Кежовица или Штипска Бања — бањски центар кој се наоѓа на десниот брег на реката Брегалница, на околу 2км југозападно од центарот на Штип, на излезот од Ново Село, кое е споено со овој град, на меѓусебна оддалеченост од околу 300 м се наоѓаат појавите на термоминералните води Кежовица и Л’џи, кои лежат на ист расед. Наоѓалиштето на овие термоминерални појави, е расположено помеѓу ридовите „Исарот“ и „Кумлако“ од левата, и „Мерите“ од десната страна на р. Брегалница. Пред 25 години, на Кежовица постоела стара каптажа, чија термоминерална вода се користела исклучиво за лековити цели. Денес на ова место постои нова бања, со уредени санитарни бањи и базени, како и центар за рехабилитација. Инаку, Кежовица како бања е позната уште од турско време, кога таа се користела за здравствени цели и лична хигиена на жителите. Пишувани податоци за постанокот на бањата постојат, но се претпоставува дека истата била изградена од страна на Турците на крајот на XVII век и тоа во примитивна зграда со базен. Термоминералните води во околината на Штип се јавуваат во горнојурски гранити, и тоа бањата Кежовица во непосредна близина на главниот расед, во контактот на гранити и горноеоценски флишни седименти, додека изворите Л’џи се наоѓаат во самите гранити. Треба да се напомене, дека водата во изворите Л’џи не е константна, туку е во зависност од речната вода на Брегалница. Главниот извор Л’џи има издашност која варира од 1-1,5 литри во сек., а температурата на водата варира од 50-62оС. Карактеристично е, дека со зголемувањето на нивото на р. Брегалница, покрај капацитетот на термоминералната вода на изворот Л’џи, се зголемува и температурата на оваа вода. Температурата на главниот извор на бањата Кежовица, е 57оС, а излезноста 7 литри/сек. Бањата Кежовица, според својата радиоактивност, спаѓа во ред на најрадиоактивните термоминерални води, не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот. Инаку, подземјето на околината на Штип обилува со големи термоминерални води, а водата покрај за лековити цели како и за рекреативни, може да се користи и за топлификација и за енергетски цели, како и перспективно за електрификација.Васил Недков, Термално-минерални извори и бањата Кежовица, „Географски разгледи“, кн. 5, Скопје, 1967

Поврзано Штипска Сатеска Штипска тврдина

Наводи

Надворешни врски Герасимов, Дарко (2017) Хидрогеолошки одлики на геотермалниот систем на бањата Кежовица - Штип. Магистерски труд, Универзитет „Гоце Делчев“

Категорија:Бањи во Македонија Категорија:Ново Село (штипска населба) Категорија:Знаменитости во Штип