Кичевско-поречки дијалект — дијалект што спаѓа во подгрупата на централни дијалекти на западното наречје на македонскиот јазик. Кичевско-поречкиот дијалект е близок дијалект со прилепско-битолскиот дијалект и со останатите дијалекти на централната подгрупа. Овој дијалект, заедно со останатите дијалекти од централната подгрупа, се основата врз која се темели стандардниот македонски јазик.

Територија и граници Дијалектот се зборува на територијата на областа Кичевија, односно во градот Кичево со околните рамничарски села, планинските села во подножјето на Бистра и Буковиќ, кои ја претставуваат дијалектната тромеѓа со горнополошкиот и галичкиот говор, потоа во селата по долината на Треска и нејзините притоки, од изворишниот дел во областа Копачка, по целото течение во Порече, сè до последното поречко село Здуње, каде што на север допира до тетовскиот и скопскиот каршијачки говор на североисток. Источно преку планините Даутица и Караџица избива на областа Азот, во Велешко, додека југозападно завршува на Пресека, каде што преку Дебрца граничи со охридско-струшките говори, а југоисточно некаде на границата помеѓу Копачка и Железник, од каде што продолжуваат прилепско-битолските говори. Овој дијалект е застапен во две градски населби, во Кичево и гратчето Македонски Брод, како и во повеќе од 100-тина села кои се наоѓаат на оваа територија.

Говорни целини Од фонетко-фонолошки, како и од морфолошки аспект, кичевско-поречкиот дијалект не е единствен на целата територија. Поради тоа, се дели на три помали говорни целини: Кичевски говор, кој го зафаќа градскиот кичевски говор и рамничарските села во средишниот и јужниот дел од областа Кичевија, целата област Копачка, како и селата по долината на Рабетинска Река. Тајмишки говор, кој се зборува во четири села на падините на Бистра и Буковиќ (Тајмиште, Лешница, Мидинци и Букојчани). Поречки говор, распространет по целата област Порече.

Фонолошки одлики На местото на самогласното л овде има рефлекс самогласно л со извесен мал призвук пред него: жăлт, вăлна и др. На југ и на исток оваа особеност се простира со прилепско-битолското подрачје. Самогласните групи еа, оа во овие говори не се менуваат и упростуваат: гоедо од говедо, стреа од стреха. Прасловенските групи *stj, *skj, *zdj, *zgj се заменуваат со шт, жд: клешти, глуждот, дождот и др. Во кичевското подрачје гласовната секвенца ни во повеќесложни зборови во положба зад друга самогласка со метатеза се изменила во ин, а потоа во јн како и во охридскиот говор: воденица – водеинца – водејнца.

Морфолошки одлики Личните и роднинските имиња од машки род што завршуваат на согласка и на самогласката е се јавуваат со наставка у во дативни конструкции: Му реков Стојану, Душану. Именките што завршуваат на е во дативната форма се јавуваат со наставка -у но во корелација со согласката т од општата форма: Петрету, Крстету. Под ова се подведуваат и роднинските имиња: чичету, татету. Старата дативна наставка -ове (ое) ја среќаваме во дативна конструкција кај именки што завршуваат на о: Му дадов Јанкое, Маркое, а ова се однесува и на роднинските имиња. Дативна падежна наставка од некогашни меки основи на -и се генерализирала кај лични и роднински имиња, на пример, ѝ (је) реков Мари, ѝ (је) дадов Цвети, ѝ (је) реков вујни, стрини и др. Со синтетички дативни форми се изразува посесивно значење: му реков татко му Андону, Татко је Даници го пратија дома. Во другите централни говори ваквите изрази ги среќаваме со предлогот од или на и општата форма: речи му на брат му на Андона. Формата на личната заменка за прво лице еднина е ја. По аналогија на еднинските форми мене ме виде и мене ми рече долгите заменски форми во акузатив и во датив се изедначиле, долгата форма нас се наложила и во акузатив и во датив: нас нѐ виде и нас ни рече, наместо нам ни рече. Во трето лице се обопштила дативната форма. Ним им рече во датив ја среќаваме и во акузатив ним ги виде, наместо нив ги виде. Употреба на деминутивната наставка –уле : детуле. Наставката за прво лице множина во минатите определени времиња од -вме се изменила со -вне: бевне, рековне, можеби за ова помогнал елементот н од заменката ние. Во трето лице еднина во сегашно време се чува наставката -т : одит, спиет, носит, викат. Кај глаголите во прво лице еднина во сегашно време редовно испуштање на наставката –м : ода, јада, шета, гледа, спија, уча, зборува. Кај глаголите од несвршен вид во трето лице еднина и множина во употреба на наставката -ува преку редукција се добива наставка –уј, а со редовното додавање на живата наставка –т се добива –ујт: зборува-зборујт, пишува-пишујт, влегува-влегујт, качува-качујт.

Разлики меѓу кичевскиот и поречкиот говор Во подрачјето од кичевскиот говор што се граничи со преспанскиот регион се јавува промена на самогласните групи оа и еа како што се измениле и во охридско-преспанското подрачје, оа се изменило во долго о: ковач – кōч, товар – тōр, а еа се скратила во ја: стреа – стрја, беа – бја, ова е особеност на кичевскиот говор која поречкиот не ја познава. Во кичевскиот говор групите стр и здр се чуваат неизменети: Бистра, здравје, па дури и се вметнува секундарно т и д и во ср и зр: стребро, стреда, здрел. Во кичевскиот говор особеност е што согласната група *tъr преминала во тар: ветар, итар. Во поречкиот говор стр, здр се упростиле и преминале во ср и зр: сесра, зравје. Во поречкиот говор во прасловенската група *tъr се вметнал секунадрен глас О: ветор, итор, а овој секундарен глас се јавува и во групата *tъn: огон. Поречкиот говор на север граничи со скопското подрачје, па со него споделува некои одлики. На пример, кај именките од среден род на е ја среќаваме множинската наставка -иќи: пилиќи, прасиќи. Оваа наставка веројатно се има пенетрирано од северните говори. Во поречкиот говор како и во Скопско наставката за глаголскиот прилог се јавува како –јќе: одејќе, носејќе, а поретко се јавуваат формите одејќи. Од северните говори преку Скопско во поречкиот говор има навлезено и предлогот уз со значење покрај (на пр. уз река).

Примери Поречки дијалект

Кичевски дијалект

Песна „Омарно жешко сонце“ Омарно жешко сонце грејт и никој на земата не смејт очи да отворит, ура, ура. И никој на земјата не смејт очи да отворит, напред, напред.

Ја народ црнејт, таму на брего и ноќта ангел јасно викаше: „О, Боже, до кога и до Бога?“ и ноќта ангел јасно викаше: „О, Боже, до кога и до Бога?“

Наводи

Поврзано

Македонски јазик Македонски дијалекти

Категорија:Македонски дијалекти