Македонска берза за хартии од вредност АД Скопје — посредничка финансиска установа во Македонија. Таа е организирана како акционерско друштво со седиште во Скопје и се занимава со организација, извршување и регулирање на трговијата со хартии од вредност. Таа е прва и единствена финансиска установа од ваков тип во историјата на Македонија, а нејзиното работење се заснова врз Законот за хартии од вредност.
Историја Македонската берза за хартии од вредност е основана на 13 септември 1995 година, кога во домот на пратениците во Скопје се одржа основачкото собрание. Берзата била основана како акционерско друштво што работи на непрофитна основа, со основачки капитал од 1 милион германски марки. Македонската берза АД Скопје ја основале 19 правни лица, од кои: 13 банки, 3 осигурителни друштва и 3 штедилници. Овие 19 основачи станале нејзини први членки со право на тргување на берзата. Целиот проект на основање на Македонската берза бил реализиран со техничка помош на British Know-How Fund. Во рамките на овој проект била реализирана и обуката на првата генерација брокери.
И покрај тоа што била основана во септември 1995 година, роденденот на Македонската берза се поврзува со 28 март 1996 година, кога официјално започнало тргувањето. Во нејзината почетна развојна фаза, на берзата се тргувало двапати во неделата, во вторник и четврток. Склучувањето на трансакциите се извршувало на „берзанскиот паркет“ во салата за тргување преку методот на континуирано наддавање и моделот на „пазар придвижуван од налози“. На 16 октомври 1996 година, Македонската берза била примена за полноправна членка на Федерацијата на евроазиски берзи (FEAS).
1997 година била прва година на активно функционирање на Македонска берза. Во февруари 1997 година бил донесен новиот Закон за издавање и тргување со хартии од вредност, со кој била наметната обврската сите трансакции со хартии од вредност во Македонија да се реализираат на берзата. Исто така, берзата ја лансирала и својата интернет-страница, со цел да обезбеди основни информации за берзата, како и дневните листи од тргувањето.
Во 1998 година започнало тргувањето преку блок трансакции, со кое се обезбедило јавно и транспарентно окрупнување на сопственоста во компаниите. Истата година, по повод двегодишнината од почетокот на тргувањето на берзата, била промовирана книгата „Берзански прирачник“. На 9 ноември 1998 година, Македонската берза ја посетил Неговото Височество, Принцот од Велс.
Во текот на 1999 година, најголемиот дел од остварениот промет се реализирал на неофицијалниот пазар, на кој доминирале блок трансакциите поврзани со приватизацијата на претпријатијата. На берзата биле котирани акции само на две банки. Сите нови емисии на акции во 1999 година биле реализирани во форма на приватен пласман, наменети за познати купувачи. Во декември 1999 година бил изменет Законот за хартиите од вредност со што била извршена дематеријализација на хартиите од вредност и било воведено централизираното водење на евиденцијата за сопственоста на акциите во Македонија. Истиот месец, согласно договорот помеѓу Македонија и Светската Банка, под раководство на експертски тим од Кралството Норвешка, започнала реализацијата на проектот за изработка на физибилити студија за развој и имплементација на Централниот депозитар за хартиии од вредност.
Во јануари 2000 година, Одборот на директори на Македонска берза формално ја усвоил иницијативата за воведување на систем за електронско тргување. Во септември 2000 година, во Скопје, Македонската берза била домаќин на Годишното собрание на FEAS, а во декември истата година бил потпишан договор со Љубљанска берза и Министерството за економска соработка и развој на Словенија за користење техничка помош за имплементација на електронскиот систем на тргување.
Почнувајќи од месец мај 2001 година се зголемил бројот на тргување во текот на неделата од два на три дена на тргување. Во април престанало тргувањето на берзанскиот паркет и започнало електронското тргување со хартии од вредност со помош на Берзанскиот електронски систем на тргување (БЕСТ). Истиот месец бил потпишан и Меморандумот за соработка со Љубљанската берза. Летото 2001 година биле усвоени измените во Законот за хартии од вредност, со кои берзата се трансформирала во профитно акционерско друштво. Неколку месеци по воведувањето на БЕСТ, бил промовиран и првиот официјален берзански индекс- Македонски берзански индекс (МБИ), чиј состав влегле петте најликвидни акции. Во декември 2001 година започнал процесот на целосна дематеријализација на акциите на повеќе од 670 друштва во државата и работата на Централниот депозитар за хартии од вредност. Со тоа, водењето на акционерските книги било пренесено на Депозитарот, со што била оневозможена манипулацијата со правата на акционерите.
Во јануари 2002 година, берзата го зголемила бројот на денови на тргување на четири дена во неделата, од понеделник до четврток. Во февруари бил усвоен Законот за преземање на акционерските друштва, како последна нормативна алка во регулативата од областа на пазарот на хартии од вредност во Македонија. Во март бил потпишан Меморандумот за соработка со Атинската берза. За котираните хартии на Официјалниот пазар на берзата биле воведени ценовни ограничувања од +/-10% од нивната последна официјална просечна цена. Во 2002 година била котирана и првата емисија на обврзници за денационализација издадени од Република Македонија.
Во јануари 2003 година Македонската и Белградската берза потпишaле меморандум за соработка, а слични меморандуми биле потпишани во мај со берзата од Загреб и во октомври со Бугарската берза. Во октомври бил промовиран новиот портал на берзите од Југоисточна Европа, за кој Македонската берза била еден од главните иницијатори. Порталот бил развиен од страна на Љубљанската берза и претставувал прва фаза на процесот на информатичко поврзување на берзите од регионот (Љубљана, Вараждин, Бања Лука, Сараево, Белград, Подгорица и Скопје).
Во февруари 2004 година била котирана третата емисија на обврзниците за денационализација издадени од Република Македонија. Во мај стапил во сила новиот Правилник за котација на хартии од вредност. Истата година, берзата ја издала електронската публикација „Факти за котираните компании“ во која се анализираат финансиските извештаи доставени до Берзата од страна на котираните компании.
Во 2005 година Македонската берза била примена за дописна членка на Федерацијата на европските берзи (FESE), а била воведена и софтверската апликација СЕИ-НЕТ како официјален и единствен начин на доставување на податоци од котираните друштва до берзата. Кон крајот на годината бил донесен и новиот Закон за хартии од вредност, со кој се извршило натамошно прилагодување на регулативата од областа на хартии од вредност со директивите на ЕУ и принципите на IOSCO.
Во текот на 2006 година прометот на берзата пораснал значително како резултат на повеќе фактори: нагласениот прилив на странски портфолио инвестиции, појавата на двата приватни пензиски фондови, приватизацијата на ЕСМ и продавањето на државниот капитал во повеќе акционерски друштва, меѓу кои и Македонски Телеком АД Скопје. Во јуни 2006 година бил усвоен Кодексот на корпоративно управување наменет за котираните акционерски друштва. Во септември 2006 година бил потпишан Меморандум за соработка помеѓу Македонската берза и Виенската берза.
2007 година била најуспешната година во историјата на Македонската берза: бил остварен промет од 41,7 милијарди денари, а македонскиот берзанси индекс МБИ-10 ја достигнал својата највисока вредност, пробивајќи ја границата од 10 000 индексни бодови. Во текот на годината започна примената на новите правила за работење, а берзата се преселила на нова локација. Во последниот квартал од годината биле промовирани берзанскиот веб магазин МБМонитор и Прирачникот за корпоративно управување во македонските акционерски друштва. Исто така, бил потпишан Меморандумот за партнерство помеѓу берзите од Белград, Скопје, Загреб и Љубљана.
Во 2015 година, со финансиска помош од Европската банка за обнова и развој во износ од 540.000 евра, Македонската берза го реализирала проектот за поврзување на македонските брокери со брокерите на берзите во Загреб и Софија. За таа цел била формирана заедничката компанија „СЕЕ линк“ ДОО - Скопје (Southeast Europe Link).„Се поврзуваат берзите во Скопје, Загреб и Софија“, Утрински весник, година XVI, број 4716, сабота-недела, 21-22 февруари 2015, стр. 9.
Организација и дејност Македонската берза е акционерско профитно друштво а како нејзини акционерите се јавуваат 6 банки, 9 брокерски куќи, едно осигурително друштво и две физички лица. Со Македонската берза раководи главниот извршен директор, кому непосредно му помагаат Советникот на управата (кој раководи со Дирекцијата за општи и административни работи) и правните советници од Дирекцијата за правни работи и членство. Едно ниво подолу во организациската хиерархија се наоѓа извршниот директор, во чија надлежност е Дирекцијата за информатичка и техничка поддршка, а исто така, нему му одговараат и директорот на Секторот за деловни операции.Македонска берза за хартии од вредност АД Скопје
Основачкиот капитал на Македонската берза изнесува 500 000 евра. Тргувањето со хартиите од вредност кои котираат на берзата се врши преку официјалниот и неофицијалниот пазар. Цел на Берзата, во рамките на своето работење е да обезбедува: Законитост во тргувањето со хартии од вредност; Почитување на правилата на Берзата од страна на сите учесниците во работењето Заштита на интересите на учесниците на Берзата и Информирање на јавноста за прашањата значајни за работата на Берзата.
Во ноември 2016 година, „Шпаркасе банка“ преку нејзиното Одделение за работи со хартии од вредност, станала 11. овластен учесник на Македонската берза.„Шпаркасе банка нов учесник на берзата“, Утрински весник, година XVII, број 5239, вторник, 22 ноември 2016, стр. 9.
Мисија и визија на Берзата Мисија на Македонската берза АД Скопје е да обезбеди ефикасно, транспарентно и сигурно функционирање на организираниот секундарен пазар на хартии од вредност во Македонија, преку перманентно настојување на сите инвеститори да им обезбеди влез, односно излез од сите финансиски инструменти со кои се тргува на различните берзански пазари по фер пазарна цена, сè со цел да помогне во градењето доверба во македонскиот пазар на хартии од вредност.
Од аспект на пазарот на хартии од вредност, овие активности подразбираат промени и усогласувања на нормативните акти и практиката во сферата на деловното однесување со принципите и легислативата на ЕУ. Истовремено, ќе биде потребно прилагодување на работењето на пазарните учесници кон ова ново опкружување и постапна подготовка за соочување на македонскиот пазар на хартии од вредност со конкуренција на повеќе нивоа. Затоа, во наредните години приоритет ќе биде развојот на Македонската берза во добро организиран и модерен секундарен пазар на хартии од вредност кон кој и натаму ќе гравитираат мнозинството домашни инвеститори, како и странските инвеститори кои одлучиле да вложуваат на „пазарите во појавување“. Тоа значи дека Берзата мора да создаде механизми, процедури и проекти со чија реализација ќе биде во состојба да го поднесе притисокот на конкуренцијата што ќе се создаде поради процесите на интеграција на земјата во ЕУ. Тоа подразбира дизајнирање на стратегијата за подобрување на нивото на понудата на пазарот преку задржување на котираните компании кои својот деловен интерес ќе го идентификуваат во котација на Берзата и развивање на нови финансиски инструменти, што ќе можат да ја апсорбираат веќе нараснатата побарувачка.
Постапка за прием на редовен пазар