Гостиварски дијалект или горнополошки дијалект — дијалект што спаѓа во подгрупата на западни и северозападни дијалекти на западното наречје на македонскиот јазик. Дијалектот се зборува во областа Горни Полог, односно во градот Гостивар со околните села, во соседната област Горна Река и во селата покрај брегот на Мавровското Езеро. Гостиварскиот дијалект е близок дијалект со кичевско-поречкиот дијалект и со реканскиот дијалект. Дијалектот е карактеристичен по тоа што нема поделба на машки и женски директен и индиректен објект.

Фонолошки одлики

Фиксиран акцент на третиот слог од крајот на зборот како во стандардниот македонски јазик. Стариот ѣ е заменет со е Отсуство на гласот х од фонолошкиот систем, комплетно заменувајќи го со в : страх – страв; прах-прав, бех-бев... Употреба на а наместо јон и јен  Согласната група цвь- добива резултат цу- : цути.

Морфолошки одлики

Лична заменка за прво лице еднина е ја. Лична заменка за прво лице множина е мие. Употреба на дативната кратка заменска форма за машки род во индиректен објект и за женски род : Дај му ја топкава на Тони / Дај му ја топкава на Ивона. Скратување на наставката -ови во -ој кај едносложните именки од машки род: столови-столој, волови-волој. Употреба на трите членови : човеков, човекон, човекот. Се чува наставката -т кај глаголите во трето лице еднина: одит, јадет, гледат, спиет… Употреба на глаголските форми со има/нема + глаголска придавка во среден род : Имам носено, немам јадено. Жива употреба на формите на минатото неопределено свршено и несвршено време што е одлика во стандардниот македонски јазик: сум одел, не сум гледал, сум ја прочитал оваа книга.

Наводи

Категорија:Македонски дијалекти