчино наследство. Постепено, госпоѓата Фландерс и Џејмс го зголемуваат имотот и живеат во среќа и изобилство, а кога умира нејзиниот полубрат, таа се мажи за Џејмс и тогаш му ја раскажува својата лична историја. По осум години, тие се враќаат во Англија.Danijel Defo, Mol Flanders. Rad, Beograd, 1963, стр. 313-349.

За делото Целосниот наслов на романот гласи: „Успесите и несреќите на злогласната Мол Фландерс, која е родена во њугејтскиот затвор и која во текот на шеесет години од својот многу променлив живот, не сметајќи го тука нејзиното детство, дванаесет години била блудница, петпати венчана сопруга (еднаш омажена за родениот брат), дванаесет години крадачка, осум години робијашка во Вирџинија и најпосле се збогатила, живеела чесно и умрела како покајничка“. Првото издание е датирано во Лондон, 1721 година, но излегло од печат на 27 јануари 1722 година. Романот веднаш станал многу популарен и веќе во јули се појавило „второто, поправено издание“, во декември се појавило третото издание, а во 1723 година био објавено „скратеното, џепно издание“. Освен тоа, во 1730 година, во Даблин, била објавена книгата „Превртливите пресврти на среќата“ (во три дела) во која се прикажани животот и смртта на Мол Фландерс, животот на нејзината управителка (бабицата) и животот на нејзиниот сопруг Чарлс од Ланкашир. Во ова дело, кога старата Мол Фландерс сфаќа дека ѝ се ближи крајот, го открива својот идентитет: нејзиниот татко, Џејмс Фицпатрик, бил Ирец кого сиромаштијата го принудила на порочен живот и кој подоцна бил погубен како друмски разбојник; мајка ѝ, Мери Фландерс, исто така, била престапничка; а Мол кон крајот на животот купила имот во Голвеј, на западниот брег на Ирска, тестаментот го потпишала како Елизабет Аткинс, а умрела на 10 април 1723 година, во 75. година од животот. Подоцна, во 1776 година, божем врз основа на „новопронајдените ракописи на Даниел Дефо“, била објавена уште една книга со наслов „Повеста на Летиција Аткинс, просто наречена Мол Фландерс“.B. N., „Beleška o piscu“, во: Danijel Defo, Mol Flanders. Rad, Beograd, 1963, стр. 356-357.

Независно од тоа дали романот е заснован врз вистинити настани или не, тој остава таков впечаток и се одликува со природност во излагањето. Токму поради таа привидна вистинитост и совршената илузија, романот претставува ремек-дело и претставува еден од најдобрите примери на реализмот во книжевноста. Притоа, „вистинитоста“ е постигната со примена на методата на непосредна нарација и со натрупување на ситни настани и забелешки. Мол Фландерс ја раскажува својата повест во прво лице, а во нејзиното простонародно раскажување има многу повторување, задржување на ситници, истакнување на неважни факти, претерана точност и заплеткувања. Иако романот е составен од ситни и неважни настани, нивното вкупно дејствие е такво што неинтересните ситници се претвораат во интересна целост. За Дефо не постојат заплетот и композицијата, туку раскажувањето е поставено во хронолошко и праволиниско редење на настаните; неговите ликови се негативни и не се многу изразени; во делото нема описи на природата ниту вистиснки дијалог; најпосле, нема ниту поетски восхити, ниту хумористични расположенија, ни филозофски размислувања. Сепак, „Мол Фландерс“ е извонреден роман, единствен по својата убедлива вистинитост која го отстранува сите други недостатоци; проста, непосредна и искрена книга за народот. Несреќната историја на Мол Фландерс претставува критика на тешката економска состојба и на неправедниот општествен поредок, а таа, иако во основа е негативен лик, добива ореол на маченичка.B. N., „Beleška o piscu“, во: Danijel Defo, Mol Flanders. Rad, Beograd, 1963, стр. 357-358.

Наводи

Категорија:Дела на Даниел Дефо Категорија:Англиски романи Категорија:Романи на англиски јазик Категорија:Романи кои се одвиваат во Англија Категорија:Романи кои се одвиваат во САД Категорија:Книги од 1722 година