Лажниот гавијал (Tomistoma schlegelii) познат и под името Малајски гавијал е влекач кој живее во слатки води. Наликува на крокодил со многу тенка и издолжена муцка слична на гавијалот, одкаде го добива и името.
Особености Поради морфолошките одлики, ова животно долго време било класифицирано во фамилијата Crocodylidae, но со најновите имунолошки истражувања се покажало дека е всушност многу поблизок до гавијалот отколку што се мислело претходно. Денес заедно со фосилните роднини од Maroccosuchus се ставени во фамилијата Gavialidae.
Живеалиште Природното живеалиште на лажниот гавијал се шест речни системи во Суматра и Малезија. Исто така го среќаваме и во Борнео, Јава, Виетнам и Тајланд (не е забележан од 1970 година). Фосили од овој вид пронајдени во јужна Кина укажуваат на тоа дека во одреден период овој вин ги населувал и тие региони.
Размножување И лажниот гавијал како и останатите крокодиловидни видови се размножува со јајца. Сè уште е непознато кога е периодот на парење во дивината, и кога е периодот наположување на јајцата. Женките обично достигнуваат полова зрелост кога се со големина од 2-3 метри. Женките положуваат 30-60 јајца во гнездата во форма на ритче изградени од суви листови или тресет. Откако ќе ги положи јајцата и ќе го изгради гнездото женката го напушта. За разлика од повеќето други крокодиловидни видови, младите на лажниот гавијал немаат никаква родителска грижа и многу често завршуваат како плен на грабливци како мунгосот, големи мачки како тигар и леопард, виверови и диви кучиња. Младите излегуваат од јајцата после 90-дневен период на инкубација.
Заштитен статус Лажниот гавијал е загрозен вид во повеќето региони каде што е распространет. Најголема опасност претставува сушењето на слатководните мочуришта и уништувањето на околните дождовни шуми. Овој вид е често ловен поради неговата кожа и месо. Исто така неговите јајца се собирани од луѓето кои ги конзумираат. Сепак, преземени се позитивни мерки од малезиската и индонезиската влада за да се заштити видот од изумирање. Се проценува дека има околу 2500 единки. Во Европа и во САД се создадени и фарми за одгледување.
Потекло на поимот Името на родот Tomistoma доаѓа од грчкиот збор tomos (остар) и stoma (уста), поради формата на муцката кај овие животни Името на видот schlegelii е по германскиот зоолог Херман Шлегел (Hermann Schlegel)
Галерија
Наводи
Надворешни врски Database entry includes a brief justification of why this species is endangered and the criteria used ARKive Images BBC News: 'Match-making' for rare male croc Tomistoma schlegelii - Опис со фотографии во заробеништво во Чешка
Категорија:Крокодиловидни